|
||||
Бурен аплауз за Македонската опера и балет во Џакарта, Индонезија |
Со громогласен аплауз и овации беа поздравени двата концертни настапи на Македонската опера и балет викендов во најпрестижните концертни сали во Џакарта, Индонезија. Македонските реномирани солисти со интернационална кариера, Весна Ѓиновска–Илкова, Ѓорѓи Џуцковски и Владимир Саздовски, и оркестарот на МОБ во саботата во најголемата концертна сала во Индонезија, која има капацитет од 1200 седишта и каде што настапуваат врвни уметници од целиот свет, двапати беа вратени на бис. Под диригентската палка на маестро Норман Виџаја, голем пријател и соработник на Македонската опера и балет кој активно работи во Операта во Нирнберг, Германија, пред публиката во индонезиската метропола беа изведени дела од Верди, Пучини, Бизе, Масне и Моцарт. Во неделата, индонезиската публика со особен интерес и изразени емоции го проследи настапот на македонските оперски уметници во центарот Цу чи, меѓународна хуманитарна организација најголема во регионот што припаѓа на кинеското говорно подрачје. Средствата од концертот, кој беше со хуманитарен предзнак, беа наменети за жителите на Филипините кои се соочуваат со голема природна катастрофа. Гостувањето на Македонската опера и балет во Џакарта е дел од активностите на Министерството за култура за меѓународна промоција на македонската култура во светот за 2013 година и се одвиваше во рамките на одбележувањето на 20-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Република Македонија и Индонезија. Оваа голема промоција на македонската култура, освен од Министерството за култура, логистички беше поддржана и од Министерството за надворешни работи на РМ, Царинската управа на РМ и од центарот Цу чи. Министерство за култура |