Среда, 09 Октомври 2013    PDF Печати Е-пошта
Димитар Андонов Папрадишки

Dimitar_PapradiskiДимитар Андонов Папрадишки (1859 – 4 јануари1954) бил последниот македонскизограф, а воедно и првиот македонски профан (нерелигиозен) сликар кој ги поставил темелите на западното сликарство во земјата. Познат е и како историски сликар и портретист.

Димитар Андонов Папрадишки е роден во 1859 година во селото Папрадиште во непосредна близина на градот Велес. Во своето родно место, а потоа и во Велес, тој се стекнал со образование кое во тоа време било достапно и успешно завршил "четврто класно училиште". Немајќи можност да продолжи со своето школување во Велес тој на многу рана возраст, на само 20 години, веќе бил самостоен во својата зографска работа приклучувајќи му се на татко му кај кого и ги стекнал првите уметнички искуства. Димитар Андонов Папрадишки потекнувал од семејство кое под принуда на Арнаутите се иселило од родното малореканско село Тресонче, и кое со генерации наназад го практикувало не само зографскиот занает туку биле и градители, каменоресци и резбари. Оттаму избраниот позив на Андонов бил очекуван.

Желбата на Андонов да го оформи своето образование му се остварила во 1882/83 година кога ја посетува Художествената-иконографска школа во Киев, во класата на професорот А. Вишневски, и која со успех ја завршува. Во 1887 година му се пружила можност да продолжи да студира на престижната Московска академија каде тој по сугестиите на својот професор Вишневски се претставил на конкурсната изложба во Духовната академија во Москва со свое дело - икона во византиски стил. Иконата го освоила сребрениот медал на конкурсот со што Андонов се здобил со парична награда од 1000 рубљи и воедно бил примен на редовно школување со стипендија. Судбината овој пат не му била докрај наклонета и тој по едно известие дека целото село и неговото семејство биле потполно ограбени од страна на Арнаутите, се враќа во Македонија за да му помогне на своето многубројно семејство. Андонов веќе не се враќа назад да се дошколува, но веднаш се вклучува во зографските работи на татко му на црквите во Гевгелиско и Дојранско. Неговиот сликарски талент дошол до израз, и тој набргу, веќе бил самостоен во изработка на делата преземајќи ги работите кој му ги препуштил татко му, увидувајќи дека синот го надминал во неговата работа.

Freska-Prapradiski

Фреска од Папрадишки во Св. Јоаким Осоговски

Неговиот ран и долг творечки пат бил длабоко проткаен и обележан со неизвесната и трагична судбина на Македонија. Задоен со револуционерните идеи за ослободување на Македонија, подоцна како истомисленик и соработник на Гоце Делчев кого го запознавал во 1896 год во Штипско Ново Село, каде обајцата биле ангажирани професионално: едниот како уметник другиот како учител, тој повеќепати бил прогонуван и затваран. Веќе во 1878 година бил окован во затворот во Дојран каде бил наклеветен од страна на гркоманите за неговата просветителска активност да не се употребува грчкиот, на сметка на словенскиот јазик кај македонското население. Во 1905/1906 година за своите револуционерни активности Андонов заедно со други видни штипјани бил осуден со доживотна пресуда и затворен во Куршумли-ан во Скопје. Благодарејќи на интеренцијата на австрискиот конзул, по 9 месеци бил ослободен. Во 1913 година тој повторно бил затворен но овој пат од страна на српската власт во Велес а потоа бил префрлен во затворот на Косовска Митровица. По поделбата на Македонија со Букурешкиот мировен договор тој бил пуштен на слобода.

По завршување на првата светска војна во 1919 година Андонов трајно се преселува во Скопје каде во стариот дел на градот отвара свое студио за работа. Кај него ги стекнале своите први ликовни сознанија уметниците Никола Мартиновски и Томе Владимирски. Културниот амбиент во Скопје на Андонов му пружа услови во кои тој успешно ќе се реализира не само во религиозното, туку и во профаното сликарство. Разноврстен и плоден во своето творештво, тој ќе доживее своја јавна афирмација преку изложбите организирани од страна на друштвото Јефимија и ќе учествува во низа заеднички изложби со зачетниците на модерната македонска уметност. Во 1940 година,. градскиот совет му доделува награда за неговата долгогодишна креативна работа и конечно во 1946 година државата го згрижува својот уметник, прогласувајќи го за номинален член на Националниот музеј во Скопје. Тој починал на 4 јануари 1954 година на 95 годишна возраст во Скопје.

Димитар Андонов Папрадишки со своето творештво се издвојува како уметник кој во последните две децении на 19 век започнува полека, но трајно да влијае на ликовните текови во Македонија. Иако академски докрај неоформен, Андонов со ширината на својот дух ги прифатил во себе придобивките на новото време. Со школувањето во Киев, посетата на Москва, работата во Софија, потоа во Србија и влијанието на Света гора, преку контактите со искусните зографи и ерминиите, Андонов со сето стекнато искуство израснал во автентичен сликар со модернистички тенденции. Влијанието на уметниците како што е Петар Николов со кого работел на фреско-живописувањето на црквата "Св. Јоаким Осоговски" (1885 и 1887) и Станислав Доспевски од Самоков - Бугарија, подоцна и од српското и војводинското црковно сликарство, придонеле да се произнесе како уметник кој тежнеел да го осовремени ликовниот ракопис кој се практикувал на крајот од 19 век во Македонија. Црковното сликарство, со кое природно започнала неговата уметничка кариера, на кое му останал верен речиси до крајот на својот творечки пат, не се плашел да го отргне од зададените стеги на доцновизнатиската уметност. Веќе во 1881-1883 година Андонов работи на осликување на живописот во црквата "Св. Атанасие" во с. Теово, каде можат да се воочат почетните напори да создаде своја "автохтона експресија". Работата со зографот Петар Николов на живописување на црквата "Св Јоаким Осоговски" (1885 и 1887) за него е корисно искуство, каде можел да го осознае традиционалниот зографски стил. Неговите тежненија за "оплеменување" на ликовите или внесување на иконографски новини (импресии од Русија), сепак биле контролирани од авторитетот на постарите зографи со кој Андонов работел на осликување на живописни ансамбли (црквата "Св. Димитрија" во Крива Паланка - 1887 година; црквата "Св. Пантелејмон" во с. Пантелеј - 1888/1889 г.).

