|
||||
Верувања од село Елешница, Разлошко |
Старци Во минатото на Велигден во Елешница ергените се правеа „старци“. Се облекуваа во кожи, на главата ставаа „вуља“ (долга кожена капа) и се опашуваа со ремен на кој висат звонци. Старците ги бркаа децата, кои бегаа од нив, а ако некој старчин фатеше дете, тоа му даваше црвено велигденско јајце, за да го пушти. Во времето на комунистичкиот режим извесно време беше забрането младите на Велигден да се прават старци. Меѓутоа се случи една година на ист ден да бидат Велигден и Први мај (Денот на трудот), така што комунистичките власти дозволија да се прават старци и во наредните години дозволуваа да се спроведува овој обичај, но не на Велигден, туку на Први мај. Во последно време старата традиција е комплетно променета – пак се прават старци на Велигден, но стариот велигденски обичај е претворен во фестивал со натпреварувачки карактер. Гугулин На селските гробишта имало гугулин (глог) којшто според верувањето на селаните бил лековит и лекувал брадавици по нозете и рацете. Оној што имал брадавица одел на гробиштата на Ѓурѓовден и со трнчиња од глогот (без да се кинат од него) ги буцнувал брадавиците по трипати и така брадавиците се исушувале т.е. исчезнувале од рацете и нозете на болниот. Даажовник Кога долго време ќе биде суша во Елешница правеле даажовник (дождовник). Некое девојче, кое што е сираче и изродок (последно дете во семејството) го обвиткуваат со зеленило (повит, трева, билки, зелени гранки) и група млади заедно со дождовникот одат низ селото и ги посетуваат домовите на жителите. Откако влезат во дворот на некоја куќа, сите ја пеат песната: Вај гугувај, деј Боже даш, да се роди жито, просо да нап’ним амбарето, да се трошаа потонето, вај гугувај; да намесим калаченца, да нараним сираченца, вај гугувај. Домаќинката на куќата излегувала на чардакот и истура вода врз дождовникот, а потоа ги дарува посетителите, најчесто со грав, сланина, пастрма и др. Така се оди низ целото село. Она што ќе се собере, се дава на лицето што било дождовник. Од книгата „Разлошка Елешница“ од Ѓорги Поп Атанасов, Скопје 2012. Подготви: Марко Китевски |