|
|
Повик до Македонците да застанат под националното македонско знаме и јуначки да го бранат (1943) |
Во текот на Втората светска војна, во март 1942 година ПК КПЈ за Македонија и Покраинскиот штаб издаваат директива за прибирање на борците од партизанските одреди од 1941 година, организирање на нови партизански одреди, констатирајќи дека вооружената борба е единствениот пат за извојување слобода на македонскиот народ. За непосредно раководење со партизанските одреди на просторот Велес – Крушево – Прилеп – Битола – Ресен, Покраинскиот штаб уште пред да се формираат партизанските одреди формираат оперативен штаб од Трајко Бошковски – Тарцан, Перо Иванов – Тикварот и Кирил Крстевски – Платник. Во првата половина на 1942 година одново беа создадени шест нови партизански одреди: битолски, скопски, велешки, прилепски, крушевски и битолско-преспански. Партизанските одреди во првата половина на 1942 година развиваат пропагандно=политичка активност, а од јули, според директивата на Главниот штаб тие ги засилуваат вооружените акции. Во есента 1942 година ГШ врши реорганизација на одредите и се создаваат поголеми и нови партизански одреди. Тие ги носат имињата на македонските дејци Гоце Делчев, Даме Груев, Јане Сандански, Димитар Влахов, Ѓорче Патров. Битолско-преспанскиот народноослободителен партизански одред „Даме Груев е формиран на 6 јули 1942 година кај селото Златари, на планината Бигла, Ресенско. Согласно со планот на ГШ, на 8 септември над битолското село Лавци, се формира одредот „Јане Сандански“, а на 22 септември 1942 година, на Габровската планина, од Велешкиот партизански одред и една чета од Прилепскиот се формира партизанскиот одред „Димитар Влахов“, од четири чети. Потоа на 6-7 боември на Црвени стени, Прилепско, се формира првата чета на одредот „Ѓорче Петров“. Во есента 1942 година на планината Бистра е формиран и Мавровскиот партизански одред. Наскоро по формирањето на одредот „Даме Груев“, неговите борци на ден Илинден, 2 август 1942 година, ја нападнаа општинската зграда и одржаа митинг во селото Смилево, родното место на Даме Груев. Потоа, одредот извршил напади на селата Кажани (18 август 1942 г.), Златари (21 август 1942 г.), Сопотско (21 октомври 1942 г.) и на други места. Потоа одредот се поделил на две групи и се префрлил на територијата околу Ресен, која била под италијанска окупација. На 25 март 1943 година во состав на одредот „Даме Груев“ влегол битолскиот одред „Јане Сандански“ и тогаш одредот броел 36 борци. Поради засилените дејства на бугарските и италијанските сили, на 5 април одредот се префрлил на костурско-леринското подрачје, каде, заедно со Леринскиот партизански одред „Вичо“, учествувал во борбите против месните контрачети (април-мај 1943). Во овој период во одредот имало зголемен прилив на нови борци По враќањето во Битолско, од група борци од тој крај бил формиран Битолскиот партизански одред „Гоце Делчев“ на 22 мај 1943 година. Потоа одредот се вратил во Преспа, а на 17 јули главнината од одредот преминала во Дебарца, каде што извршувала диверзантски акции. Во извештајот на Киро Крстевски – Платник, заменик командант на Штабот на II оперативна зона до Главниот штаб на НОВ и ПО на Македонија за воено-политичката и културно-просветната активност на одредот „Дамјан Груев" од 29 јули 1943 година, меѓудругото се вели: „Драги другари, на ден 17.VII одредо Дам(јан) Груев со 41 партиз(ани) замина за наваму без икакви сметњи по патувањето и префрлајнето преку гран(ица) сем приметени бехме од некој овчари. 18.VII се предени во буг(арска) тер(иторија), а 19 се префрли на ова страна.*50 По изнесувањето на др. Мајски (Петре Пирузе - н.