Интервју со Достана Караѓозоска-Станковска, колекционерка на народни носии и стари предмети за домаќинство
„Љубовта на народните носии ми ја пренесоа моите родители, Томо и Љубица (Бислимовска) Караѓозоски, кои ги зачувале носиите во кои се венчале, на Петровден, 1950 година, во Галичник. Тие беа основачи и долги години учесници на културната манифестација „Галичка свадба“, од почетокот. Родителите ми ја всадија љубовта кон Галичник, кон свадбарските обичаи и ритуали, кон традициите, кон културните и духовните вредности создавани со векови во најубавото место на планетата земја - Галичник. Со големи емоции и носталгија, со задоволство ни зборуваше за родниот Галичник, каде што ги направила првите чекори и научила да пишува и чита“, раскажува Достана Караѓозоска-Станковска, магистер по економски науки, во нејзиниот дом во скопското село Булачани. Родена во Галичник во средината на 1955 година, а од 1963 година постојано живее во Скопје. Како што вели, се' додека постои ќе ја памети и нема да ја заборави 1985 година, која била пресудна за да се определи да стане колекционер на народни носии, да ги проучува фолклорот, етнографијата, историјата на Галичник, на секоја педа на Македонија. „Се сеќавам како тоа да се случи вчера, а не пред околу три децении. Не знам зашто, мајка ми не' собра сите три сестри и ни подари по еден заврз во бело платно во кој имаше по една галичка носија. И ни рече: „Еве, што сакате правете! Овие се ваши, вие берете им гајле“. Во мојот заврз се наоѓаше ’калешата’, така се нарекуваше моделот на галичката носија, нејзиното невестинско руво. На сестра ми Светле и' ја даде ’срмената’, а на Софче, исто така, ’калеша’, од баба ми Доста. Во тој миг, во мојата душа, се родија многу емоции и голема желба да собирам оригинални народни носии од сите краеви на Македонија, да се грижам, да ги чувам, да ги спасам да не исчезнат, да не ги заборавиме, да не' потсетуваат на нашето минато... бидејќи не' идентификуваат во светот и не' разликуваат од сите останати! Сакав на носиите кои исчезнуваа од нашата држава, да им го продолжам животот, да сочувам барем дел од ова непроценливо, уникатно и многу вредно фолклорно богатство! Тоа беше мотивот, што ме поттикна да почнам да собирам носии. Имав голема љубов, која по секоја купена носија стануваше се' посилна. Не можам да го замислам животот ако постојано не истражувам и не купувам оригинални носии. За првите носии ми помогна соседот Димко, кој работеше во скопската Железарница. Го замолив да ги праша колегите дали некој има народна носија за продажба. За некој ден ги купив првите две носии од Овчеполието. Три дена ги чував распослани на шестоседот. За 28 години успеав да соберам околу 150 носии од сите краеви на Македонија. Најголем број се женски - невестински, а во колекцијата имам машки и детски. Според слободна процена, имам вложено над 50.000 евра, некои од носиите ми се подарок од фамилијата. Која носија е најстара и од кој крај? - Поседувам неколку носии кои ми се посебно драги. Носијата на баба ми Доста Караѓозоска од Галичник, потоа носијата на бабата на мојот сопруг Крсте, Елена од с. Булачани, Скопско, носија на жената на учителот од с. Белица, Македонски Брод, доламата на мојот прадедо Василко Караѓозоски, која е постара од 100 години, како и невестинската кошула на баба Анѓа од с. Булачани, која никогаш не била облечена, како и срмениот клашник и на мајката на баба Ката од с. Зубовце, Гостиварско. Секако најдраги и многу стари се детските носии во кои се облекувале татко ми и мајка ми. Што за Вас претставува собирањето народни носии? - Не можам да опишам, но ја споредувам со љубовта на прв поглед. Поедноставно речено, што да видам, ако очите го забележат, срцето го посакува, сакам да биде мое! Понекогаш не прашувам ни за цената, првата средба со носијата ме остава без здив и заборавам на сите други обврски, само барам начин како да биде моја. Кое е задоволството да се има толкав број на носии? - Кога говорам за мојата колекција на носии нивниот број не ми значи, но задоволството расте се' повеќе со секоја нова носија. Последната