|
|
„Голема беше радост кога навлеговме во слободна Македонија“ |
„Голема беше нашата радост кога ја поминавме границита меѓу невостанатиот и востанатиот реон и кога навлеговме во слободна Македонија, во која веќе се вееја воените знамиња.“ – ќе забележи во својата „Книга за Мијаците“ авторот Георги Трајчев кој ги пренесува спомените на Апостол Христов за почетокот на Илинденското востание 1903. По описот за припремите во Галичко-реканскиот револуционерен реон пред почетокот на Илинденското востание во 1903 година, Трајчев во продолжение на текстот ни ги пренесува спомените на раководителот на Галичко –реканскиот реонски комитет Апостол Христов по објавувањето на востанието. Во нив началникот на реонскиот комитет вели: „Се што беше собрано (Галичко-реканскиот револуционерен реон н.з) од стотарките и десетарките, а исто така и од двете локални чети и куририте, материјали како што се: облека, храна, патрони, барут, завои и друго, постепено се пренесуваше и складираше во определен магацин во селото Тресонче (познат под псевдонимот Назарет). Неколку дена по Илинден добив наредба од окружното тело да соберам од секоја мандра по 5% од овците со кои располагаа и веднаш да ги испратам во востанатиот регион за храна на четниците и за мирното население од Кичевско кое избегало по шумите. Веднаш ги собрав сите ќеаи-мандраџии и им ја соопштив горната наредба, и посакав да ме упатат на кој начин најлесно и тајно да ги испратиме во Кичевско. По советувањето, откако добро размислија, ќеаите кои беа целосно согласни и доброволно издвојуваа за востанатиот народ, решија наместо да даваат овци во натура да дадат пари во истиот сооднос. Причината беше да не се открие од каде потекнуваат овците, бидејќи доколку овците потоа бидат фатени ќе се дознае дека тие биле собирани по мандрите и испраќани како помош во востанатиот регион, што ќе предизвика афера која ќе ги открие нишките во Галичкиот крај. Власта можеше лесно по жигот да дознае на кој стопан му припаѓаат овците, бидејќи сите мандри имаат свои жигови. Но, ако пак се заробени со еден жиг, ќе помислат дека се украдени, па веднаш ќеаите ми изброиа 216 златни наполеони, за да со тие пари се купат овци само од една мандра. ... На 4 август 1903 година, како раководител на Галичко-реканскиот реон, мене ми падна чест да ги однесам тие материјали во востанатиот реон. Ги натоварив на 18 товарни коњи, од кои: 4 коњи беа натоварени со буриња со ениџевардарска ракија, неопходна за миење на раните, бидејќи беше од 27 степени; 4 коња натоварени со облекло; 2 коња натоварени со крпи и платно за да послужат за завои; 1 коњ натоварен со барут; 6 коња натоварени со брашно и 1 коњ натоварен со опинци.“ Апостол Христов, тргнал во востанатиот регион во придружба на војводата Павле Карахасан и неговата чета како чувари. Тој со себе носел меѓудругото и 216 наполеони и притоа стравувал да не бидат откриени од башибозукот кој бил групиран меѓу Лазарополе и Кичевскиот реон во планините. Меѓутоа, благодарение на големото искуство на војводата Павле, во текот на ноќта карванот поминал безбедно покрај бројниот башибозук. По доаѓањето на слободната територија и успешно обавената задача чуството на радост било огромно. Како што пренесува Трајчев, за целата операција Христов вели: „Патувавме цела ноќ со голема претпазливост за да не бидеме нападнати од башибозукот, кој броеше над 400 – 500 лица. Голема беше нашата радост кога ја поминавме границита меѓу невостанатиот и востанатиот реон и кога навлеговме во слободна Македонија, во која веќе се вееја воените знамиња. Ние, заедно со целиот караван, бевме пречекани од пограничните стражи и по дадената лозинка навлеговме во востанатата област, потпомогнати од нашата група за пречек. Од голема возбуда дека безбедно минавме покрај башибозукот и ја исполнивме задачата, војводата Павле Карахасан радосно неколку пати истрела, што за момент предизвикаа загриженост во кампот. Востаниците помислија дека се нападнати од башибозукот кој се движеше околу регионот. Но, набрзо тие разбраа дека истрелите потекнуваат од Галичкиот војвода Павле и се се смири. Набрзо потоа, нашите придружници не одведоа со карванот кај војводата Наки Јанев, кој со своите другари беше сместен на една широка ливада над селото Душегубица. Средбата беше мила и трогателна, и Наки подробно ни раскажа како го прогониле аскерот од Копачка и дека веќе Копачка е слободна, а тие се целосни господари на тој реон. Радоста која ги зафати сите не може да се опише. Сите бевме целосно убедени дека така ќе биде избркан поробувачот и во сите други области и дека востанието ќе биде целосно успешно без да водиме сметка за иднината и за неисцрпните турски извори.“ По пристигнувањето на Христов во логорот, тој го затекнал еден од водачите на востанието Анастас Лозанчев, потоа галичанецот Иван Гиновски, како и многу војводи, подвојводи и четници. Таму на војводата Наки (Јанаки Јанев), Христов му ги предал 216 наполеони, донесени од Галичник и му соопштил дека овци не донел, бидејќи било тешко да се соберат и донесат, како и тоа дека тоа е направено по советот на ќеајите, кои ги собрале овие пари со кои лесно можело да се купат овци од блиските мандри во востанатиот реон. Пријатно изненаден, војвода возбудено реагирал и како што ни пренесува авторот од спомените на Христов со насолзени очи рекол: „Гледате другари, дека јас не сум се излажал во добрите Галичани. Фактите за тоа се на лице место - еве погледнете ги. А што се однесува до лошото дело на поп Амвросиј, тој ќе си ја добие својата казна. Подобро е што така меко постапивме, бидејќи ако го убиевме поп Амвросиј и неговиот другар Аврам Тортевски, секако дека ќе ги изложевме на ризик не само Галичани, но и целиот реон, кој во моментот ја донесе братската помош.