Среда, 12 Јануари 2022   
Групата „А“, на бугарската „Државна сигурност“ задолжена за прогон на македонските прогресивни сили за време на Втората светска војна

Map of Bulgaria during WWII

По воената окупацијата на Кралството Југославија во 1941 година, покрај вооружени формации (војска, полиција, жандармерија и др.) Бугарската влада од територијата на Бугарија, во Македонија ангажира посебно подготвен полициски апарат. Во Вардарска Македонија тој беше организиран во две обласни полициски управи - во Скопје и Битола, три градски полициски команди - во Скопје, Битола и Прилеп, и 21 околиска полициска управа. Полицискиот апарат ја покриваше целата територија окупирана од бугарските војски.

Структурата на бугарските полициски власти била иста со онаа во Бугарија. Меѓутоа, бројот на полициските органи и овластувањата кои ги има, покажуваат дека во Македонија не беа добродојдени. Поради тоа раководниот кадар и најголемиот дел од службениците беа доведени од Бугарија, а бугарската полиција има голема власт и игра главна улога во зацврстувањето на окупаторската власт. Всушност, окупаторска власт во Македонија се сретна со јасно изразена македонска национална свест. Поради тоа во бугарското Народно собрание одделни пратеници, соочени со отпорот на македонскиот народ, од првиот ден на окупацијата, бараа бугарската влада да преземе мерки против манифестирањето на македонската национална припадност.

Меѓудругото, за оваа цел се создаде голем пропаганден апарат, кој требаше да изигра посебна улога во денационализацијата. Бугарската влада со декрет изврши промена на националноста - од македонска во бугарска и окупацијата на Македонија ја прикажуваше како природно проширување и преземање на „свои национални територии".

Меѓутоа, бугарските власти не најдоа поддршка кај македонскиот народ. Оставени сами тие единствено се потпираа на вооружената сила и окупацискиот апарат што го доведоа со себе. Уште од првиот момент тие се среќаваат со мноштво форми на отпор - почнувајќи од неизвршувањето на разни наредби, сокривањето на храната, борбата на работниците за поголеми плати, протестите против бугарскиот јазик; потоа - демонстрации против бугарската окупација (Струмица 22. IV 1941), саботажи, диверзии и т.н.

Отсуството на поддржка од страна на македонскиот народ ќе ја принуди окупаторската власт уште првите денови да преземе разни мерки за борба против секоја појава на отпор. Покрај контролата на граѓаните, повремените блокади, воведувањето полициски час и др. бугарските власти уште од првите денови на окупацијата започнаа со апсење и осудување на временски казни и на смрт.

Во 1941 година, пред националниот празник Илинден, по сите градови окупаторот ги апсеше прогресивните луѓе, како превентива за да не дојде до некаква револуционерна активност на тој ден.

За  овие настани говори полицискиот извештај од околискиот полициски началник во Велес до обласниот полициски началник во Скопје од 8 август 1941 година. Во овој доверлив извештај  (М.В.Р.Н.З. Бр. 1101, 8.VIII 1941, Велс), полициски началникна, П. Ив. Душков ќе напише:

„Ви ги поднесувам, Господине Постар командант, следниве податоци од политичко-полициски карактер, во реонот на поверената ми Велешка околија за време од 1. VIII до 8. VIII о.г.

Одделение „А“

По повод 38 годишнината од Илинденското востание, која годишнина годинава беше објавена и разгласена официјално да се празнува, меѓу комунистите се почуствува едно раздвижување. На 1 спроти 2 август од непознати комунисти беше разнесен по куќите еден повик, издание на Покраинскиот комитет на Р(аботничката) П(артија) со антидржавна и комунистичка содржина во кој го повикува македонското население да излезе на демонстрации и комунистички манифестации. Очекувајќи го сето тоа и имајќи ја предвид добиената телефонограма од Обласната полициска управа – предупредување за проектираните демонстрации од страна на комунистите по повод на годишнината од Илинденското востание, наредив веднаш да се преземат спречувачки мерки за оневозможување на секакви комунистички демонстрации и пројави. Полицијата при управата беше разделена на патролни двојки кои за цело време го обиколуваа градот и главната улица по која навечер има засилено движење. Така сите проекти за пројавување од страна на комунистите беа спречени.

