|
|
Доверлив извештај №54 на Сребрен Поппетров за областа Малесија (1) |
Сребрен Поппетров (Горно Врбени, Леринско 18. X 1869 – Софија 17. XI 1950) е македонски револуционер припадник на Македонската револуционерна организација, учител и училишен инспектор. Завршил гимназија во Солун и славјанска филологија на Софискиот универзитет. Член е на ТМОРО од 1895 година. Во Првата светска војна бил окружен управник во Битола и Куманово, а по војната во Петрич. Во 1922 година од ВМРО и Македонскиот национален комитет бил пратен во САД и Канада, каде што организирал иселенички друштва и учествувал во формирањето на МПО. Бил пратеник во бугарското Народно собрание, а потоа главен инспектор-организатор на црковно-училишното дело во Албанија. Во периодот 1928 - 1931 година Сребрен Поппетров е главен инспектор-организатор на црковно-училишното дело во Албанија. Тој редовно испраќа до надлежното министерство извешатаи за бројноста, битот и карактерот на македонските христијани и муслимани во Голо Брдо, Поле (Дебарска Котлина) и Гора. Иако Македонец по потекло, роден во Леринското село Горно Врбени (Екши Су), Сребрен Попатров како службеник на Бугарија во своите извештаи, Македонците од Албанија мора да ги претстави како Бугари. Со оглед дека во Албанија никогаш немало Бугари, туку Македонци, ви го претставуваме корегираниот доверлив узвештај бр. 54 од 14 август 1930 година од Тирана испратен до министер на Бугарија, во кој Сребрен Поппетров за состојбата со Македонците во Малесија во 1930 година вели: „Господине министре, ... Од 24 / VII до 2 / VIII извршив една многу тешка, но од големо значење обиколка во оној дел од поранешниот Дебарски округ, кој остана во границите на Албанија и дел од округот кој се вели "Малесија". Тажни и тешки чувства ми предизвика оваа турнеја. Злата судбина и трагичната историја на (македонскиот – н.з ) народ не се целосно испитани и уште многу сили, многу средства и многу време ќе проголта ова проучувење. Навистина Голема била (Македонија) во време на ... цар Самоил, не само политички, таму каде што владееја во странски земји и потчинуваа туѓи народи, туку затоа што бројниот и нашироко пространет (македонскиот – н.з) народ по Балканскиот Полуостров - опстојувал таму многу векови - бил цел, обединет и недопрен во ништо, освен од Божјата рака. Уште штрчат неизбришливи споменици и се чуваат скапи спомени во земјите каде што живеел нашиот народ и мирно работел без да мисли и чувствува потреба да посегнува на туѓиот елемент - по туѓото право. Се прашувам зошто толку многу е повреден, зошто на толку тесно го собраа и згустија, зошто тој толку стрвен и жесток вик по него го прават најмногу тие - блиски и далечни народи, - кои најмногу придонеле за неговото раздробување, за неговото разграбување и намалување?! Затоа што – видливо се гледа дека - професионалниот и вероломниот крадец најмногу вика: "држете го крадецот". Дали ќе се најде лек за да се спаси барем зачуваното од бурите и вековните разурнувања?! Овој вовед ми се наложи од душата и од срцето, за да си дадам одушка и за да го оправдам тоа што видов и научив за време на обиколката. Поранешниот Дебарско округот е поделен на два речиси еднакви делови - половина на југоисток од градот (во Србија) и другата половина на југозапад од него (во Албанија). Сите населби, села и гратчиња кои се забележуваат во овој поранешен округ биле (македонскиот – н.з) пред инвазијата на Турците во овој крај и сите жители кои го населувале, биле чисти (Македонци - н.з) православни. Не само тоа, туку населението не познавало до тоа фатално време постоење на Грци и Срби - најгневни и најлакоми асимилатори на (македонскиот – н.з) народ. Се граничеле само на југозапад со старите и нерасипани Албанци кои до доаѓањето на Турците ниту помислиле да посегнат по народноста, верата, правото и честа на Македонецот. Напротив - по се изгледа дека (Македонците – н.з) и Албанците - во одделни владенија или под владеењето на (Македонските – н.з) цареви, живееле како браќа. (Македонските – н.з) цареви и (македонските – н.з.) кнезови и кога владееле со дел од Албанија, не им наметнуваа на Албанците на сила ниту (македонска – н.з) народност, ниту Православна вера. На Православните Албанци им граделе цркви и манастири за самите Албанци и како на Албанци (види рапорт № 50 од 20 / VI). Поранешниот Дебарски округ се состоеше од осум планински предели, кои од памтивек и до денес ги носат своите чисти (македонски – н.