Среда, 10 Ноември 2021    PDF Печати Е-пошта
Свадбарски обичаи од село Мрзен Ораовец

Од книгата „Мрзен Ораовец – Живот што тлее во пепелта на згаснатите огништа“ од Добре Ставров, Кавадарци 2006 г.

svadbaВо постаро време мажењето и женењето се одвивало преку стројници, повеќе по договор на родителите, отколку по волја и желба на младите. Тоа се луѓе кои имаат дарба да откријат каде може да дејствуваат и моќ да убедат за стапување во брак. Се разбира тоа не го прават само од желба некого да усреќат, ами и добро да си наплатат преку дар од младоженците, да добијат кошула, панталони или чевли, па дури и цело одело. Првото одење на стројникот кај момата со член од семејството на момчето, кога се дава збор за согласност се вика строј. Потоа следува веридбата (свршувачката) на која стројниците добиваат волнени чорапи и опашалки. Од најстарата генерација во селото најпознат стројник е Кољо Настов – Смаилот, кој стројниклакот го обавува во првите трисесетина години, а по него некаде до почетокот на педесеттите години најусепешен е Киро Ј. Алексов. Коло е познат како растурач на бракови, ако не е задоволен од дарот што не е случај со Киро. Но ова не значи дека сите се женат со стројници, особено после Првата Светска Војна. После ослободувањето стројниклакот нагло опаѓа, бидејќи мажачката и женачката се повеќе е израз на взаемна волја и љубов на младите.

Свадбата е проследена со песни, свирки и ора и со многу обичаи и верувања. Со праќањето на стројниците, па преку канењето на кумот (нункото) и старосватот, определувањето на деверите, месењето на погачата, забричувањето и облекувањето на младоженецот испраќањето на ковчежарите, одењето на сватовите, обичаите во домот на невестата, венчавањето и првичињата што следуваат потоа се проследени со многу обичаи, се со цел да обезбедат долг и среќен живот на младенците како и здрав и долговечен пород со што се продолжува семејната лоза. Во таа смисла постојат обичаи да се заштитат младите од ѓаволи, магии и уроци: менување на патот (по еден пат одат, а по друг се враќаат со невестата), прекривање на лицето на невестата со вел од погледите на присутните, да не се сретнат и видат две невести за време на свадбата и друго.

За свадба се кани во вторник навечер со ракија, во дрвена резбарена карта, на која има врзано цвеќе и јаболко. Секој поканет на јаболкото набива метална паричка. Се кани во вторник за да има време поканетите да идат на пазар и да купат подароци за свадбата, со еден збор – да се подготват за свадбата.

Момински чеиз (Руба)

Изготвувањето на чеизот е тесно поврзано со љубовните чувства на секоја девојка, проследено со многу трепети, мечти и соништа за иднината. Тесно е поврзано со традицијата која се пренесува од постарите на помладите, но и со новите трендови во облекувањето и со новите потреби во начинот на живеењето.

Девојчињата во селото уште од десетгодишна возраст се учат да предат и плетат, од тринаесеттата- четиринаесеттата да везат, а од шеснаесеттата-седумнаесеттата и да ткајат. Плетењето, везењето и ткаењето се ракотворби изработени со макотрпен труд во кои, до полн израз доаѓа умешноста и креативноста на македонската жена, која дава восхитувачки резултати. Јамболиите, килимите, како и плетените и везените цветни и други апликации со неверојатна геометриска точност, претставуваат вистински уметнички дела.

Рачно изработената женска руба се прави од волнен, памучен и свилен конец. Порано, до почетокот на 20-тиот век секоја девојка морала да подготви бовчалоци за дарување во свилен или памучен плик: две бовчи за момчето, кои се состоеле од дебело ткаено бело платно за долги кошули и долги гаќи (кои се носеле летно време), волнен појас, волнени чорапи, џемпер (џелетка), крпа, чевли и капа; за свекорот: една бовча со долга копула и гаќи, појас, волнени чорапи, крпа за лице, опашалка и капа шубара; за свекрвата: женска долна облека, чорапи, опашалка, крпа и шамија; за кумот и старосватот, исто како и за свекорот, за золви и девери – бовчи според возраста; за свадбените девери – кошула, чорапи, крпа за лице и деверска крпа. Дел од облеката била обвезена со свилен конец. Целата руба била рачно изработувана. Покрај бовчите секоја мома морала и најмалку по два килима и две килимчиња (лити и четворни), јамболии, чаршафи ткаени на разбој, ишарани со вајкар (купечки конец во разни бои) или свила, везени перници, плетени пердиња по 20 до 30  машки и женски опашалки 60 до 80 машки и женски волнени чорапи, крпи за лице, неколку појаси џемпери, елеци и друго. Дарот на невестата се договара уште при свршувачката.

Од дваесетте години на минатиот век откако се појавува и индустриската роба постено се менува и рубата на невестата. Бовчалакот на момчето се состои од три или најмалку две бовчи чија содржина е купечка. Бовчата се состои од: кошула, мајца, гаќи, чорапи, крпче и крпа за лице. Втората бовча со иста содржина, а третата со пиџама, без кошула. за свекорот кумот и старосватот по една бовча која се состои од кошула, долги гаќи, волнени чорапи, волнена опашалка, крпче, крпа за лице, а по можност и појас. За свекрвата долна облека, купечки чорапи, крпче, крпа за лице, шал, шамија или шкепе и опашалка; за золви и девери - бовчи според возраста, за деверите: кошула, чорапи, крпа за лице и деверска крпа со реси од свила. И покрај бовчите секоја мома мора да има подготвено како и во постаро време по два-три килими, три-четири килимчиња, една до две јамболии волнени и парталави стази, прекривачи за кревет, стапки за пред кревет, плетени килимчиња за ѕидот над креветот, 60 до 80 машки и женски чорапи (волнени и памучни), два-триесет опашални и скуталиња, плетени пердиња, прекривачи и шуштикли, памучни чаршафи, навлаки за перници и друго. Ткаените, плетените и везените работи се рачна изработка.

Подготви: Марко Китевски

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.