|
||||
Предание за црквата Св. Спас во Вевчани |
До селото Вевчани (Охридско) имат црква „Св. Спас“. Дошле Турци и испоганиле некое место во црквата; тога воеднош Св. Спас летнал и к’де шчо минал, останало местото бело како вар. Тој Св. Спас (од Вевчани) бил роднина на Св. Спас од с. Вишни (Охридско) и многу п’ти летале еден кон други како пламен. Кога го распрашував еден селанец од село Борец (Охридско) дали знае тој за горното предание селанецот ми кажа за одењето на Св. Спас од Вевчани кон с. Вишни, и додаде дека тоа било спроти самиот празник „Св. Спас“ ноќта и мнозина што се нашле ноќта будни го гледале светењето на Св. Спас. Предание за Чемберли Таш во Цариград и за Христа Коа шетал Ристос по земјата со дванаесетте апостоли, оделе многу народ по него, едни да го слушаат што кажуа, друзи да се лекуаат од секакви болести. Шетајќи Ристос насекаде, дошол и на местото кај што е сега Чемберли- таш. На истото место застанал и на народот што одел по него му кажуал божевни работи, а и лекуал од болести што имале. Ошто многу народ имало, не можел Ристос да ’и навјаса со лекуање. Коа видоа апостолите оти народот ќе остани ноќта тамо, го молиле Риста да ’и отпушти да си одат, да си бараат јадење и јастак за лежење. - Не берете гајле вие за народо што ќе јадат и кај ќе спијат – рекол. Имате нешто леб некој од вас, тоа кажете ми, друго мое гајле ет. - Имаме, Господи, само два леба – му рекле апостолите. И брго-брго му и дале на Риста да видат што ќе праи со двата леба. И зел Ристос и ’и окршил на парчиња мали, како наора, (од тоа останало наората, можеби) и му дал на апостолите да му даат на народот. Му дале апостолите и народо се најале и дваесе кошеи парчиња собрале, та на местото кај што стоел Ристос ископале една дупка и ’и клале кошеите внатре, ’и покриле со земја и ’и остаиле тамо да си стојат до ден-денеска. Поминало кој знаи колку време, се сторил некој цар рисјанин и коа се научил оти на фиљан место имало дванаесет кошеи трошки закопани од Риста, на часо заповедал да се напраи еден паметник на истото место, за чес на Риста. Паметнико бил од камен напраен и со злато позлатен. За оти било тоа место кај што стојал Ристос и кај биле закопани дванаесетте кошеи, бездруго тоа нешто го знаеле и ден-денеска го знаат светот. Така бидејќи голема мака имале Евреите стамболски коа го гледале тој паметник, мислиле, шестале како да му напраат да го сотрат од тоа место. Најпосле, преесапиле еден еврејски есап и му пошле кај турскио цар (ем сега бргу било, пред две-три стотини години, та дали двесте години, или триста, веќе не беше му кажале на прикажуачот – што ми го кажа – во Стамбол токмо годината). Му го купиле Чемберли-таш од турскио цар за безброј азно да го стопат, наместо со огон, и златото што ќе се стопи да си го земат, - со тој збор беше го купиле. Не оти тија не знаеле оти не е злато ами со ниет биле да го сотрат. Отаде, да ако дадоа безброј азно, за да не му е како глотка в очи, остаи цркви и други Ристои работи што ’и гледаат низ Стамбол, па и тој паметник да го гледаат, му идело да пукнат од мака, да затоа го купиле. Запалиле еден силен оган околу него, и откоа се стопило полеаното злато, почнал да пука камено. Штом видоа царските луѓе, оти камен излезе, а не злато и штом фатил да пука, веднаш го остаиле огнот и го куртулисале каменот да не се изгори и се расипи. Што рекле оти Турците поисавлии биле од Евреите, навистина така било, според оваа работа. Тогај и стегнале од судо Евреите да го врзат со железни обрачи. Го врзале и до ден денеска кај стои во Стамбол и се вика Чемберли-таш. Зошто горел Стамбол набрго Секој знај оти во Стамбол секоја вечер имало јанг’н и до тој век се јанг’н ќе имало, чунки бил проколнат од Свети Јоана Златоуста, коа го сурдисуале од Стамбол друзите владици, што биле собрани во тоа време, да ја врзуаат верата православна. Чунки тој бил што зборуал во додекадата