Последните децении на 19 век се веќе зрела фаза од творештвото на Андонов каде преку креативна работа успеал своите тенденции да ги преточи во афирмирање на "европските" придобивки. Ова време го одбележува делумното живописување на западната фасада на големата и малата црква ("Раѓање на Богородица") во манастирскиот комплекс "Свети Јоаким Осоговски" (1893).На самиот почеток на 20 век, Андонов работи на живописувањето на црквите "Св. Никола" и "Св. Ѓорѓи" во с. Станишор во близина на Гнилане (1901-1903) каде неговото сликарство ќе биде подложно на влијанието од српската уметност и иконографија. Во 1932/33 година тој повторно се навраќа на живописување во наосот на црквата "Св. Јоаким Осоговски" каде не дава новини, туку напротив, се навраќа на средновековните модели. Андонов во големата црква во Осоговскиот Манастир за последен пат работи во 1944/45 година, каде ги завршува празните полиња во наосот, но без младешката енергија не успева да го задржи својот квалитет.

Плодниот иконописен ангажман на Андонов еволуира во повеќе фази од неговиот долг творечки пат:

Прва фаза (1879-1887)

Оваа фаза го опфаќа неговото оформување како иконописец, по враќањето од неговото школување и работата со домашните зографски работилници. Тој главно се движи во своето блиско опкружување (Теово, Богомила, Бусилци, Раковец, Ново Село итн.)

Втора фаза (1888-1897)

Оваа фаза ги покажува позитивните напори на Андонов да излезе надвор од рамките на традиционалното сликарство. Угледувајќи се на работите од Станислав Доспевски од Самоков (Бугарија) и рускиот дух на иконописување кој го понел со себе создал дела каде тој креативно се издигнал (икони од црквата Свети Никола во Штип - 1889-1890).

Трета фаза (1897-1920)

Оваа фаза е поврзана со неговата работа на иконостасите во Србија и прифаќањето на иконографските решенија својствени за сликарството на црквите во Србија и Војводина збогатено со предлошки од западноевропски извори "Свети Димитрија" во Скопје (1897), Св. Никола - Ѓњилане (1901), "Св. Ѓорѓи" - Станишор (1903), Храмот на "Св. Сава" во Косовска Митровица, црквата во с. Еловец - Велес (1918/20 ).

Четврта фаза (1920-1930)

Оваа фаза се карактеризира со презентирање на ликовните придобивки од неговите искуства со еминетни сликари од Војводина (Урош Предиќ) и соработката со Коста Вангеловиќ кои допринеле неговата палета да се колористички изнијансира и дополни. (црква "Св. Ѓорѓи Кратовски" - Кратово 1925)

Петта фаза (1930-1940)

Оваа последна фаза го манифестира континуитетот во неговот сликарство (црквите "Јован Претеча" во Туралево 1930, "Св Антони"во Кетеново - 1930, "Св Харалампије" во с. Секулица - 1930 и.т.н.) но и ориентацијата кон користење на линијата како примарно средство со стемнета палета на бои (икони во манастирската црква "Св. Јоаким Осоговски" - 1932 како и живописот од истата година.) Последните години од четвртата деценија од 20 век, полека го претскажуваат опаѓањето на квалитетот на Андонов кој се повеќе се ослонува на прекумерна стилизација во работата (црква "Св. Ѓорѓи" во с. Градиште, Кумановско и 1937/8, икони од црквата "Св. Никола" во Куманово од истата година). Конечно последната деценија во која Андонов со последни сили но упорно одговара на црковните потреби, навлезен во длабока старост, ги покажува слабостите на својата напредна возраст. И покрај тоа сознание тој се обидува да работи буквално до последниот ден.

Сестраниот ангажман на Андонов и желбата да внесе аспекти од битовиот реализам, го донело македонското сликарство пред вратите на современиот начин на изразување. Профаното сликарство на Андонов се карактеризира предимно со изработка на голем број на портрети на јавни личности во кои тој се обидува освен ралниот момент да го вклучи и ликовно-естетскиот проблем (Детскиот портрет на Анѓелко Андонов - 1900/1901., портрет на Параскева Кранго - 1925/1926, Автопортрет - 1932, итн.). Во подоцнежната етапа од опусот на Андонов тој практикува и композиции со историска тематика (Смртта на Гоце Делчев, Богомилски поход итн.) но и битови теми (Селска свадба, Нишалка, Оро итн.). Иако делата се без поголеми ликовни прентензии сепак тие претставуваат една значајна нишка која недостасуваше во македонската национална уметност како премостувач на празнината помеѓу доцниот традиционализам и новиот дух на ликовната уметност во Македонија.

Димитар Андонов Папрадишки, во својот долг и плоден творечки живот насликал повеќе од 1200 икони за околу 100-тина цркви во Македонија и Србија, со што се смета за еден од најпродуктивните наши зографи. Воедно, неговиот ангажман и во профаното сликарство го издига на пидесталот како последен македонски зограф и прв современ сликар во поновата македонска уметност.

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.