Сабота, 06 Јануари 2024    PDF Печати Е-пошта
Пред Божик, зад Божик, кај да си, дома да си

bozik

Рождество Христово (Божик) 7.I. / 25.XII,празник на радоста и надежта

(Именден празнуваат: Богоја, Христо, Божин, Ристо, Христина, Ристана, Ристовка...)

Божик спаѓа меѓу најголемите христијански празници, зашто на тој ден се празнува раѓањето на Спасителот Исус Христос. Колку овој ден е важен за човештвото се гледа и по тоа што тој е земен за клучен датум, односно камен темелник, за пресметување на времето, па така имаме стара и нова ера што значи време пред и по раѓањето на Исус Христос.

Овој празник е наречен и матица на повеќе празници бидејќи да не бил овој празник, што значи да не се родел Исус Христос немало да има ниту негово крштевање, (значи немало да го има празникот Водици), немало да има ниту Распетие и Воскресение (Велигден) ниту Вознесение (Спасовден), немало да постојат ниту празниците Духовден, Преображение, Крстовден итн.

Евангелските текстови сведочат дека римскиот император Август издал заповед да се изврши попис на населението во империјата. Секој требало да биде запишан во градот на своите дедовци. Палестина тогаш била во рамките на Римската империја поради што и праведните Јосиф и Света Дева Марија тргнале од Назарет за да се запишат во Витлеем, бидејќи биле од родот Давидов.

Кога пристигнале во Витлеем за нив немало место во гостилниците и куќите поради тоа што во градот имало многу народ дојден заради пописот. Некои добри луѓе сакајќи да им помогнат ги упатиле во една пештера во близината на градот каде што пастирите во невреме ги засолнувале овците и козите.

Ноќта силна светлина ја исполнила пештерата, но и околните ридови, потоа Света Дева Марија го родила својот Син првенец, го повила и го ставила во јаслите. Силната светлина ги исплашила и пастирите што со своите стада ноќевале на отворено на околните ридови, но веднаш потоа ангелот Господов ги утешил и предупредил јавувајќи им ја радосната вест: „Не бојте се! Еве, ви соопштувам голема радост, која ќе биде за сите луѓе; зашто денеска ви се роди во градот Давидов Спасител, Кој е Христос Господ; и еве ви знак: ќе најдете повиен Младенец како лежи во јасли“.

Веднаш потоа хорот на ангелите ја запеал песната: „Слава на Бога во висините, а на земјата мир и меѓу луѓето добра волја“! (Лука 2/14) Пастирите веднаш отрчале во пештерата каде што ги нашле Марија и Јосифа со Богомладенецот, му се поклониле, а потоа низ градот разгласиле за раѓањето на Спасителот. Веднаш потоа кај првородениот син на Света Дева Марија пристигнале и тројцата мудреци од исток на кои што за раѓањето на Спасителот им соопштила необичната ѕвезда на небото која што и ги довела до пештерата, движејќи се пред нив кога тие оделе и која што стоела кога тие одморале.

„И штом влегоа во куќата, го видоа Младенецот со мајка Му Марија и паднаа, па му се поклонија; а кога ги отворија своите ковчежиња, Му принесоа дарови: злато, ливан и измирна“. (Матеј 2/11) Овие дарови требало да претскажат дека новороденото дете е во истовреме човек (измирната), Бог (ливанот-темјанот) и Цар (златото). Значи пред Богомладенецот најпрвин се поклониле простите пастири и учените мудреци како овоземни жители, но и ангелите од небото што значи дека тој бил предодреден подеднакво да му припаѓа и на небото и на земјата.

Во првите три века не се празнувало раѓањето Христово. Причина за тоа бил христијанскиот поглед на човековиот живот кој не му придавал многу значење на телесното раѓање на човекот туку на неговото духовно раѓање (крштевањето). Поради тоа раѓањето и крштевањето на Исус Христос се празнувало заедно на 6 јануари (19 според новиот календар) Богојавление / Водици, а тоа било ден кога се празнувале повеќе спомени. Подоцна кога човековиот живот почнал повеќе да се цени, се јавила потреба за празнување и на денот на телесното раѓање, а не само на духовното  (крштевањето) и на телесната смрт, раѓање за вечен духовен живот. Но и од практични причини се јавила потребата денот на раѓањето на Исус да се празнува одделно од денот на неговото крштевање бидејќи верниците не можеле во исто време да бидат и кај Витлеемската Пештера каде што се празнувало раѓањето, и на реката Јордан каде што се празнувало крштевањето.