најпрво, да од тоа беа го запизмиле некој богати старци и беа го сурдисале од Стамбол надвор и ошто му дошло мака дека бил стар чоек, тики го проколнал Стамбол и рекол: - Ај да би секоја вечер јанг’н да се праи во овој пусти град што ме намачи мене стар чоек, одејќи пеш на сургун, во оваа силна горештина! Така проколнуајќи Св. Јоан уште во таа вечер се започнал јанг’но и секоја вечер кај се чини јанг’н и до ден-денеска. Планината Дур-даа Му текнало еднаш на турцкио цар и издал заповест во својата држава на некоја страна да зборуат сите рисјани турцки. Кој не ќе зборуат турцки, јазикот ќе му го пресечел. Бидејќи царцка заповес, секој се мачел да зборуа турцки. Мало-големо – сите се учеле да зборуаат турцки и во неколку години сите беа се научиле да зборуаат. Дома, в чаршија и дури во црквите ватиле да си пеат по турцкио јазик. Откоа се научил царот оти сите рисјани се турцки зборуат, му се родила една мисла за да ’и потурчит тие рисјани. Еден ден го викнал патрикот на тие рисјани и го теклифил прво тој да се потурчит и после сите рисјани по него да се потурчат. Коа беше чул тие зборои патрикот, многу се оскрбил и се уплашил за тоа нешто. Арно ама патрикот бил многу набожен, тики никако не му кандисал да се турчит. На тоа згора царот му рекол еден збор на патрико многу тежок, што не било возможно тоа што сакал царот да можи да го стори патрикот. - Слушај вамо, патрик ефенди – му рекол царот – ти мене зборот наземи ми го врли, илја ја ќе се турчиш сосе сиот твој милет, ја сите под сабја ќе помините. Можи да не се потурчите, ама едно нешто ако можите да го сторите што ќе ви речам јас. Тоа нешто је од Инџили-шериф (што го пишуат азрети Исаа), во фиљан место, кај што пишуат вака: „Ако би имале вера колку синапоо зрно, да је речите на таа планина кинисај, и таа ќе киниса да оди.“ Еве три-дни мувлет ти давам, патрик ефенди, да собериш големите рисјани и да напраите една лонџа. Ако можите планината да ја проодите, што је онде каршија, ќе ве простам. Ама ако не можите да ја проодите, или ќе се турчите, или под сабја ќе помините. Коа ’и чу тие зборои патрикот, косата му се поткренала од страои. Станал и му се поклонил на царо, та си ошол на патрикаана и пратил по сите старци и големци за да дојдат кај него да му кажат тие црни абери. Не би час, дошле сите старци и му отворил зборот што му рекол на царот. Коа чуле старците тие зборои од патрико на ум сите беа станале. Мислеле, есапиле како да праат, никако умот не му ваќал. Најпосле патрикот рекол да се молат Богу три дни и три ноќи, и, ако сака Господ, можи да и послуша. чунки што е човеку невозможно Богу је возможно. Откоа беше се дало тој карар од патрико, и од старешините се испратило абер по сите места кај што имало рисјани, да се молат Богу три дни и три ноќи, и никој ништо да не касни, нити имањето што го имале да не му даат да јадат и да пијат. Коа го зеле тој абер рисјаните, сите се собрале по црквите, мало-големо, и паднале на молба на Господа за да киниса планината и да куртулисаат за да не се потурчат. Се собрале и во градо кај што седел патрико и царот, и влегле в црква, та се молиле цел ден и ноќ, без да јадат нешто и да пијат. Ислегоа првиот ден и се молија на планината да киниса, арно ама абер немала планината од тоа што се молеле тие рисјани и ни баре се помрднала од местото. Вториот ден пак се молиле, и пак бош беше му излегла молбата. Останало уште еден ден, и веќе ја да киниса планината, ја да се турчат. Како што се молел патрико на свети Престол, беше завенал малку, и му се јавил ангел Божи, та му рекол: - Нема да ви прооди планината дури не го викните фиљан крпач, да се помоли и тој со сите рисјани што ќе идете тамо пред планината. Коа виде патрико тоа видение, се израдуа оти Господ му чул молитвата и пожалал да не ’и остаит да се потурчат. На часот беше распратил луѓе за да го бараат крпачот и да го донесат. Крпачот бил