|
||||
Драчевска свадба во 1938 година |
„Кол’ко на куќа клинчиња толку во куќа синчиња; кол’ко во рид ж’лчиња, тол’ку ќерчиња, од небо ќе им врне, од земја ќе им расте..“ Непризнавањето на националната индивидуалност и култура на македонскиот народ и прогонувањето на македонското име и јазик од страна на великосрпскиот хегемонистички режим меѓу двете светски војни беа главна причина Вардарска Македонија, во споредба со другите земји и краишта на стара Југославија, да остане со неразвиен печат. Со сурови мерки беше оневозможувано издавање на какви и да било весници и списанија на македонски јазик. Во 1919 година во Вардарска Македонија се појавуваат првите српски весници кои имаа за цел да извршат денационализација и асимилација на македонскиот народ. Меѓу првите такви весници кои беа печатени во Скопје беа „Стара Србија“ и „Привредни гласник“. Подоцна „Стара Србија“ е преименуван во „Наша Стара Србија“ кој десетина години ги застапува гледиштата на Радикалната партија. Во српските медиуми, кога се зборува за Македонија и македонскиот народ, често во тоа време се сретнува терминот Јужна Србија, јужносрбијанци, јужносрпски градови и села, јужносрбијански песни и ора. Меѓутоа, колку и да се сака да се избришат разликите меѓу двата народи и да се напише дека тоа е еден ист народ, притоа колку и да е строга цензурата, кога се пишуваат статии кои се поврзани со Македонија, сепак не може да се избегне од вистината. Свесно или несвесно, во зависност од авторот кој пишува, на виделина се појавува националната индивидуалност и култура на македонскиот народ. Посебно е многу тешко да се искривува вистината кога се работи за фолклорот на Македонците кој има длабоки корени во минатото. Во тој поглед интересна е статијата: „Симболично поклонување на невестата во околината на Скопје“ од М. Виторовиќ, објавена на 4 јануари 1938 година во Белградска „Политика“. Авторот пишува за една декемвриска свадба во селото Драчево и за чудните обичаи во ова скопско село, кои се разликуваат од српските. Иако во својот предговор Виторовиќ говори за јужните српски села, во еден момент ќе нагласи за брзите промени кои настануваат во ова македонското село, со што уште на самиот почеток тој упатува дека се работи за два различни света и два народи. Истовремено за да ја потенцира таа разлика тој не ги преведува свадбарските песни, како и дијалогот кој се води на македонски народен јазик. Сметајќи дека текстот на М. Виторовиќ ќе го привлече вниманието не само на оние кои ги проучуваат македонските свадбарските обичаи, туку и обичниот читател кој држи до традициите на македонскиот народ, посебно на Драчевци, без притоа да се преведуваат песните и деловите каде се води дијалог, текстот го објавуваме во целост:
„Некогаш, јужно српските (македонските н.з.) села со векови не го менувале својот изглед. Селаните се раѓале, живееле и умирале. Со почетокот на есента, селанецот ја собирал летината, бирал кмет и на бегот му плаќал данок. Со есента, селанецот купувал жена со лири и бели меџидии. За себе ложница и за семејството беспрекорна работна сила. Со семејството, најважниот економски и општествен организам, владееле закони неприкосновени и стари уште од памтивек. Тие го опфаќаа целокупниот прост, некомпликуван животен механизам на селото. Со години, промените тука, всушност како и на целиот животен план, скоро да не биле видливи. На секоја свадба невестата морала својата длабока подреденост и во новиот дом да ја одбележи со безброј чудни, длабоки, ритуални поклонувања, со задолжително „мачкање“ на влезната врата и „простување“... Меѓутоа, времето кое дотогаш било така споро, почнало побрзо да тече. Затоа што земјата веќе не можела да ги исхрани своите синови. Групи на темни, горделиви и ќутливи селани заминуваа во далечни, туѓи земји. Наредната година, во селото би пристигнал по некој печалбарски заработен долар и долги писма со детски, крупен и невешт ракопис. И таа голема тага за родниот крај... Наскоро, еден нов живот со неочекувано брзо темпо интензивно проструи низ македонското село. Се` побрзо навлегуваше писменоста, и „Батините“ - гумени опинци. Многу од старите, добри обичаи мораа да заминат во минатото. Меѓутоа, едно остана речиси не изменето: она чудно, симболично поклонување на невестата... Прво поклонување Тапанџијата во висок лак за последен пат го удри тапанот. „Адана“, прочуено српско (машко македонско н.