з.) поставивме да се што поскоро поврзиме со куриро, који бил оставен да борави во Горно и Долно Дебарци, но сето ни беше узалуд се до сношти каде се случајно поврзавме управо се најдовме во село Црв(ена) вода на митинг. На 20.VII донесовме план со одред(ениот) шт(аб) на Д. Груев, за боравење во горна Дебарца каде ке се појавуеме само со одржаване на митинзи по селата, додека не се поврзиме со одредо Кичев(ско)мавр(овски) и со другаро Д. (Димче - Иван Танев Дојчинов - н.з.). Прв митинг је одржан 21. VII. во села: Сошани,мало село, на големо одушевљење кај селаните. Истата вечер одржан је митинг и во село Оздолени каде зедовне и 2 пушки од селската стража. Пушките ги зедовме само за това што беја ги имале пријавено на власта (Многумина селани од Македонија под италијанска окупација имаа оружје за одбрана од насилствата вршени од разни качачки банди – н.з.). Исфрливме 4 говорника (а специално по жените управо 1 другарка секогаш и на секој митинг изнесува участието на жената во денешната борба). 24. VII извршен митинг во село Мраморец каде се влезе вечерта во саботата, а неделата во 9 сато се одржа митинг со четири говорника и култур(но)-просвет(ниот) одбор изведе доста полит(ички) и згодни работи, каде со целио митинг беја многу одушеваени селаните. 26. VII митинг во село Годивље каде и тува видовме уште по големо одушевљење и расположење кај населенијето, а специално кај младите и жените, кој зедоја и сами испеаја 2-3 револ(уционерни) песни и тува се исфрлије 4 говорника. 28. VIIсе префрливме за Кара-Орман и вечерта прајвме митинг во село Црвена вода со 4 говорника. Зедовме 4 пушки кој му биле пријавени на власта, земаме и 3 партизани управо 3 друг(ари) за нови партизани, а тува наоѓаме и 1 партизан од Кичев(ско)-мав(ровскиот) одред кој бил болесен и испратен тува од преди 6 недели, а со кој ке гледаме да некако решиме еднаш за ... за које подробно ке ви распрај друг(арот) Д(имче). Во село Црв(ена) Вода елучајно се најдуваме со друг. Димче као и со куририте од I О.З. од II О.З. и од III О.З. Митинзите има големо агитпроп пол(итичко) значеније во целиот реон каде многу одјекна во народо. Во секоје село ги позиваме селаните да станат под нац(ионално) макед(онско) знаме и си даваат чесна дума да ке се дадат за денешната народ(но) ослоб(одителна) борба и да ке го јунашки бранат својето нац(ионално) макед(онско) знаме. За акци уперени со директен удар на главниот непријател се испрајка 2 групи диверз(анти) кој ке извршат заседи на пато Ботун - Белчиште и Белчиште - Лешани, као и да пресечат некоја тел(ефонска) жица. До сега немаше превземено вакви удари само од разлог што шт(абното) раков(одство) се правда, а и стварно је што не познава терен. Големи сметњи прави на населението македонско милиционари (италијанскиот окупатор формира фашистичка милиција составена од месното население, која дејствуваше како составен дел на карабинеријата) ги тепат ги глобат и ги претепуваат...“ ( Документи за борбата на македонскиот народ за самостојност и за национална држава, том втори, Скопје, 1981, стр. 480-482; АМ-Ф. II оперативна зона. К. 17, арх. бр. 565.) Одредот потоа влегла во составот на новоформираниот баталјон „Мирче Ацев“. Делот од одредот што останал во Преспа, по капитулацијата на Италија, на 12 септември, заедно со Битолскиот НОПО „Гоце Делчев“, кај селото Љубојно разоружале над 200 италијански војници, а во ноември 1943 влегле во составот на Битолскиот баталјон „Стив Наумов“. Наредната година повторно бил формиран истоимен одред (4 април 1944) и дејствувал долж патот Ресен – Битола во составот на 49. Дивизија на НОВЈ. Македонска нација |