|
||||
Битуше |
Битуше се наоѓа во западниот дел на Република Македонија. Распослано е во китното зеленило на Дешат, над кое е надвиснат горостасниот Крчин. Поблиску кажано, Битуше се наоѓа во атарот на националниот парк „Маврово“, на 25 километри јужно од Маврово и на дваесетина километри северно од Дебар. Пред него, на источната страна од Радика па нагоре до над 2000 метри надморска височина се издига планината Бистра со бисерот на нашата средновековна култура, манастирот „Свети Јован Бигорски“. Битуше заедно со соседните села Ростуше, Велебрдо и Требиште претставува засебна оаза со свои специфични белези и карактеристики. Пишани документи за потеклото и постанокот на селото, барем засега нема. Како што нема ни изворни податоци за името. Евентуалните археолошки истраги, посебно во месноста Добје, најверојатно ќе одгонетнат многу тајни и ќе откријат вредни податоци и сознанија за животот не само во Битуше туку и пошироко во регионот на Долна Река. Зашто иако засега е познато дека Битуше како посебна селска населба се среќава во турските пописни дефтери од 15 век и подоцна во архивските материјали во манастирот „Свети Јован Бигорски“ постојат сознанија дека Битуше е многу постара населба. Па дури дека извесен Јован или Иван како еден од 70-те ученици на Климент и Наум е Битушанец и дека тој е ктитор на манастирот „Свети Јован Бигорски“ односно дека овој монах ја донел иконата на Свети Јован од изгорениот манастир во селото Слатино, Дебарца, кој пак бил запален во почетокот на 10 век и го носел името на овој светец. А што се однесува до името, познатиот научен работник д-р Аритон Поповски корените на потеклото ги наоѓа во старословенското име Битух. Битуше во својот развој никогаш немало повеќе од сто и дваесетина куќи, колку што има и сега. Според расположивите податоци од крајот на 18, целиот 19 и првите 50 години на минатиот век, бројот на постојаните жители на селото се движи меѓу 560 и 580 за по 1961 година Битуше, како и сите мијачки села на Бистра да го зафати бранот на миграцијата, а со тоа и бројот на постојаните жители денес да се сведе на нешто повеќе од шеесетина. За миграцијата и миграционите движења, колку што свое влијание имаа ново настанатите општествено-политички и стопански прилики, исто толку, ако не и повеќе, свое влијание имаше и изменетиот начин во обезбедувањето на животната егзистенција. Ако до педесеттите години од минатиот век, живеачката се обезбедуваше преку мачното и тешко печалбарство, во поново време, наместо за ѕидарско-фасадерскиот занает, младите се определуваат за учење. Младите Битушани масовно се запишуваат во средите училишта, вишите школи и на факултетите, па немајќи можност со дипломите да се вработат во својот роден крај, почнаа да го напуштаат селото, преселувајќи се во Скопје, Тетово, Гостивар и други места. Кога веќе станува збор за стручно-образовниот профил на селото да го забележам и ова: Битуше не е село само на прочуени ѕидаро-фасадери или село на учители, туку е село што ги познава сите струки, занимања и професии. Единствен занает што не бил практикуван во ова село е калајџиството. Битуше е единствено и меѓу 23-те села од десната страна на Радика, разместени по огранките на Кораб и Дешат, во кое не е извршена исламизација на населението. Со векови егзистира како чисто христијанско село. Зошто османлиите не извршиле потурчување и во ова село не е познато. И покрај ова, Битуше и Битушани со векови живееле во братска слога со неисламизираните како и со исламизираните жители на овој крај. Битуше е село на чешми. Изградени се и уредени вкупно 22, во селото, ливадите, над селото и во битушкиот орман. Селото има пат црковни градби: едната сред селото е „Св. Архангел Михаил“, другата „Св. Илија“, е спроти манастирот „Св. Јован Бигорски“ во месноста Добје, третата „Св. Спас“ е на Покладишќа, две други цркви се изградени на Крчин. Навистина селото сега има нешто повеќе од шеесетина жители, но него постојано, а особено во летниот приод и за Водици, го посетуваат голем број иселени Битушани кои му го враќат вриежот на животот каков што бил некогаш. Битуше е поделено на две маала: Село и Ранчевци, а меѓу нив како спојка е третото маало Топузовци. Но, секој сокак си има и свое маалско име – од Била до Синџира. Селото е од збиен тип, а стрмниот терен и ограничениот простор за градба, на битушкиот неимар му дале можност до максимум да ја изрази својата креативност во искористувањето и обликувањето на просторот, изобилно користејќи го каменот, како основен градежен материјал. Куќите во Битуше обично се на два или три ката, а само три куќи во селото имаат по четири ката. Во Битуше за време на Народно-ослободителната војна, во ноември 1942 година, проработи Првата партизанска печатница во Македонија. Целото село беше на страната на НОИВ и ПОМ и од него излезе еден народен херој Тихомир Милошески – Тиќо и петмина носители на Партизанска споменица 1941 година. (Подготви Марко Китевски) |