Шест големи дрвени чунови поредени еден зад друг, рамномерно гонети од триесетина искусни веслачи, грабеа кон Пустец. Заповедникот, едновремено и сопственик на таа езерска флота, Аслан Фрашери, со куси и отсечни команди се обидуваше да го забрза езерскиот карван, оти небото над Свети Заум не ветуваше ништо добро. Езерото наспроти Трпеица, пак, мирно како никогаш дотогаш. Брановите што ги создаваа чуновите на Аслан, дента во Охрид натоварени со секакава стока, брзо ги снемуваше. Зафатени со својата еднолична работа, сконцентрирани на воспоставениот ритам на своите весла, работниците многу и не се осврнуваа на викотниците на газдата. И да сакаа да го видат, тие не можеа да го забележат она што го гледаше ефенди Аслан. Од трите мали како снег бели облачиња над Галичица, по стрмиот срт се протегаше неприродна магличава патека. Низ неа, небаре прогонуван од самиот ѓавол, долета студен бран и се заринка во водата под чамецот во кој беа Аслан и петтемина негови најдобри веслачи. Миг потоа, педесетина метри од заумската црква, можеше да се види страотна глетка. Некаква невидлива сила во еден замав високо ги крена сите шест чунови и додека испосникот Јован, кој со години самуваше во Свети Заум, се сврте, чуновите ги снема. Откако ги проголта, езерото пак н се врати на својата вечерна починка. Свештеникот остана долго да се крсти... Легендата за охридскиот "Бермудски триаголник" има вистинки жртви и живи сведоци. Отприлика вака започнува приказната за една од се уште неодгатнатите мистерии на преубавото Охридско езеро. Раскажана од свештеникот, а потврдена со непристигнувањето на Аслан и неговите работници во Подградец, приказната век и половина се прераскажува и се надополнува со нови случки и легенди за секавичниот пекол што одвреме навреме се случува на езерото кај Св. Заум. Колку и да е претенциозна, споредбата на Бермудскиот триаголник од Атлантикот со појавата на Охридското Езеро не е неумесна. Големината на првиот, како и на охридскиот заумски триаголник, е сразмерна на нивните жртви. Океанот кај Бермудите со векови, без трага, ги вшмукува прекуокеанските бродови и авиони - езерото крај Св. Заум, одвреме навреме ги голтнува невнимателните рибари и другите езерски патници. Легендата за охридскиот "Бермудски триаголник" особено станува актуелна во летните месеци, во време кога езерото се "полни" со рибарски, спортски и туристички пловила. Тргнувајќи од легендата за трагичниот крај на трговецот од Пустец и неговата езерска флота, деновиве престојувавме на местото на настанот. Во Трпеица, најубавата и до езерското синило најблиска населба, мешавина од годишно-одморска бркотница и селско секојдневие. Во горниот дел на селото трпеичани, зафатени со летните селски работи, како и да не се дел од одморската треска, што навистина го тресе охридското крајбрежје. Во долниот, "одморскиот" дел - Дубровник во мало. Летните тераси на неколкуте кафулиња, речиси прилепени до езерото, полни со гости. На дофат на рака од масите најмала плажа на светот, а на неа, со нозете во вода, истопорени на ситен камен, се сончаат урбаните "робови" од седум до седумдесет и седум години. Тука ни збор за "Бермудскиот триаголник", од селото оддалечен неколку стотини метри. Седнати во чунот на младиот рибар Никола Митрески заминуваме, трагајќи по легендата што навистина трае. Веројатно затечен од неканети гости, облечени како да не пука горештина, Никола не се решава да зборува за приказните што ги слушал уште како дете. Поттикнат од нашата сосредоточеност на сртот што селото физички го дели од заумскиот затон, Никола раскажува за една доживеана езерска луња, но во неа нема очекувана драматика... "Одеднаш, од албанската страна задува студен ветер и додека ги прибрав трските, езерото збесна. За среќа, брановите кајчето ми го дотуркаа до брегот и тогаш брановите стивнаа". Го слушам и пред очи како да ги гледам чуновите на Аслан, обвиени од водениот виор, според описот, токму на местото каде што се наоѓаме. А токму на истото место, пред петнаесетина години, седев во чамецот на рибарот Митре од Љубаништа кој ми ја дефинираше локацијата на заумскиот "Бермудски триаголник" (види ја мапата). "Според кажувањата, токму овде, одвреме навреме, во езерото се креваат големи бранови и на секој кој ќе се згоди тука, му нема спас. Бељата инаку се случува во просторот сместен од кај црквата Св. Заум до сртот зад кој се наоѓа Свети Наум..." Стариот рибар тогаш ми раскажуваше и за една друга вистинита случка.
