|
|
Брсјаци или Берзите едно од осумте македонски племиња |
Брсјаците се сметаат за едно од осумте македонските племиња (Берзити, Смољани, Струмјани, Драговити, Сагудати, Ринхини, Велегизити и Венити) кои ја населуваат територијата на Македонија. Тие се поврзуваат со средновековно племе Верзити или Берзити, кои особено ја населуваат територијата меѓу Охрид, Прилеп, Велес и Кичево, потоа Јужно Косово и Јужна Србија (околу Прешево). За првпат под ова име се споменуваат во делото „Чудата на Св. Демитрија“, поврзано со опсадата на Солун. Во 799 година независниот брсјачки кнез Акамир, кој владее со територија која се простирала во Македонија и јужна Тесалија, како архонт на Берзитија, бил еден од предводниците на бунтот против византиската царица Ирена I. Во изворите е регистрирана и Брсјачката буна во Охридско и Демирхисарско против османлиската власт во 1881 година. Баварскиот географ Баварус од 9 век забележал дека Берзитите / Верзитите живееле на територијата на денешна источна Германија, западна Чешка и југозападна Полска, поточно меѓу градовите Баутзен – Ерфурт – Праг – Краков. Во 9 век Берзитите сеуште постоеле како посебен етнос и држеле под себе 10 градови (Verizane ciuitates X). Има мислење дека името било дадено од Мијаците. Меѓутоа, името на Брсјаците или Берзитите (Верзитите) никој не ги поврзува со градот Бер или Верија, кој за првпат го спомнува Тукидит во 432 година п.н.е. и еден од најзначајните градови на античка Македонија по Пела. Не случајно во 1 век апостолот Павле и Сила прoповедаат во Бер. Ако Бер како македонски град е еден од центрите на кнежевството на Акамир, сосема нормално би било тие да се именуваат како Берзити или Верзити кои поради историските настани (бунтови, востанија) мораат да се повлечат од Византија на север до Дунав и кон територијата на горе споменатите држави. Инаку градот Бер и за време на Самуиловото царство се наоѓа во македонски раце. Постои интересен податок од градот Бер, каде по пребројувањето на населението во 1912 година градот е одбележан со неколку јазика и религии: македонски јазик и религија христијанска, турски јазик и муслиманска религија, влашки јазик и христијанска религија, шпански јазик и еврејска религија, грчки јазик и христијанска религија и ромски (цигански) јазик и христијанска религија. Сите овие податоци го дополнуваат мозаикот со кој се оспорува теоријата за доаѓање на Славјаните на Балканот и укажува дека Македонците се тие кои се селат од овие простори на разни страни во светот. Дури и соседните кавги меѓу македонските племиња ги пренесуваат во новите населби. Така вековното ривалство меѓу Брсјаците (Берзитите) и Мијаците кои во минатото живееле во Солунско, продолжува со доаѓањето на Мијаците во Реканскиот крај. Пропагандната машинерија на Грција, Србија и Бугарија, како и нивните поддржувачи, во своите аспирации кон територијата на Македонија ги изоставуваат или парцијално пренесуваат одредени податоци, при што се дава искривена историска вистина. Во триесетите години на минатиот век, во склоп на српската пропаганда, авторот Г. Божовиќ во белградска „Политика“, по патувањето низ Македонија пишува и за Брсјаците, кои ги претставува како дел од српскиот народ. Од неговиот текст кој е инересен за запознавање на животот и култура, како и за вечното ривалство меѓу Мијаците и Брсјаците, издвојуваме делови во кои Божовиќ ќе напише: „Низ магличавиот самрак се спуштавме од Тајмиште кон Кичевската котлина. Прекрасна, плодна и благословена брсјачка долина. Низ порано готово одметнатиот Зајас, одиме према Кичево, некогаш после Прилеп главен град на благоверните Мрњавчевиќ. Осврт на секогаш големиот војвода и државник кралот Волкашин, чиј спомен е сочуван во бројните задужбини, и на фанатичниот Крал Марко, при чиј спомен и просјакот стануваше