|
||||
Изработката на митри во манастирот Рајчица |
Изработката на митри е едно ретко ракоделие, единствено во нашата земја, што сестрите од манастирот посветен на Св. Георгиј Победоносец во Рајчица го имаат наследено од својот старец, архимандрит Партениј - игуменот на Бигорската света обител. Ова древно искуство е зачувано во Црквата уште од времето на Византија. Имено, православната митра е моделирана според византиската царска круна, бидејќи привилегијата да носи митра Вселенскиот патријарх ја наследил од византиските цареви, а преку него, таа се пренела и на сите архиереи. Од тогаш изработката на митри се пренесувала од мајсторите на учениците, низ многу векови, со што традицијата се запазила до ден денес. Тајната на ова ракоделие, по Божја промисла, на отец Партениј му ја открил покојниот митрополит Геласиј од Бугарија, исполнувајќи го така копнежот на неговото срце. Митрата е дел од богослужбената одежда на епископот и го симболизира трновиот венец на Спасителот, означувајќи ја на тој начин голготската служба на архиерејот како носител на највисокиот чин во Црквата, кој секојдневно умира за своето стадо. Но митрата има и друго значење. Таа го претставува и царското достоинство на епископот, бидејќи на богослужбата епископот ја претставува и царската служба на нашиот Господ Исус Христос. Бидејќи е симбол на архиерејската власт, митрата треба да е достоен одраз на Божјата слава и затоа митрите се украсуваат со многу блескави полускапоцени камења, рачно везени златни и сребрени орнаменти, емајлирани, зографисани икончиња, византиски двоглав орел, и најпосле се опремуваат со раскошно украсен позлатен крст. Секоја митра е уникатна креација, единствен и неповторлив изблик на подвигот и молитвата, која секогаш ги придружува сестрите во работата, засебен израз на креативноста и плод на талентот, на дарот на Себлагиот Бог во секого од нас. Преку нивните раце Творецот прави вистински ремек-дела, круни кои ги красат главите на сите наши архиереи. И не само на нашите архиереи. Митрите што овде се изработуваат веќе ги носат и многу епископи во светот, вклучувајќи ги тука и најсветите патријарси како Ерусалимскиот, Рускиот и неговата светост, Вселенски патријарх Вартоломеј. Работата не е лесна, но многуте часови што сестрите ги поминуваат во макотрпно везење, наведнати над митрите, не се паметат, ниту, пак, се чувствуваат, зашто тие на крајот, преку послушанието се преобразуваат во радост. Подвигот е секојдневието на монахот. Но само подвигот што се прави со радост и од љубов кон духовникот е благодатен подвиг, спасоносно движење кон вечноста, подвиг што раѓа плод. Бигорски Манастир |