|
||||
Црнобуки - пелагониско село |
Црнобуки е пелагониско село со четиристотини жители и се наоѓа на стратешка позиција на само неколку километри пред Битола, помеѓу двете патни артерии кон Демир Хисар и Прилеп. До таму води патот за Демир Хисар преку Кукуречани, а веднаш потоа забраздува низ полето се` до реката Шемница, околу која се изградени куќите. Селските ниви се распослани кон утробите на Пелагониската котлина до „прилепското џаде“ кај месноста Петилеб, а на другата страна над црквата се ридовите кои од памтивек селаните ги викаат Градиште. Од кај Лисолај, село со најубавото битолско грозје, земјен пат се искачува кон височините. Таму под самиот врв, во сува рида, зад едно големо дрво, од стените извира кладенецот Самовилец, кој никогаш не пресушил. Тука секогаш има оставено крпи, пари и други дарови. Селаните го сметаат за петочна вода. Од секаде доаѓаат жени што немаат пород. Оваа вода со својата мистичност и моќ, испиена во петок, помогнала намерничките да го добијат најпосакуваниот божји дар, породот и мајчинството, велат селските преданија. Оттаму, кон долината на Шемница распослан е големиот рид Стари Град. На самиот врв има две пештери, во кои девет децении никој не влегол. Најстарите од Макаловци, Белокозовци, Брдаровци и другите црнобучки фамилии раскажуваат дека таму биле стационирани војските од Првата Светска Војна. Во едната пештера бил лазаретот, а друга била магацин со муниција. Долу под селото се пресекувал фронтот и по Шемница течела крв до колена. До денес, овие тајни останаа неразгатнати, а уште помалку тајните од далечните времиња. Од памтивек по нивите и селските дворови, селаните од Црнобуки наоѓале разни предмети од античко време: ќупови, амфори, мермерни предмети и монети. Тој има седумдесет години и знае многу, а постарите што сега се покојни знаеле многу повеќе. Сите верувале дека некогаш вистината за античките времиња ќе излезе на виделина. Човекот што ги заинтригира италијанските научници Кирил Добрушевски е новинар и публицист, професор по италијански јазик што живее во Битола. Сестра му ги остави коските во Австралија, а неговите ниви во Црнобуки се испустени. Голем дел од татковото наследство го проголта национализацијата. Селото го носи во душата и сите сеќавања од детството, за пронајдените монети и други предмети ги преточи во голема мисија. Како претседател на Македонско-италијанското друштво, ги употреби своите италијански врски и ги заинтригира научниците, за расветлување на тајните на овие простори во кои е вгнезден еден дел од судбината на античките Македонци. Жителите на Црнобуки немаат премногу време за историјата на своето село. Брзаат да ја завршат пролетната сеидба, која за нив значи живот. Панорамата од Стари Град исполнува со широкиот видик и неспокојство, што обзема со минатото длабоко затскриено низ милениумските епохи. Тврдини, ковачници на пари, монети, војски. Тука била колевката на Филип, Персеј, Деметрие и нивните потомци, а не Пела во Грција. Не беше тешко искачувањето до стрмниот врв. Тешко е сознанието дека до пред педесет години ваквите откритија беа задушувани во корен. Сега се создава сонот за отворање на патот кон вистината. Колку тој пат ќе го измени животот на овие луѓе, а колку ќе ја осмисли нашата понатамошна судбина? Престолнината на последниот македонски цар е во Црнобуки Научниот симпозиум што го организира Македонското научно друштво од Битола, НУ Завод и музеј - Битола и Здружението за македонско-италијанско пријателство се одржа на 27 и 28 април, а беа поднесени 20 научни трудови од областа на историјата, археологијата, архитектурата, нумизматиката и други научни дисциплини. - Сите факти треба да се изведуваат на логичен начин. Аполон-Аполонија, Александар-Александрија, Персеј-Персеида, Филип-Филипи и така обичајот македонските цареви да ги ставаат имињата на боговите и на царевите на градовите се совпаѓа со тоа на Персеј. Тука, на овој простор има прстен на развиени градови. Ако се почне од Стибера, Алкомена, Хискана, Лилинк, Хераклеја, Персеида, Пелагонија итн., тој круг до Лихнида се повторува. Овој дел во Пелагонија е најбезбедниот царски крај во кој се најдуваат најголемите факти. Персеида дефинитивно е во Стари Град кај Црнобуки и треба да се отвори, да се испита. Центарот на македонското царство е тука. Овде ќе се најдат корените и на Филиповите градби, но и трагите од етапните градби 6-7.000 години наназад до неолитот, како што е во Породин. Во археолошката карта околу Црна Река многу се застапени артефакти од време на неолитот. Тие се` уште се растурени во нивите, се газат и се фрлаат. Треба парче по парче да се соберат, да се откријат буквите и да се состави распрснатата македонска историја - вели историчарката д-р Ангелина Маркус. Таа тврди дека Филип Втори, кога се родил син му Александар, рекол дека насекаде ќе направи градови и тврдини. По неговиот урнек, Филип Петти за синот Персеј ја направил Персеида и таа е тука во Пелагонија. Ангелина Маркус |