носија отидов да ја купам во струшкото село Радожда. Сама се чудам како во лоши временски услови, постојано врнеше пороен дожд, видливоста намалена, одрони на патот, заминав за Радожда и не погрешив. Заморот од напорното возење по такви временски услови, кога пред мене на каучот со шарена престилка, видов куп стокмени носии од струшкиот крај. Се чудам како не ги зедов сите. Одбрав само една и со брзање излегов од старата куќа, од страв да не посегнам и по другите. Како ги чувате носиите, како ги одржувате, да не бидат нападнати од молци и други штетници? - Чувањето и одржувањето на толку многу народни носии е товар. Но, мене ми претставува тешкотија се' додека не ги извадам на сонце, а тоа го правам два пати во годината. Потоа ги вакумирам во вакум-кеси и ги редам во сандаците и кофчезите на моите баби, кои се реликти, како и во плакари кои специјално ги направив за нив. Користам неколку техники за заштита од молци. Проблем ми претставува само перењето на некои кошули, поради боите кои се чувствителни на вода. Дали имате помош од семејството? - Најголема помош и поддршка имам од сопругот Крсте, кој исто така е голем колекционер на поштенски марки и ја разбира мојата љубов кон колекционерството. Децата не ми помагаат, но не се лутат. На почетокот им пречеше мојата желба да одиме во некое село или некаде каде што ме канеа да видам некоја носија и не сакаа да ми прават друштво. Последниве години постојано ме прашуваат и се смеат до каде сум стигнала со отворањето на изложбата во Париз? Ако видат некоја носија или предмет, ми јавуваат. Синот Никола од Бурса ми донесе монистра и копии на стари пари и во шега кога ми ги подари ми рече: „да не ти достасуваа за некоја носија за да ја достокмиш“! Не верувам дека моите носии еден ден ќе блеснат во витрините на некој изложбен салон. Синовите не се толку „загреани“, но затоа снаите се на моја страна. До сега не го споменавте подарокот од свекрвата? - Добро ме потсетивте. Се разбира и свекрвата ми подари носија и тоа во јуни 2001 година, а еве како се случи тоа. На 3 мај 2001 година правевме свадба за мојот постар син Никола. Полна со емоции, утрото пред да тргнеме по невестата во Тетово, се облеков во невестинската носија на мајка ми, зет ми ми донесе сито, а сестрите го украсија со трендафили и гороцвеќе, а во него ставија леб, според обичаите на галичката свадба. Така дотерана ги чекав гостите со кои требаше да заминеме во Тетово. Имав и бокал со вино, се собраа сватовите, музиката почна да го свири „Свекрвиното оро“. Срцето силно ми чукаше, чинам се делеше на половина. Пристигна свекрва ми и кога ме виде дотерана во галичката носија, почувствував дека како стрела да ја погоди. Не и' реков ништо, само ја прашав зошто не е весела, дочека внук да жени?. Таа не можеше да ја скрие лутината и ми рече. „Невесто, сега требаше да ја облечеш нашата носија, свекрва си од Булачани!“. Не сакав да си го расипам ќефот и и' реков дека оваа носија ми беше дома, имам и други, но од сите оваа ми е најдрага. Но некој немир остана да лебди во празниот простор над мојата глава, си мислев да не погрешив. Но, така ме водеа емоциите. По две недели од свадбата отидовме кај баба Благуња, така си ја викавме свекрва ми. Таа ме пречека подготвена со заврзок во бело, подврзано со црвен конец. Остро ми рече: „Немој да мислиш дека не сакам да ги облекуваш моите алишта. Ти купуваш секаде по селава и ги чуваш, еве и овие се од мојата свадба, земи ги и чувај ги. Твои се и да ги оставиш на Коки (син ми Никола, крстен на свекорот), само не заборавај дека уште сум лута што не се облече за свекрва во ова руво. Се насмевнав и и' ветив дека кога ќе го женам Љупчо (помалиот син) ќе се стокмам во нив. Речено сторено, за свадбата на Љупчо, со истото сито и истиот бокал со ново вино, ја облеков носијата на свекрва ми. Само жалев што таа не можеше да види дека останав на зборот. Дали изработувате носии? - Имам неколку успешни обиди. Изработив долама за првиот роденден на внука ми Ивана. Исто така, направив елек-раштак, како и машки елек од блатија, стара носија на баба ми ја