|
||||
Стари записи |
Оваа света и душеспасителна книга наречена апостол ја приложи во Марковиот манастир Свети Димитар Мироточец аџи поп кир Никон, бивш архиѓакон на сеосвештениот Скопски митрополит аџи кир Теофан. Кој ќе ја одземе од овој манастир, да биде како Јуда и како оној што вика: земи, земи распни го, и да му биде противник на Страшниот суд, во денот на одмаздата, свети Димитар. Во 1687 година. Руски печатен апостол, 1639 година. * Оваа Божествена книга наречена „16 пророци“ е на храмот архистратиг Михаил и преподобниот отец којшто во подножјето на Лесновската гора во (местото) Облово живееше испоснички живот; да не ја земе никој од горе споменатиот храм освен во време на манастирско разорнување и запустување. (Ако некој ја земе) да не му е простено ни благословено туку клето и проклето во овој век и во идниот и небесните сили Господови и преподобниот отец Гаврил да му се соперници на Страшниот суд, наместо застапници. Пишував со своја рака јас многугрешниот еромонах Костадин. Прочитај! Ќе најдеш во неа слатки зборови... месец септември, 12 (ден)... при егуменот кир Гаврил и проигуменот Кирил, во 1688 година. Книга „Пророци“, 16 век. * Да се знае кога беше преземен град Укли во 1688 година, во првиот ден на месецот април. Во 1689 година го презедоа Ниш, во дваесеттиот ден на месецот септември. Пак во истата година, во месец октомври го презедоа Скопје. Празничен Минеј, 17 век. * Спомни ги, Господи, душите на своите слуги: Неда, Стојан, Цветко, Калина, Петка, Јован. Оваа книга евангелие ја преповеза еромонах Нектарие од село Ложани, а арчот го плати Неда Кипровица – и за евангелието и за октоихот. Бог да ја прости во царството небесно, Амин. Во 1690 година. Тогаш Халил паша го разби со својата војска Скопје и Качаник и ја сече Скопската нахија. Тогаш беше големо зло и скапотија како што е сега. Евангелие од Трескавец * Оваа Божествена книга „Богослоевие“ и „За православната вера“ на Светиот наш отец Јоан Дамаскин е бугарско-српска. Никој, впрочем да не се осмели да ја изнесе од светиот манастир под страв од непростливо афоресување и анатема. 1691 година, 1 март. Китијски и попечител Охридски Козма. Богословски зборник, 16 век. * Оваа книга наречена евангелие се повеза во богохранимиот град Велес во 7205 (=1693) година, при егуменот Теодосиј. Исаија еромонах откупи 3 книги за пет гроша и ги приложи во Лесновскиот манастир, во храмот на светиот наш отец Гаврил, 3 книги: евангелие, псалтир и часослов. Исаија еромонах. Лесновско четвероевангелие, 16 в. * Да се знае како се оплени сета земја и во манастирот ништо не остана, освен книги и мошти. Пишував во 1694 година. Пишував јас, грешниот, од сите најмал еромонах Исаија... Многу грешен ероѓакон, Бог да го прости! Запис врз печатена книга од Лесновскиот манастир. * Писание од моја рака, на архиерејот Дебарски и Кичевски Јаким. Во 7200 (1698) година, месец март, 29 (ден). Типик, 16 век. * Во 7208 година, а од Рождеството Христово 1700. Во таа година имаше затемнување на сонцето, а во истата година имаше голема чума по Македонија и голем помор. Никаде не остана здрав град, ниту здраво село. Псалтир по последование, 15-16 век. * Оваа книга наречена Минеј за месец ноември, одново ја подврза за своја душа Јоан Стојов; Бог да го прости и нека му е помошница Пресвета Богородица. Месец Септември, 8-ми ден, во годината од Рождество Христово 1701. Минеј за ноември, 14 век. * Ова евангелие го окова Трпен Кацалинов од град Охрид и го приложи во манастир Скребатно, за воја душа, во 1703 година. Евангелие од манастир Скребатно. Од книгата „Стари записи“ од Ѓорги Поп-Атанасов, Скопје 1996. (Подготви Марко Китевски) |