з) имиња: 1) Горна река, 2) Мала Река, 3) Жупа, 4) Дримска околина, кои со мали исклучоци сега се наоѓа под ноктите на Србија, и 5) Поле, 6) Мала Грика, 7) Голема Грика и 8) Голо Брдо, кои се приклучени кон Албанија. Преку планинскиот премин Либраж - Дебар - се покрај Србско-албанската граница – ги обиколив и поминав местата: 1) Голо Брдо, 2) Поле, 3) Мала Грика и Гол [ема] Грика, потоа поминав до самиот град Дебар и врвот од Шар пл[анина] Кораб и се вратив по најтешко проодниот пл[анински] премин Дебар - Тирана. Голо Брдо се состои од селата: 1) Ланга 17 куќи, 2) Забзун 15 куќи, 3) Борово 70, 4) Себишта 50, 5) Стеблено 100 , 6) Клење 80, 7) Гиновец 70, 8) Требишта 600, 9) Цветници 42, 10) Мало Острене 100, 11) Големо Острене 220, 12) Лешничани 120, 13) Окштун 200, 14) Смолник 70, 15) Радовиш 70, 16) Тучепи 50, 17) Владимирица 100, 18) Торбач 25. Сите 18 села се со население од најмалку 16 000 д[уши]. Во таа месност живеат патријархално - најмалку се паѓа по 8 до 10 д[уши] во куќа во просек. Од таа месност во Србија останале с. 1) Дреново, 2) Џепишта 3) Модриќ и 4) Отишани. Сите горенаведени села пред доаѓањето на Турците биле чисто (македонски – н.з), без никакви други примеси. Во сите, без исклучок имало (славјански – н.з.) цркви и веројатно населението учело на старо(славјански – н.з) Св. Климентови книги од создадените Св. Климентови илјади наставници. Урнатините од старите цркви во сите села, каде дури сега нема Православни (Македонци – н.з) се задржани и се истакнуваат од секого. Надлежните историчари треба да знаат кога и со какви масакри, грабежи, пожари, потурчвања, таа чиста (македонска – н.з) месност преминала во мухамеданско- (македонска – н.з) и под какви подобрени услови речиси половина од неа ги повратила христијаните (Македонци - н.з) и потоа пак истите историчари треба да ни кажат како тоа христијанско население - потоа - постепено се намалува и сеуште се намалува. Меѓудругото може да се суди за последниот процес на намалување на многуте семејства од таа месност (кои се преселиле – н.з) во Битола, Скопје, Солун, Софија, Ломи во Белград (само неколку). Некои од (Македонците – н.з.) на таа месност почнуваат да се населуваат од неодамна во Тирана, Дурацо, Елбасан и на други места во Албанија. Сето ова кога се знае, лесно се објаснува зошто сега во 18 села во Голо Брдо (во Албанија) од 15 000 чисти православни (Македонци – н.з) пред 30 години (сега – н.з.) останале само 150 куќи - 1.000 луѓе. Сите други (Македонци – н.з ) се мухамедани со исклучок на населението во селата: 1) Ланг, 2) Забзун и 3) Борово, кои се населени од чисти Албанци мухамедани и се на преминот од Елбасан за Дебар. Во Голо Брдо сега има околу 1.500 д[уши] Албанци мухамедани, околу 1.000 д[уши] православни (Македонци – н.з) по неколку куќи во селата: 1) Стеблено, 2) Клење 3) Гиноец, 4) Требиње, 5) Мало Острени, 6 ) Големо Острени и генерално 7) Цветници. Сите други околу 15 000 д[уши] се мухамедани (Македонци – н.з). Во друг извештај е кажано во кои села имало (славјански – н.з) училишта во Ек(зархиско] време. Значи во планинското Голо Брдо сега живеат повеќе од 15 000 (Македонци – н.з), ако не се гледа на вероисповеста. Нешто повеќе - патријархални живот, по навики и обичаи, по говор и песни, приврзаноста кон родниот крај и родното огниште, од љубов кон земјоделство и работливоста, по гостољубие и љубезноста - по сè со што се карактеризира (Македонецот – н.з): тие мухамедани (Македонци – н.з) се повеќе (Македонци – н.з.) не само од нивните сожители во таа месност, но и од секој православен (Македонец – н.з), каде и да се наоѓа тој во селото. Не се преставуваат само за такви и го почитуваат традиционално Мухамед наместо Иис[ус] Христ. Се преставуваат за Турци, но не ги извршуваат верските должности како азиските (Турци – н.з.), ниту дури како што вршат некои фанатизирани албански мухамедани. Расипаноста на оние мухамедани (Македонци – н.з) не е во такви димензии какви што ги има кај албанските мухамедани. Тие не земале учество во грабежите и разбојништво заедно со Алб[анските] мухамедани против Православните (Македонци- н.з) по околните и далечни места. Никој од нив не мрднал од местото на живеење, ниту некои отишле на странство некаде. Селата им се самостојни - никогаш не биле свртени на чифлици и откако ги помухамеданчиле, никој не ни помислювал да отиде да го вознемирува нивниот спокој - да посегнува на правата и нивната чест и да ги гони. Ретко се случувало да бидат некои од нив ограбени. Затоа и се задржани.“ (продолжува) ( извор: Сребрен Поппетров Ин[спектор] и Орг[анизатор] по Ц[рковно] уч[илишното] дело во Албанија, ЦДА, ф. 166 к, оп. 1 a. д. 186, л. 105-111. Оргинале ракопис.) |