з) оро, кое се виеше на пространата ледина пред црковната порта, наеднаш престана. Стотина раце, дотогаш цврсто стиснати, се пуштија. Момчињата и девојките потрчаа према вратите на портата. Во воздухот почнаа да се вејат везени, црвени „к’враки“ (марама за глава н.з.) и долги шарени „фути“ (скутник). Зошто, во тој момент венчавањето беше завршено. На чело на малата група на најблиските роднини, од црквата излегуваа деверот и младата држејќи се под рака. На вратата на портата, пред која стоеја голем број млади, поворката застана. Сите замолкнаа. Озбилно и побожно расположение завладеа кај луѓето. Невестата со благо движење се ослободи од деверовата рака, високо ја подигна главата и ги затвори очите. Прво се затресе, како во грозница, а потоа се смири. Вкочанета и со затворени очи, таа полека се наведнуваше кон земјата. Луѓето молчеа: невестата се простуваше од својата младост. Виткото тело на девојката веќе го направи ова, агол од 45 степени. Две сребреникави плетенки од срма, сплетени во црната коса под марамата, летнаа од рамената према земјата. Тоа невестата се поклонуваше пред свекорот, пред младоженецот, пред новиот живот. Се подлабоко и се потивко се спушташе главата на невестата. Збогум, за секогаш, „Адана“ и оние убави предвечерни состаноци со стомната кај „Даскаловата чешма“!... Сребренастите плетенки со своите врвови ја допреа земјата. Кршното младо тело уште се виткаше... Исто така невестата полека се исправи. На ист начин направи уште еден наклон. А потоа уште еден... Пред малата селска црква се слушна повеќе истрели од ловечки пушки. Од цевките на пушките се разлетаа конфети, со кои, наместо драмлии, патроните беа добро наполнети. Расплаканите другарки се бакнуваа и опростуваа од бледата невеста“. „Кај ти иде мечка од планина“ На средина на дворот во куќата на младоженецот беше распослана широка асура, а на неа шарено килимче. Позади асурата во облик на слово П беа наредени клупи.
Доаѓањето на свадбената поворка ја најавија зурлите и тапаните. Еве, кочијата со невестата влегува во двориштето. Младоженецот, кумот, старосватот, девер и останатата роднина поседнаа на клупите, оставајќи место на свекорот кој му пријде на кочијата да ја придржи невестата. Младата невеста стана од своето седиште и стоејќи во кочијата, полека и предано се поклонува на својот нов дом. Во исто време одекна песна. „Месариите“ (девојките кои меселе леб), сестрите и блиските роднини тоа го пејат. Чудно, делуваат тие примитивни грлати звуци, тие долги, тажни, истегнати тонови на прастарата невестинска песна: „Ој, убава невеста, Свекрвице црвена ружице. кај ти иде мечка од планина. Кај ти иде мечка поткована? Не ми била мечка од планина, Не ми била мечка поткована, туку била убава невеста, убава невеста, голема одмена. Слегни Маро, од кола кочија... Гле’јте, гле’јте мало и големо... Ој, ој, убава, убава невеста...“ Свекорот ја симна невестата од колата и го зазеде своето место на клупата. Невестата пак се поклони. Полека, со вкочанети чекори и пријде на асурата и застана на шареното килимче. На пролет, кого во селото овците се јагнат, на асурата се изнесува мало бело јагне. И невестата прво на јагнето му се поклонува. Јагнето симболизира милост и послушност. Младата, затоа, во бракот ќе биде мила и послушна. Дури и од јагнето – Ој, ој, убава, убава... Од раздалечина од два метра, на секој посебно кој седи на клупата невестата му се поклонува со стравопочит. Потоа им приоѓа им бацува рака и ги дарува: чорапи, пешкири, марами и друго. Со младоженецот е нешто друго. Пред него се поклонува многу подлабоко отколку на другите. Младоженецот не ја испушта својата десна рака како другите, туку ја спушта на колено. Невестата мора сосема ниско да се наведне, за да ја баци. И колку таа повеќе се наведнува, младоженецот својата рака ја спушта што може повеќе низ коленото, за да таа се` повеќе се наведне. Ој, ој убава, убава невеста... Додека другите ги дарува само со еден дар, рамената на младоженецот се затрпани со цело брдо од дарови, така да едвај му се гледа лицето. „Мачкање врата“ Во гостинската соба на другите столови седат само мажи, обично највидните луѓе во селото. Се пие мирисна анасонка и се грицкаат печени леблебии, и мали шеќерни бонбони. Се води разговор за летината или пак пее ниско нотиран и снажен машки глас: „ – Мори, шеќерино, малој моме, која вечер ја да дојдам? Која вечер сакаш дојди, И да дојдеш, фајде немаш...