По одделувањето од Епифанијата споменот на Христовото раѓање е пренесен на 25 декември (7 јануари според новиот календар). Најстар споменик што зборува за Божик е беседата на Јован Златоуст одржана во Антиохија во втората половина на IV век. Тој појаснува дека за одредување на овој датум се земени два настана: јавувањето на ангелот на Захарија и Благовештението на Богородица.

Денес македонскиот народ со многу внимание го празнува Божик, денот на Христовото раѓање. Обичаите што денес се изведуват се остатоци од минатото, но поголемиот број од нив се исчезнати, а ние денес за нив дознаваме од записите на собирачите на македонски фолклорни и етнографски материјали како што се браќата Миладиновци, К. Шапкарев, Е. Спространов, В. Икономов, М. Цепенков и многу други. Особено од минатото се останати богати обичаи и верувања поврзани со Бадник или Коледе денот што му претходи на Божик.

Истражувачите на овие обичаи истакнуваат дека во почетокот Коледе бил празник поврзан со враќањето на сонцето од јужните напоредници, со раѓањето на новото сонце што значело и раѓање или обнова на животот. Подоцна Христијанската црква овој ден го поврзала со Христовото раѓање. На прекорот дека Христијаните започнале да го празнуваат денот на сонцето исто како и паганите Свети Августин одговарал: „Ние го празнуваме не како неверниците поради сонцето, туку поради оној што го создал сонцето“.

Иако обичаите што се изведуваат на Бадник и Божик во некои детали меѓусебно се разликуваат од регион до регион, па дури и од село до село, сепак во основа се изделуваат неколку заеднички елементи, како што се богатата софра, што се подготвува на Бадник навечер, потоа коледарскиот оган заедно со дрвото Бадник, како и коледицата проследена со многу коледарски песни.

Богатата трпеза со исклучително посна храна: питулици, сарма, грав, компир, риба, зелник, овошје и сл. според верувањето има цел врз принципот на имитативната магија да обезбеди богат род на земјоделските култури. Обичај е по вечерата софрата да не се крева, туку така заедно со храната да остане целата ноќ, а во некои места така останува во текот на трите дена додека се празнува Божик. Ова е поврзано со верувањето дека ноќта ќе дојде Дедо Боже и ќе се нахрани.

Во Кукушко се подготвувала вечера и за Дедо Боже, трпезата се поставувала во дворот, а домаќинот го поканувал: „Повели дедо Боже да вечераме“. На Бадник софрата се става врз слама за спомен на јаслите од Витлеемската пештера во која е роден Исус. Подоцна со оваа слама се врзуваат овошките со верување дека таа ќе ги штити од болести и штетници и дека ќе дадат богат род.

На Бадник во секоја куќа се меси кравајче, пита или погача во која се става сребрена пара. Вечерта кога сите ќе седнат на вечера домаќинот откако ќе се прекрсти и ќе ја благослови трпезата го крши кравајчето на толку делови колку што има членови семејството, оставајќи уште дел за Бога и за куќата. Сите присутни во својот дел од кравајчето ја бараат парата, и оној што ќе ја најде се смета за најсреќниот во годината што претстои. Оној што ќе ја најдел парата ја ставал во грне или чаша со вино од која сите пиеле за здравје и среќа. Парата ја земал тој што ја нашол или му ја давал на домаќинот и за тоа добивал подароци.

Богати обичаи и верувања на Бадник се поврзани со обредниот оган како и со горењето на дрвото наречено Бадник или Бадникојца. Во некои краишта дрвото што се гори е пенушка од даб, во други смрека, а некаде се гори круша горничка (дива круша) зашто се сметало дека таа е најродна, раѓа секоја година. Тоа се правело за да биде и годината родна.

Во врска со палењето на дрвото Бадник и воопшто со коледарскиот оган во науката постојат главно две теории: соларната која се заснова врз принципот на имитативната магија, која тврди дека огнот има цел да го имитира големиот извор на енергија од небото и да обезбеди доволно светлина и топлина за луѓето, но и за стоката и за билките. Примитивниот човек верувал дека на изнемоштеното сонце кое во овој период од годината најмалку е видливо на небото и неговото дејство е со најмал интензитет може да му се помогне со силни огнови од земјата. Според другата исцелителна или очистувачка теорија, пак огновите не се во врска со сонцето, туку со верувањето дека со нив можат да се изгорат сите штетни влијанија, било тие да се од природен или од демонски карактер (болви, вошки, змии, но и болести, вештици, караконџули и сл.).