Дента на свечаноста, граѓанството, кое се подаваше на комунистичката пропаганда, се собра во салонот на читалиштето каде што по повод на празникот и по повод на своето заминување зборуваше бившиот управник на гр. Велес. Но комунистите главно во лицето на помошникот на кметот на гр. Велес, Костадин Димов Ванов, дејствуваа во центарот, под носот на самата официјална власт и ја спроведуваа својата политика за „слободна Македонија“, т.е. за онаа што ќе биде откако дојде на власт комунизмот. Тоа се разбира, бившиот водач на комунистите, а по се изгледа дека тој е истиот и сега, го изрази прикриено и по еден умешен начин, со каков манир се служи прикриениот непријател (Всушност К. Д. Ванов го прочитува рефератот подготвен за таа цел). Тој божем ја поздрави официјалната власт, во лицето на г. Управител, но никаде не спомна во својот говор ни збор дури за оној што денес ја раководи судбината на Бугарија, и беше најголем виновник за слободата на Македонија – Неговото Величество Царот; напротив, тој дебело ја подвлече својата .... идеја, „слободна Македонија“. Мнозинството по собранието ја напуштија салата го поздравуваше г(осподинот) управител со “Ура“, но во нивното „ура“ немаше лага, којашто ја имаше во поздравот на комунистот.

Во врска со распространувањето на повикот беше затворено лицето Јордан Димов Бинебарков од гр. Велес, кој живеел во Скопје, кој во минатото служел како врска меѓу Скопје и Велес и илегално пренесувал комунистички пропагандни материјали, за распространување во гр. Велес. Лицето одрече дека го пренесувало споменатиот повик и поради тоа ви го испратив. Еден од повиците го најдоа полицајците.“

Инаку, во состав на бугарската служба „Државна сигурност“, орган на обласната полициска управа, дејствуваа групите под шифрите: „А“, „Б“, „В“ и „Г“, со конкретно задолжение кое се однесувало за осигурување на безбедноста на власта. Најважна била групата „А“, задолжена да ги открива и прогонува членовите на Комунистичката партија и нејзините симпатизери. Сепак, таа нема да ги спречат прогресивните сили на македонскиот народ, без разлика на политичка, етничка, верска и друга припадност масовно да се вклучи во антифашистичката борба.

Во овој период, Покраинскиот комитет на КПЈ за Македонија од страна на тогашниот секретар Методија Шаторов беше преименуван во Покраински комитет на Работничката партија. Партиската организација го мобилизира своето членство и прогресивните сили преку легални и илегални форми да се спротивстават на илинденските празнувања од страна на бугарската окупаторска власт, со кои во духот на бугарската пропаганда се настојуваше да се истакне Илинденското востание на македонскиот народ како дел од бугарската историја.

Исто така, разни диверзантски групи имаа повеќе вооружени акции против окупаторските војски и полицијата, како на пример уништувањето на германски авиони на аеродромот во Скопје (јуни 1941), диверзијата на рудникот Радуша за земање експлозив (август), судир кај тунелот Богомила (септември) и др. По обемните политички и воени подготовки беа формирани Скопскиот партизански одред - при крајот на август 1941 година, Прилепскиот - во средината на септември 1941 година, и Кумановскиот - на 12 октомври 1941. Овие партизански одреди го означуваат почеток на нова етапа на националноослободителната борба на македонскиот народ, која ќе трае се до конечното ослободување на Македонија и создавањето на македонската држава на Првото заседание на АСНОМ одржано на ден Илинден, 2 август 1944 година.

(извор: Историја на македонскиот народ, Скопје, 1988, стр.311-322; Документи за борбата на македонскиот народ за самостојност и национална држава, том втори, Скопје, 1981, стр. 303-304, АМ. – Ф, Бугарска окупација. Околиски полициски началник – Велес, К.З.)

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.