реставрирав. Сите зафати беа успешни. Најголем успех постигнав со изработка на бечвите и зобанчето за внукот Огнен (син на мојата помала сестра), за да учествува на „Галичката свадба - 2004“. Во слободното време, кое се' помалку го имам, повремено подработувам, правам женска долама на внука ми Мила. За посериозна работа немам време. Дали вашата богата и разновидна колекција на народни носии е достапна на јавноста? - За пошироката јавност моите носии никогаш не биле достапни, единствено ги покажувам и тоа понекогаш на моите најблиски роднини и пријатели, кога сакам да им објаснам колку е убава носијата или кога сакам да се пофалам дека имам носија токму од местото од каде што потекнуваат пријателите. Само внуките можат да ги гледаат кога сакаат. Ним со денови им раскажувам колку се убави носиите, колку била тешка нивната изработка, на овој начин им ја всадувам љубовта кон македонското народно творештво и верувам дека тие ќе ме наследат. Покрај богата колекција на народни носии, кое претставува огромно национално богатство, дали собирате и други старини? - Да. Најмногу предмети што се врзани за изработка на носиите, фурки, вретена, брда, мотовила, гребени, а во преговори сум да купам разбој. Исто така, имам богата колекција на бакарни тепсии, тигани, ѓугуми, котлиња, бутин, аван, карти, мангали, баланси, пегли на жар и сл...
Покров за носија Создавањето на колекцијата на народни носии е макотрпна работа, исполнета со многу згоди и незгоди, со интересни случки, запознавам прекрасни луѓе, со нивни квалитети, судбини и доблести. Во селото Ораше, Велешко, пристигнав сретсело, никого не познавав. Во селската бакалница средовечен маж ме упати да појдам кај Лена или кај Секулица, кои имаат носии за продавање. Барајќи ги овие две жени, во двор пред една куќа, седеше баба, која плетеше чорапи. Побарав да ми помогне, да ми ги каже куќите на двете жени. Откако и' кажав зошто ги барам, ми рече „дека не треба никаде да одам, добро што мене ме сретна и ќе ми ги даде нејзините партали. Не сакам пари, ти ќе ми донесеш покров“. Се чудев што ли сака бабава? Ја потпрашав, каков покров сака. Едно ќебе од поарните, да ме топли и два бели чаршава, еден за одоздола, еден за одозгора, дијалектот и' беше сличен со галичкиот. Молчев и се чудев што сака бабава. На крајот ми рече: „се договоривме и оди си не ти треба никој друг, дојди в недела и донеси ми го покровот, па ќе видиш што ќе ти дадам“. Како што се договоривме следната недела се вратив со нарачката на баба Анѓа: ќебе „амбасадор“, два единечни чаршави, бели со тантели на краевите и една навлака за перница, бела со бел вез. Кога влегов во куќата и ме виде, баба Анѓа со насмеано лице ми рече: „Ти не си човек, ти си ангел“. Господ те донесе и ми ја исполни најголемата желба. Дали носиш торба, да ги собереш парталиве од ковчегов да не ги гледам повеќе! Не верував на очиве, не знаев како да ги спакувам работите, бабата влезе во одајата и ми подаде два арна (волнени вреќи), во кои се собира волна, и тивко промрморе, еве овде се ќе збереш и замина. Пролета повторно дојдов во село Ораше и прашав за баба Анѓа, ми рекоа дека умрела. За погребот била дотерана како грофица и почнав да плачам, кога и да се сетам на баба Анѓа, солзите сами ми течат. За средбите со сопствениците на носиите, за начинот како доаѓам до нив, за пазарењето, за разделбата од сопствениците, можам да напишам многу романи.
Апликациите на носијата вредни и уникатни Во колекцијата на Достана Карагозоска-Станковска се наоѓаат голем број на пафти, колани, срамачиња и друг вид додатоци на носиите, кои се уникатни, вредни и стари со векови. Во зависност од тоа за која носија станува збор и од кој крај е, апликациите се различни. Не само по изработката и по нивната вредност. Сепак, сите се привлечни, посебни, но мошне вредни и тешко можат да се најдат. Коланот и пафтата на галичката носија, како што ни рече Достана, што ги добила на подарок од мајка си се стари над 130 години. На коланот сребрените пари, се руски рубли на кои се втиснати годините 1877 и 1878.
Превземено од Утрински весник Киро Кипроски |