Имено, во стрмиот рид над заумскиот езерски засек живееле двајца браќа. Едниот имал многу овци, а другиот само една коза. Една квечерина се скарале околу "пасиштето". Братот овчар му се нафрлил на братот козар велејќи дека ќе му ја отепа козата, бидејќи таа им скусува од јадењето на неговите овци. Караницата прераснала во тепачка во мигот кога оној магличав столб од Галичица тргнал кон езерото. Алата од Галичица ги зафатила и, онака, грабнати за гуша, ги влечкала до брегот, разбивајќи ги од црвената карпа што и ден денес се гледа на брегот на замислената средина на заумскиот "Бермудски триаголник". Крвавиот камен - така се вика карпата - стои како вечен спомен на караницата на двајцата браќа отепани од загадочниот воздушен столб. "Да не била карпата, несреќните браќа ветерот ќе ги фрлеше во езерото", заклучи нашиот некогашен водич.
Камерата на нашиот фотограф Марко попусто се обидува да улови некој чун во заумскиот казан. Ретките кајчиња што одат или доаѓаат од Свети Наум, го заобиколуват тој простор, бидејќи нивните управувачи, главно рибари, тука пловат носејќи ги во себе легендите за заумските несреќи. По кусо разгледување на заумската црка, еден од најстарите христајански споменици на охридското крајбрежје, во чиј двор престојуваат "диви" кампери и рибокрадци, се враќаме назад, следејќи ја легендата за алата од Заум. Павлета Ламбески и Крстета Трпески, старите трпеички рибари, лесно ги наоѓам. Откако се збогуваа со активниот риболов, пензионерските денови корисно ги поминуваат. На исто така пензионираниот стопанственик, некогашен директор на Вардар Осигурување Боро Локвенец му го поплочуваат дворот. Стопанот не е дома и легендите ги одгатнуваме простум. Дедо му на Павлета, татко на жена му, Ристо Целкоски, легендарниот рибар од Трпеица, е еден од оние, одамна влезени во вистинитиот дел од легендата за охридскиот "Бермудски триаголник". "Како дете сум слушал за несреќите кај Заум, но езерото збеснува и овде, кај Трпеица, кога ќе задува сточниот (источниот ветер - м.з.)", ми раскажува Павле. "Инаку, многу често и нам ни се случуваа незгоди со разбрануваното езеро, но, чувал господ, никогаш не било како онај пат кога настрадал дедо ми Ристо..." Ненадејно вратен во далечната 1953 година, стариот рибар, не престанувајќи да го рамни бетонот, ни евоцира неубави спомени. "Ете, тоа, на пример, не се случи кај Заум, туку ене, онде..." - се подисправува Павле и го покажува местото во езерото каде што настрадал рибарот Ристо. "Прашуваш како се случило? Па, така, додека дедо ми и неговите другари Ѓорѓи, Климо, Ќело и Лазе ја собирале последната мрежа, одеднаш, тука кај дрвениот чун, се кренал голем бран и ги отфрлил високо во воздух. Битката со споулавениот бран била кратка. Кога стивнало езерото, засолнети под превртениот чун, останале живи четворицата другари на дедо ми, а тој кутриот останал во езерото." Во приказната се уфрла Крсте, додавајќи дека на Ристо уште еднаш пред тоа му се случила истата незгода, но тогаш куртулил, цврсто "залепен" за превртениот чун којшто, за среќа, бидејќи бил дрвен, не потонал. Павле и Крсте, но и нивниот помлад сосед Митре Смикалески, ни раскажуваат за "незгодните" ветришта од кои нема спас кога ќе се сретнат на езерската шир. Едниот, сточниот, се залетува од врвовите на Галичица, а јужниот, топлиот, тргнува отспротива, од месноста Лин во Албанија и таму каде што ќе се сретнат, езерото зоврива и меле се пред себе. Ете го одговорот на прашањето за локацијата на незгодите. По се изгледа, ветриштата најчесто се среќаваат во заумскиот залив, во Урвалиште или кај Јаурлиците и Одјаме, таму каде што езерото е најдлабоко. Без да ги прашам, рибарите ми ја раскажаа легендата за браќата од "Крвав камен", речиси до збор повторувајќи го она што некогаш ми го раскажуваше веќе споменатиот Митре од Љубаништа. Одејќи по трагите на легендата за охридскиот "Бермудски триаголник", патот не води во Охридската капетанија. Во