македонски витез. Низ широкиот и поднослив насип се движат автомобили низ вечерната тишина, а лево и десно остануваат зајашките населби во плодната питомина... Лево ни останува населбата на прочуениот К... Зајас, кој некаде горе ја изгуби главата кога залудно се обидуваше да докаже дека е посилен од песната, од царските преданија, од манастирските ѕидини, од манастирските фрески кои и нему му раскажуваа дека во туѓа куќа секоја сила е залудна. Одиме низ брсјачкиот крај... Тесно ми е во колата, но широко во душата. Се сеќавам како некогаш овде се патувало и како сега безбедно патуваме. Молчам, а и сопатниците молчат. Ми се чини дека ова е прв пат... да се помине одовде без збор и без вообичаена патничка галама. Побожно и со стравопочит. Самракот станува се` погуст, а сенките како да излегуваат од ридовите и треперат од двете страни на патот. Тие како да се свита на прилепските кралеви или придружба на нивните принцези кои се враќаат во кнежевските дворци во овој крај. А се слушаат и некакви песни. Би се заколнал дека слушам една таква. Не се пее, туку како да кука некоја стара Арнаутка, која како да ја претчуствува лошата судбина на својот син насилник. Не седи Џемо, слободен, Слободен Џемо, распашан, Под таја крушка летница, Каури глава кревале, Свите комити излегле, Пред нив Мицко војвода!... Некогаш Џемо му задаваше маки на Марко од Охрид до Звечан, а неодамна неговиот по дух потомок Џемо на Поречјето и Брсјаците. И тие се наметнаа на Марко, па Џемо плати со главата под крушка... Брсјакот Мицко од Латово, како што вели песната, го уби од зелена мартинка без било каква измама. Се сеќавам на тоа како и на се` што направи Поречје во одбрана, што се` не направија Брсјаците до конечно ослободување. И до Самуило..., и за време на Стрез Просечки и во наши денови, скоро до вчера“. Иако во текст авторот Божовиќ се држи до српската пропаганда и го величи пропагандниот агитатор и прв српски четник Мицко војвода, тој сепак изводот од песната ја дава на чист македонски јазик, а подоцна и препирките меѓу Мијаците и Брсјаците, со што прави разлика од српскиот и бугарскиот јазик. Во понатамошнит дел од текстот тој меѓудругото ќе се осврне на потеклото, ривалството и карактеристиките на Мијаците и Брсјаците, при што ќе забележи: „Доаѓам кај нив од Мијаците кои толку ги засакав и жалам што вечерва покрај мене нема ниту еден Рекајлија за да го прашам сега на оваа слобода и божја ширина што мисли за Брсјаците. - Брзаци, што сакаш повеќе!... Сејале сол, јале сапун; брзи на волкот и на Турчинот; дивина и планина; И од Господ барале тука да им крева магли од планина!... - Ќути, Брзаци и јунаци!... Ех, Мијак!.. Море ќе се турчам, а не се мијачам!... И историски е утврдено дека од сочуваните наши племиња во Македонија, најстаро и најочувано се Брсјаците... Тие ја завзеле десната страна на Вардар, од Скопје преку Полог до Пелагонија, Преспа и Охрид, наслонувајќи се тука на Мијаците, Пољаните (Срби н.з.) и пред Прилеп на Бабуните. По нивните митови главнината им била населена во Полог. Нивните главни планини биле Даутица, Сува Гора, Песјак и Бистра. Допираа низ планините до Железната врата (Ѓердап). Племето без сомнение било големо и планинско и секако добро организирано, бидејќи првите почетоци на нашата државност било кај нив. Тие меѓу првите почнале да се одметнуваат од Грците и најдобро да се бранат од ханските Бугари. Во тоа време имале свои кнезови и кнежевства. Имале нешто слично на благородници. Добромир Срез бил нивен, а не дојденец и наметнат. Не е невозможно дека и Самуило бил од нивната средина. Точно е дека Брсјаците ја сочинувале главнината на неговата војска, како и подоцна на Волкашин. Невозможно е поинаку да се објасни постојаниот воинствен дух, борбеност, бунтовност и постојаната желба да се одметнуваат