“ Војводата Наке потоа повеќе неможел да зборува, бидејќи немал сили да ја изрази својата радост од доживеаниот момент, си спомнува Христов, кој потоа продолжува за сликата која ја затекнал во логорот, а за која како што пренесува авторот, вели: „Никогаш во живот не сум почуствувал повеличенствена и потрогателна слика. Пред очите прво ми се појави ливадата на која беа наседнати војводите и четниците, но кога се свртев и го погледнав платото, пред очите ми се отвори широка панорама, која преставуваше не само воен логор, туку и море народ од мажи, жени и (деца н.з.). По височините на планината кон Галичкиот реон се гледаа далечните силуети на мртвата стража, на четниците кои како верна стража ја чуваа ослободената Копачка. Подолу низ планината се гледаа групи четници, кои ги составуваа првите застави. Уште подолу беа големите резерви чети со своите војводи. Во нискиот дел, во шумата и низ бројните ливади се сместиле цели семејства на избеганото население од востанатите села, заедно со целиот добиток и лесната покуќнина. Најинтерената глетка се случи на пладне. Отидовме кај “кујната“, каде беа поставени на огнот големи казани со јадење и имаше големи каци со вода, а софрите беа големи долги буки, скоро исечени и издлабени од едниот до другиот крај, преставувајќи долги корита, чии краеви беа поставени блиску до кујните каде се сипаше јадењето. Како се сипаше јадењето на едниот крај, така тоа одеше дури до другиот крај и секој си го знаеше своето место и коленички на една нога седнуваше да јаде. Си вадеше лажица од појасот и почнуваше да јаде. Пред тоа поминавме покрај магацинот за леб, каде ни се даде мало лепче за секој човек. Такви трпезарии и импровизирани кујни се гледаа на повеќе места во големиот логор. Одделно за четниците, одделно за населението. Целиот добиток од востанатите села беше распореден на паша околу логорот, чуван од старите лица и малите деца, зошто целото машко население беше со пушка на рамо или беше ставен во служба на организацијата. Редот и дисциплината беа строго почитувани, а моралот беше на високо ниво. Во логорот не се дозволуваше ни најмало самоволие и закачки. Еден младич си дозволил да земе со сила дренки од едно 15 годишно девојче и го стиснал за раката. Откако се разбрало за тоа, младичот веднаш бил пронајден и откако призна, соопшти дека има 16 години и според нив беше казнет со 16 стапови. Тука никој не смееше да го наруши редот и дициплината. Заедно со војводата Наки се искачивме на една повисока чука од каде можеше да се видат сите востанати села низ Копачка. Тие беа пусти и напуштени. Се гледаа само расфрлени многу големи каци, сандаци и дрвени тешки предмети расфрлени низ широките дворови и градините. Прашав зошто сето тоа така е расфрлано. Ми одговори дека согласно султанската наредба, сите села од востанатиот реон ќе бидат изгорени, па затоа тие се така расфрлени подалеку од куќите. Така тие барем ќе бидат спасени од огнот, бидејќи аскерот не може да го пали секое нешто одделно. Го зедов двогледот на Наки и погледнав на југозапад. Таму се гледаше чад од запалени цели села.“ Од спомените на Христов, кои авторот ги изнесува во својата книга, вечерта Христов отишол во Лахчани, каде се одржал состанок поради престојните настани и носењето на превентивни мерки. Додека бил таму пристигнал курир кој соопштил дека во претходниот ден во една голема борба со турската војска паднал убиен легендарниот војвода Јордан Пиперката. Исто така, на вториот ден, во неделата, тој бил на молитва во Лахчани. Таму, биле поредени во строј дел од четниците и на излез од црквата, војводата Наки ги поздрави и им посака да бидат храбри, бодри и достојни во борбата, откако сите продефилираа пред групата во која бил и Христов како началник на Галичко-реканскиот реон. Меѓутоа, набргу настаните ќе ги примораат Апостол Христов и Иван Гиновски, да се вратат во своите домови за да остане Гличко-реканскиот крај легален и на тој начин да може да помогне во згрижувањето на востанатиот македонски народ. За овој настан Христов си спомнува: „Му соопштив на војводата Наке дека јас и Гиновски сме биле предадени на бинбашијата во Царевец, дека едниот од нас бил со четата, а другиот го бунтувал населението во Галичник, поради што бимбашијата дал рок на таткото на Иван Гиновски, Трпко Гиновски, дека ако во рок од 5 дена не го престави синот Иван, тој ќе ја исполни султанската заповед да му ја изгори куќата, да му го конфискува имотот и да му го интернира семејството. Наке процени дека ситуацијата е многу поволна и реши да се врати Иван Гиновски заедно со мене во Галичник, поради што ние двајцата си заминавме испратени и придружени од четничките патроли дури до Галичник. Ова Наке го направи со единствена мисла, за да може да се рехабилитира Иван Гиновски, а истото и јас за да се задржи регионот како легален и да се продолжи легалната борба.“ – ќе забележи и пренесе авторот Г.Т. во својата книга за Мијаците. (извор: Георги Трајчев, „Книга за Мијаците“, Македонска библиотека No. 12, Софија, 1941) Македонска нација |