|
||||
Христо Андоновски |
Христо Андоновски (15. IX. 1917 - Скопје, 1. VII. 2002) - учител, деец на Македонското национално ослободително движење во Егејскиот дел на Македонија, новинар, публицист и општественик. Христо Андоновски роден е на 15 септември 1917 година во селото Цакони, Мегленско, Егејскиот дел од Македонија. Основно училиште завршил во родното село, а гимназија на грчки јазик во Воден. Во 1940 година Христо Андоновски дипломирал на Педагошката академија во Солун, а потоа работел како наставник во мегленските села и во градот С’ботско (Аридеја). Во текот на Втората светска војна, неколку месеци по окупацијата на Грција, Андоновски влегува во Движењето на отпорот во Грција. Во есента 1941 година тој ја организара младината во село Долно Пожарско, а потоа бил поставен за одговорен по Агитпроп во Реонската организација на Кумунистичката партија на Грција (КПГ) во С’ботско и одговорен во Реонскиот комитет на Национално ослободителниот фронт (ЕАМ) за Јужен Меглен, со седиште во село Драгоманци (Апсалос). Во летото 1944 година Христо Андовски бил назначен за организационен секретар, а потоа и за политички секретар на Градскиот комитет на КПГ за Воден (Едеса). Наскоро бил примен кооптиран за член на Поширокиот состав на Окружниот комитет на КПГ за Воденскиот округ. На оваа позиција останува од декември 1944 па се до 26 февруари 1945 година кога поради несогласување со дискриминаторската политика на КПГ по македонското национално прашање, преминал во НР Македонија (ФНРЈ). По започнувањето на Граѓанската војна во Грција (1946 - 1949), како голем патриот и искусен македонски револуционер, Андоновски се вратил во родниот крај. Во периодот од јануари 1947 до декември 1948 година, тој зел активно учество во Граѓанската војна во Грција Андоновски бил одговорен за печатот при Агитпроп на Главниот одбор на НОВ за Егејска Македонија. Заедно со Павле Раковски, Паскал Паскалевски, Фоти Илковски и други, Андоновски учествувал во уредувањето на весникот „Непокорен“ кој служел како буквар (читанка), но и како национално идеолошко политичко оружје на Македонците во неговата борба за национална слобода. Но, поради новиот судир со КПГ по македонското национално прашање, пак се вратил во НР Македонија. По доаѓањето во Македонија, Андоновски се вработил како уредник на емисиите на Радио Скопје за нашите сонародници во Егејскиот и Пиринскиот дел на Македонија, а од 1951 до 1954 година бил главен уредник на весникот „Глас на Егејците“. Во текот на 1954/55 година бил дописник на „Нова Македонија“ од Софија, а потоа во истиот весник 15 години бил уредник на страницата „Нашите во светот“. Од 1969 година па се до заминувањето во пензија во 1983 година, Христо Андоновски бил главен и одговорен уредник на списанието „Македонија“ на Матицата на иселениците од Македонија. Автор е на голем број статии во разни списанија („Гласник“ на ИНИ, „Културен живот“, „Македонска ревија“, „Македонско време“, „Разгледи“, „Современост“ и др.). Учествувал и на повеќе научни собири. Основната публицистичка определба на Христо Андоновски е минатото и современоста на Егејскиот дел на Македонија. Тој е автор на повеќе публицистички трудови меѓу кои се: „Егејска Македонија“ (1951), „Мегленската област во НОБ“ (1961), „Македонците под Грција во борбата против фашизмот“ (1968), „Драмско востание“ (1969), „Дипломатската антимакедонска игра“ (1970), „Вистината за Егејска Македонија“ (1970), „Револуционерот Лазо Трповски“ (1975), „Странците за Македонија и Македонците“ (1978) и „Јужна Македонија од Античките до денешните Македонци“ (1995). Христо Андоновски е добитник на медал за заслуги за афирмација на својата татковина „Св Апостол Павле“. Умира на 1 јули 2002 година во Скопје. Тихомир Каранфилов |