|
||||
Приказни за кириличното писмо |
Како јата птици зборовите летаат и ги разнесуваат мислите и пораките на луѓето. Тоа што е напишано останува како цртеж на карпа, симбол, знак, неизбришлива трага на постоење, стигнува до нас како најстаро писмо од Македонија. Ги разбираме писанијата на нашите претци оставени по пештерите, печатите, пергаментите, монетите и книгите со Евангелија од нашата библиска земја. Врвулици од народи и војни со уништувачка сила не ги допреле древниот ум, зборовите, јазикот во комуникација на сите што живееле во македонската империја. Потоа се појавувале нови јазици како латинскиот и православно-црковниот јазик со истите македонски букви. Од сите македонски градови и престолнини, славата на Солун си стои меѓу тврдините уште од времето на создавање кога Касандар се оженил со ќерката на Филип II, Тесалка, и во нејзина чест го нарекол градот Тесалоника. Тој град со милениуми е центарот на македонската писменост. Епископскиот град и центар на Православното христијанство од времето на Константин и Јустинијан до Самуил, го чувал чистиот македонски јазик на кој се препишувала Библијата во сите периоди на покрстување и ширење на писмото низ Европа. Нималку не е случајно што од Солун се повикани браќата Кирил и Методиј и им е доверена мисијата на описменување на сите народи северно од Македонија. Мисијата ја продолжиле браќата Климент и Наум со илјадници ученици по Моравско, Влашко, Украинско и цела Русија каде што и денеска кирилското македонско писмо е во употреба. Старомакедонскиот црковен јазик се пее во Кириловите манастири цела Русија, пред фреските на сите Свети просветители од Македонија. Многумина од нив и ги оставија коските таму, заедно со покрстувањето, кирилицата и македонскиот дух за градење на црквите во Киев, Москва, сè до Сибир и Владивосток. Рускиот народ не ги заборава своите браќа по род, јазик, библија и православен канон. Во секоја црква и манастир стојат Кирил, Наум, Климент, па фрески на боговите и руските цареви со писмо во раце, нашето македонско писмо на Кирилица. Охридската архиепископија го имала единственото право на крунисување кралеви. Сите доаѓале во Македонија како во света библиска земја да примат благослов и да формираат свои нации и јазик. Кирилското писмо во Православниот свет е основа за писменоста позајмена од Македонија. Има некоја архаичност во македонскиот јазик. Тоа е црковниот јазик. Тоа се македонските корени на писмо на фреските. Тоа е Македонија во чии крошни и колевки се извеле буквите со Кирилско писмо кое се користи кај сите народи во Православието.
Ангелина Маркус |