од странските завојувачи Грци, Бугари и Турци, а со Арнаутите крваво да се колат“. Говорејќи за границите и потоа за името на Брсјаците, авторот запоставува некои историски податоци за да може полесно Брсјаците да ги престави како дел од српскиот народ. Но, како странец, сепак признава дека е тешко да се објасни неговото потекло. Отука се обидува да го користи толкувањето на Мијаците за што вели: „Брсјачкото име е многу старо и познато на спомениците. Иако во коренот е чисто српско, сепак тешко е да се објасни. Мијаците во тоа име најчесто ја гледаат особината на Брсјаците кои се избувливи и брзо се спремни за кавга и борба... Меѓутоа, изгледа дека тоа име доаѓа поради нивната особина брзо да пешачат по планините или просто како планинци. Према тоа нивното име би значело горјани, планинци, шумски луѓе, луѓе од планина... Брсјаците, како и Мијаците, некогаш биле повеќе. Меѓутоа плаќале данок во крв и на другите племиња. Покрај се`, имаат аспирација да се шират и да станат се` посилни. На цела Западна Македонија му го натураат своето обележје, а нивниот говор е главен и најсилен на југ. Прилеп, Битола, Охрид, Крушево, Кичево и Полозите му припаѓаат на тој говор и тој се ширел се` до денес. А денешните граници на Брсјаците можат вака да се повлечат: извор на реката Велика (Треска), гребен на планината Јама, селото Ехловец, Бистра, Мавровско Поле, Полози, по Вардар до Хенриево (Ѓорче Петров), до манастирот Матка, потоа Водно, ограноци на Караџица и Даутица, Прилепско Поле покрај Зрзе кон Крушево, Бушева Планина и се влегува во Охридската котлина. Секако дека Брсјаците по нешто навлегле во Битола и према Преспа. Ова племе и денес може да се гордее со бројот и просторот на населбите. Денес главнината на Брсјаците се во Поречје. Поречани се нивни најизразени преставници за карактеристиките на говорот и носијата... Мијаците се многу попаметни, поснаодливи, пообразовани, потрадиционални, повеќе побожни и поправославни. Но затоа се помеки за борба, помалку способни да ја организираат и да ја водат отворено и бунтовно. Брсјаците на прво место се јунаци. Борбени, брзи на потег, чувствителни и тврдоглави, непосредно и попрости од Мијаците. Секогаш свесни за националноста, добри се војници, необично способни да извршат организирање на одбрана и напад. Жилави се и необично се осветољубиви. Само кај нив се случувало како кај Арнаутите децата да ги светат татковците, да се одметнуваат во планини... Но затоа се по примитивни, помалку образовани и помалку побожни и православни од Мијаците. Законот кон жената им е лабав, а односот по слободен, не така тврд и честит како кај Мијаците. Меѓутоа се солидарни во одбрана, го држат дадениот збор и водачите, ја почитуваат храброста и ги сакаат песните за јунаците. Иако во мијачките шеги тие се полуверници, тие ги носат најстарите... славјански... карактеристики... Просечните Брсјаци се со среден раст, слаби и витки, со долгнавести образи, повеќе руси, со зелени и костенливи очи, здрави... Носијата им е следна: бечви, обично бели; џамадан со ракави и без овие, бело гунче (копоран), црно кече слично на црногорското капче и опинци со врвци. Жените им носат везени кошули, саја, со свила везена, и шамија на главата. Обично спијат на рогозина од `ржана слама, покриена со мутап, а се покриваат со кожи и прекривки од волна и козина. Ори Стојна, руса Стојна, Везден седиш на дервено Дали виде кој помина? Во ова постојано прашање на турскиот силник и спахиите и во одговорот на Руса Стојна дека проаѓаат комити кои брзо ќе му спремат колач, се наоѓа одговорот на брсјачката душа и нивната заслуга... Брсјаците во Македонија низ минатото ја чуваа и сочуваа нашата народна традиција...“ – ќе напише Божовиќ за македонските Брсјаци. (извор: Гр. Божовиќ – „Брсјаци“, Политика, 02.02.1930, стр. 6)
|