Во врска со обредните коледарски огнови е и обичајот коледица. И денес како и во минатото и во селата и во градовите во сите краишта на Македонија групи деца палат оган, пеат пригодни песни и одат по куќите каде што добиваат подароци како што се: пари, ореви, костени, јаболка, портокали и др. Една од најпопуларните песни што и сега се пее во овие случаи „Коледе леде“ ја среќаваме и во запис на Г. Бојаџиев, објавена во „Книжици за прочит“ во 1893 година.

Коледе, леде!

паднало греде, утепало деде.

Дедо се мачи, баба го квачи,

со четири јајца гусќини, гусќини!

О, О, коледе!

Во овие песни кои што немаат развиена мелодија, како што е случај со другите лирски песни, туку се скандираат со карактеристични извици на почетокот и на крајот се најавува доаѓањето на Божик, големиот христијански празник, кога се празнува раѓањето Христово. Таков е случајот и со следнава песничка запишана од Марко К. Цепенков:

Збирајте се дечиња, стред село на грејачка,

огон да си палиме, за да се изгреиме,

оти после ќе одиме Коледа да викаме,

костење да збираме, за Бадник да јадиме.

Божик да го чекаме и прасе да јадиме.

Обичаите и песните што се изведуват и пеат на Божик всушност претставуваат продолжение на претходните обичаи и песни поврзани со Бадник. И овие песни ги имаат сите одлики на коледарските песни, радост поради повторното раѓање на сонцето, желба за плодна година. Сепак во однос на претходните коледарски песни особено оние што се пеат покрај коледарскиот оган и во кои доминираат еротски содржини во песните што се пеат на Божик има повеќе елементи од Христијанската религија.

Раѓањето на Исус Христос нашло место и во повеќе други верувања и преданија, а некои истражувачи веруваат дека оттогаш останало коледето, децата да одат по куќите и да го соопштуваат раѓањето на Богомладенецот Исус Христос.

Со Божик е поврзан и обредот Вертеп, еден би рекле, религиозен театар што е познат кај повеќе народи, а кај нас најдолго се задржал во Охрид. Овој подвижен театар поврзан со Рождеството Христово го играле групи од по десетина деца. Две од нив биле статисти што го носеле Вертепот. Вертепот пак било едно сандаче што ја претставувало пештерата во која е роден Исус. Тоа сандаче било покриено со хартија во боја, од едната страна било отворено, внатре било украсено, имало и слама и лелејка, имало направено ликови како Пресвета Богородица, свети Јован Крстител, овци, овчари, поклоници, итн. Меѓу артистите имало и тројца цареви (Ирод, Валтезар и Гашпар) кои говореле одредени текстови претходно научени. Ако во постарите времиња Вертепот бил статички црковен театар што се изведувал во црквите пред верниците, подоцна тој се изведувал по домовите, кафеаните и други места каде што во тоа време, односно, околу Божик, се собирал народот. Вертепот се ставал на маса или друго поиздигнато место за да го гледаат сите. Најпрвин се испевал тропарот „Родество твоје“, а потоа се изведувала драмата. Потоа присутните го дарувале со пари или плодови. И во домовите се изведувала истата драма со постојани монолози и дијалози особено на тројцата цареви, потоа овчарот и другите учесници во обредот. Честопати меѓу вертепчиите настанувале жестоки тепачки, поради што се внимавало тие да не се сретнат. Во Охрид и Струга е забележан малку поинаков обред наречен „Со ѕвезда“, кога ѕвезда направена од картон и украсена се ставала на долг стап или се носела во сито каде што имало и икона со Христосовото раѓање итн. Очигледно обредот Вертеп содржи повеќе елементи на фолклорен театар со текст, лица, глума, облека, реквизити, публика итн.

Во народното верување со Божик започнува периодот од 12-те денови т.н. Некрстени или Погани, а некои ги викаат и Ристосови денови што траат до Водици, период исполнет со многу активности на негативните демони, со религиозен страв и разни магиски заштити. Според народното верување од Божик до Водици кога Исус не бил крстен и леунка била Богородица, разни зли демони како вампири, караконџули, вештици и др. ги изведуваат своите оргии и се обидуваат да му напакостат на човекот. Дури на Водици кога се крштева водата се парализираат и нивните дејствија.

Со Божик е поврзана и пословицата: „Пред Божик, зад Божик кај да си, дома да си“ што има двојно значење: за време на големиот празник треба да се биде во кругот на семејството и тука да се слушне и да се прослави радосната вест за раѓањето на Спасителот, но не е на одмет да се потсети дека во најстудениот период од годината исполнет со снежни вејавици, но и со други опасности сепак најпријатно и најбезбедно е во сопствениот дом....

Од книгата „Климент Охридски“, (житија, слова, поуки), СK 1974 г.

Марко Китевски

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.