Панорамски поглед на Баба
За искачување на врвот Пелистер кој е во состав на националниот парк „Пелистер“ постојат неколку правци, и тоа: од планинарскиот дом Неолица преку Големо езеро; од с. Нижополе преку Големо езеро и од пл. дом Копанки.
Од пл. дом Неолица (до овој дом се стасува од селата Лавци и Буково преку маркирани патеки) преку врвот Скрково по гребенот до врвот Муза и преку Орлови бари до пл. дом Големо езеро. За овој дел од патеката потребни се 6 часа, од пл. дом Големо езеро до врвот преку Мало езеро уште 2 и пол часа. Патеката е маркирана, а домот Неолица работи само за викенди и празници. Од с. Нижополе до Големо езеро преку гребенот Дебел рид потребни се 3 и пол часа. Патеката е маркирана. Домот во летните месеци работи секој ден, а во другите месеци само за викенди. Од пл. дом Копанки за врвот постојат 3 патеки. Едната е преку гребенот - камењарот, а другите две се преку Болница и Широка. Маркацијата ПМ започнува од Копанки односно Бегова чешма - хотел Молика и води по патеката преку Болница. Од Битола до Бегова чешма може да се стаса преку селата Трново и Магарево. Од пл. дим Копанки патеката се спушта надолу по широкиот пат кај Палиснопје и се движи по неа до месноста Цапарски преслап. Од овој преслап патеката повторно влегува во шумата. Кај месноста Под Кулина стена патеката се дели десно, оди преку Широка и лево преку Болница на врвот. Друга насока по која може да се достигне врвот е од с. Брајчино од правец на Преспанското езеро. Направена е нова маркација и со неа се излегува на платото меѓу Големо и Мало езеро, и од таму може да се искачи врвот. Печатот се наоѓа на врвот во зградата на МТВ - репетитор каде има постојано дежурни. |