светија и бил со едно око, чунки окото беше си го изваил сам некоаш, кога му дошла некоја нечесна жена да го искусуат за да го согреши. Еве као било тоа искусуање од жената: таа дошла, ѓоа да је напраи едно рало чевли, и му показала ногата дури до колено за да ја види и да му земи мера. Арно ама крпачот, при се што била жената бесчесна, тој не беше је се отказал да му напраит, ами је рекол да стапи со ногата на пепелта што ја имал потурена на една страна, да отаде ќе си земел мера и ќе је напраел чевли. Арно ама жената, бидејќи нечесна и сакајќи да го согреши, чунки је било јад незе оти тој да јет праведен, а таа да јет грешна, - ја, како је таа грешна, ама и крпачот требало да биди грешен како неа, - та затоа беше му се запнала да го согреши. Тој је рекол да стапит на пепелта и да си оди, да тој ќе је земел мера од стапалката и ќе је напраел едно рало чевли. Арно ама таа се праела како да не го слуша и туку му ја пикала ногата пред очи. При се што имаше крпачот пред очите перде пуштено, не знам како беше згрешил и беше ја видел ногата со десното око, и веднаш беше му дошло искусуање во срцето. - Ах, проклети сатано – беше рекол – ти ли мене ќе ме согрешиш, побрго да бидам со едно око и да сум во рај, одошто со две очи во вечна! Така беше си рекол и си го изваил окото со шилото. Кога чула и видела бесчесната жена тоа нешто; да си го изваит окото крпачот дека је видел ногата, и за голем грав му било, што останало за неа, што праела најгнасни и најстрамни греои. Од тој саат и таа беше се покајала. Ето од тој себап бил крпачот со едно око и светец. Пратените луѓе од патрико за да го бараат крпачот, вамо-тамо беа барале низ градо и беа го нашле во една визба кај што си крпел. Коа чул крпачот за ошто го викаат, му дошло како за некое искусуање од ѓаоло. Арно ама, сакал-неќел, требало да оди кај патрико. Отишол кај патрико в црква, кај што беа собрани целио народ, и едно го видел патрикот крпачот, му се поклонил како на светија. Коа видел крпачот таа чес што му се праила од патрико, се устрамил и тој ватил да му се поклонуат нему. Тогај патрико му ја расказал сета работа од царо што сакал, низ планината да прооди, или да се турчат, или да ’и губит сите царот. Откоа сториле последната молитва заедно со крпачот во црквата, и излегоа од црквата надвор со сите црковни литии и крстои, серафими и бајраци. Викале мало-големо „Господи, помилуј“ и отишле близу пред планината. Царот со пашите и со многу аскер беше излегол да гледа сеир, и ја да се турчат, ја сите тамо да ’и исечит, чунки не веруал планината некоаш да кинисат, што не било – да бидит. Арно ама царот не знаел зборот што го велел Ристос, оти: „Што не је на луѓето возможно, на Бога је возможно“. Едно беа дошле до планината рисјаните, и го натерал патрикот крпачот да је речи на планината да киниса. Крпачот му се молил на патрикот да не го наречуат за светија, чунки тој се знаел за најгрешен. Најпосле је заповедал крпачот на планината да прооди, и за чудо големо, туку беше ти се одвоила од една друга планина зад неа и ти кинисала да оди! Тие оди за во градот, и планината оди, чинела, по нив. Коа виде царот тоа големо чудо, го молил патрико да је речи на планината за застани за да не влези во градо и да го потиснит. На часот патрикот му рекол на крпачот, и крпачот је рекол на планината по турцки: - Дур, дааа! За големо чудо и приказна, веднаш беше застанала планината на местото. И је останало името на таа планина да се викат дои ден денеска Дур-дааа. (Оваа приказна сум ја чул еднаш од Нунета или баја Нанка калапчија. Тој ми кажа дека кога бил во Цариград, ја чул од некој си Караманлија, и за нив била таа работа, затоа што тие зборуваат и читаат по турски. И планината Дур-дааа таму била и се познавала, како била откината и подместена кон градот до денешен ден. Други ми кажувале дека за Ерменците била оваа приказна.) Подготви: Марко Китевски |