“ За тоа време се врши „мачкање“ на влезната врата. Невестата, во присуство на свекрвата, се поклонува пред вратата пред да влезе во куќата. Една „месарија“ држи широка тепсија со „ајлуџена“ (врста на пита). Одозгора на „ајлуџена“ се наоѓа лажица масло. Невестата со прстите зафаќа од маслото и го мачка прагот, довраток и вратата. Потоа повторно се поклонува пред свекрвата: „Гле’јте, гле’јте, мало и големо, што ќе снајката свекрва да дарува; ќе дарува свилена кошула... Ој, ој, убава невеста... И навистина, невестата ја дарува свекрвата со убава свилена кошула. Потоа долго и ги бацува рацете. Како реванш, од своите недра свекрвата вади мала бакарна гривна... Проштевање Проштевањето е најзначаен дел на свадбениот обичај. Проштевањето значи опростување. Младоженецот и невестата се опростуваат со кумот и сватовите. Меѓутоа тоа не е најважното. Проштевањето има сосем друго значење. Во присуството на кумот, најважната личност на свадбата, со овој необичен ритуал се удираат цврсти темели на идните брачни односи, се одбележува основното, правото значење на општествената положба на жената. Проштевањето се обавува во првото зајдисонце, пред сватовите да се разотидат по своите домови. Во затемнета просторија на полукружно поставени клупи седат кумот, старосватот, свекорот, свекрвата, деверот, постарите членови на семејството, постари роднини и угледни сватови. На средината на собата стојат, еден покрај друг, младоженецот и невестата. Младоженесот во едната рака има бокал со вино, а во другата бардак со ракија. Невестата држи два „врга“. Во едниот „врг“ младоженецот сипува малку вино, а во другиот малку ракија. Двајцата истовремено со поклонуваат неколку пати. Со испружени раце младата му приоѓа на кумот и се поклонува. Овој пат младата не се поклонила доволно длабоко. Затоа ја опоменува строгиот глас на кумот: - Уште малце,... на здравје! И невестата се наведнува уште повеќе... Од нејзините раце кумот сега ги зема „врговите“, чија содржина ја меша. За време додека ги меша виното и ракијата, тој зборува, пеејќи со повишен глас: - Да си богословена. Сите присутни сесрдно го прифаќаат и исто пеејќи велат: - Амин, дај Боже. - Од Бога ... - Амин, дај Боже. - ... од небото, од земјата, од свекор, од свекрва, од старејко, од дедо, од целиот род, да ги дарува како е арно... - Амин, дај Боже. Кумот ја зголемува интонацијата: - ... кол’ко на куќа клинчиња толку во куќа синчиња; кол’ко во рид ж’лчиња (желка) тол’ку ќерчиња, од небо ќе им врне, од земја ќе им расте... Кумот го пије виното и ракијата и празните вргови ги дава на невестата, која се враќа на своето место. Младоженецот повторно ги полни врговите. - Ајде сега на дедото! Дедото се брани - Нека, де, на старејкото. Навистина по старосватот му дојде редот. Повторно поклонување. Младата му приоѓа на старосватот, кој постапува исто како и кумот. После старосватот е деверот, па потоа дедото, свекорот, свекрвата и останатите. Откако сите ќе се наредат младоженецот и невестата ги менуваат улогите. Со врговите во рацете младоженецот им пристапува на сите и постапува исто како невестата час претходно. Кога сето тоа ќе се заврши невестата ги зема врговите, се поклонува ги дава на кумот и се враќа на средина на собата. Кумот, кон кого е свртено целото внимание, внимателно со пресметано движење ги фрла двата врга на пола метро пред себе. Возбудено и нестрпливо од сите страни се вика: - Крши го, крши го!!! Младоженецот и невестата потрчаа према врговите кои лежеа на подот. За дел од секундата младоженецот успеа да го згази својот врг пред младата. Целата соба весело заплеска со рацете: - Ајде, нека е со среќа, да сте живи. Проштевањето заврши... Во прв момент не можев да го разберам значењето на газење на врговите. Дедото на младоженецот ми објасни: - Кој прв ќе го скрши вргот, тој цел живот ќе ја има власта во рацете. - А ако биде невестата? Дедото слатко се насмеја: - Јас сум стар човек. И многу свадби памтам. Ама никогаш не се случило невестата прва да го скрши вргот ... Видливо е дека авторот М. Виторовиќ е зачуден од културното богатство на македонскиот народ, од неговата посебност и древност. Исто така е видливо дека овие обичаи му се нови, дека не се исти со српските и дека не ги разбира. За него се чудни дури истрели од ловечки пушки, од чии цевки се летаа конфети, со кои, наместо драмлии, патроните беа добро наполнети. Ова би било добро да го научат и нашите соседи, па да нема повредени по секоја нивна свадба. На крај добро е да го повториме благословот на драчевскиот кум, кој денес толку му е потребен на македонскиот народ, зафатен од „белата чума“, а во кој се вели: „кол’ко на куќа клинчиња толку во куќа синчиња; кол’ко во рид ж’лчиња, тол’ку ќерчиња, од небо ќе им врне, од земја ќе им расте..“ |