|
||||
Битолска тврдина |
Битолската тврдина нарекувана и само Џепане (од турски cephane, во слободен превод муниција, односно барутана или арсенал) претставува споменик на културата од прва категорија во Македонија. Таа е изградена во 1876 година во форма на крст со вградени четири уникатни објекти од делкан камен. Објектот е сместен во битолската касарна. Објектот, кој е врвно архитектонско остварување на смилевските мајстори, кои иако по нарачка на валијата го изградиле во форма на крст, е место за културни настани и туристичка атракција. Во минатото Џепането ретко кој го посетил со оглед на тоа дека во времето на ЈНА бил магацин за оружје и се чувал како воена тајна, заштитен со стражарници, бодликави жици и замандалени челични порти, но денес со затворањето на касарната и давање на општината во владение, објектот е отворен за посети. Според истражувањето на битолскиот археолог Стевче Тодоровски, тврдината ги крие тајните симболи на смилевските мајстори. Објектот бил граден во време на битолскиот валија Ќоса Ахмет Зеки-паша, кој им понудил пари на мајсторите кога ја доградиле барутаната. Но, тие одговориле: „...преплатено е валија, за света работа пари не земаме“. Валијата не сфатил што кажуваат, но подоцна неговиот писар му покажал дека од спротивниот објект се гледа одлично изѕидан христијански крст формиран од обиколните ѕидови и згради. Дури и во ѕидот на еден од објектите мајсторите на камен изделкале крст, косо поставен за да не паѓа веднаш в очи. |