Управата за езерските пловила не пречекува директорот, капетанот на Капетанијата Златан Клечкароски. Стариот поморски волк од Јадранското крајбрежје, по првиот збор "влегува" во приказната и откако помуабетивме за земните работи, за дваесетте поморски години минати во Сплит и Плоче, за постариот му син Фарко, познатиот атлетски репрезентативец на Македонија и поранешна Југославија, преминуваме на охридскиот "Бермудски триаголник". "Кој знае дали тој дел од Охридското езеро може да се нарече 'Бермудски триаголник', но она што е вистина, езерово се уште во себе ги чува неодгатнатите вековни тајни. Вистина е, исто така, дека на неговата површина мошне често се случуваат вистински морски бури..." "Легендите си се легенди - продолжува капетанот Клечкароски, поттикнат од нашите потпрашувања - но во една вистинска легенда и самиот учествував. Настанот се случи на 6 мај 1988 година, во време кога кај нас престојуваа нашите пријатели од Чантавир (Суботица), збратимен со нашето село Мислешево. Јас, како домаќин, сакав да им ги покажам сите охридски убавини и со бродот тргнавме во обиколка на езерото. На враќање од Свети Наум, таму некаде во близина на Заум, бродот одеднаш почна неприродно да се фрла ваму-таму. Бидејќи денот беше убав, а езерото како 'стакло', помислив дека капетанот се поднапил, па се искачив на командниот пулт. Го гледам човекот блед како крпа, инаку искусен морнар, едно време инструктор на морнарите кај Секу Туре, ме гледа и ми вели: 'Капетане не, не сум пијан'... На палубата вреска, а бродот се уште скокаше. Го зедов кормилото и едвај го свртев во правец на споулавените бранови што ги имаше само таму каде што беше бродот. Знаете, ние таа појава ја викаме 'мртво море', а кога тоа ќе се случи, брановите можат бродот, без оглед на неговата големина, да го свиткаат вудве. Кога излеговме од 'мртвото море' јас ги смирував гостите, објаснувајќи им дека утре има да има вистинско невреме. Какво невреме, капетане, ми велеа, кога времето е олку убаво. И, драги мои пријатели, утрото, се сеќавам, недела беше, во Охрид падна снег до коленици..." Капетанот Клечкароски е автор на првиот македонски учебник за управување со моторни чамци, и е еден од најдобрите познавачи не само на Охридското, туку и на другите наши езера. Се разделуваме со констатацијата дека Охридското Езеро и понатаму останува најубавото европско езеро, но и едно од најнеистражените на нашава планета. Во неговите тајни спаѓа и Заумскиот залив, односно причините за негово споредување со мистеријата на Бермудскиот архипелаг.
Експертот по сообраќај во градските средини, но и надвор од нив, господинот Славе Петев дента во Охрид ни раскажуваше за уште една заумска мистерија, која можеби има врска со нашата приказна. "Таму некаде, во правец на замислената линија што поминува од Галичица до езерото кај Свети Заум, на патот кон Свети Наум, мошне често забавуваат возилата и се гаснат нивните мотори", вели Петев. "Појавата е забележана, но не е испитано зошто токму тука и никаде на друго место во Македонија тоа не се случува? Логични се претпоставките дека е тоа последица на железна магнетизирана руда што ги привлекува возилата, односно ги гаси нивните мотори. Сепак, тоа се само непотврдени претпоставки, а со оглед на тоа што на истиот тој потег, само подолу во езерото има необјаснети бранувања, мора да има некоја ала", се шегува сериозниот Петев. Како и да е, кај Заум и во водите на Охридското езеро има необајснети и ненадејни бранувања, чии последици можат да бидат кобни за неинформираните туристи и чамџии. Нам ни останува само да ве предупредиме да ги одбегнувате водите кај св. Заум, без оглед на небото над езерото и изгледот на водата. Впрочем, нашиот пријател од Трпеица, веќе спомнуваниот Павле Ламбески вели: "Кога во мирната вода ќе го здогледате лестот од буката или парче од некое друго шумско дрво како "плута", веднаш тргнувајте кон брегот, на суво!"
Крале Марко |