|
||||
„Скопје виа Париз“ изложба на Петра Јовановска |
Во организација на Друштвото на ликовни уметници на Македонија -ДЛУМ во Домот на Армија денес, среда (04.12.2013) во 20:00 часот ќе се отвори изложбата „Скопје виа Париз“ на авторката Петра Јовановска. Родена во Чешка каде завршува средно образование, дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, во класата на проф. Димче Николов. Има реализирано 20 самостојни претставувања, дел од нив се во земјава како и во Чешка, Полска, Франција, Хрватска и Србија. Дел е од над 140 групни изложби во земјава и странство. Добитник е на бројни признанија од облата на ликовната уметност, како најзначајни се Гран-При награда на 14иот Зимски Салон на ДЛУМ, награда за графика Димче Николов и романската награда за Мала графика. Годинава реализираше двомесечен престој во Меѓународниот град на уметноста во Париз. На изложбата Јовановска ќе ни се претстави со делата од најновиот циклус кој го работи во последните две години насловен „Скопје виа Париз“. Карактеристично за овие дела е дека се составени од диптих, полиптих и триптих, во кои се применети колажот, комбинираната техника и сувиот печат како техники на изразување. |