|
|
Почетоците на организирано дејствување на македонската дијаспора |
Движење за ослободување и обединување на Македонија (ДООМ) е македонска организација во дијаспората основана од македонски иселеници во 1962 година во Шведска. Движењето се залагало за поголема автономија на СР Македонија во склоп на СФР Југославија, признавање на националната посебност на Македонците во Пиринска и Беломорска Македонија, враќање на Македонците бегалци во Грција и автономија на Пиринска и Беломорска Македонија, како етапа кон обединувањето на целокупната етногеографска Македонија. Почетоците на организирано политичко дејствување на македонската дијаспора во Западна Европа по Втората светска војна започнува кон крајот на 50-тите години, кога Македонците масовно ја напуштаат својата татковина од политички или економски причини. На 23 јуни 1962 година македонските иселеници во Шведска ја формираат емигрантската организација Ослобододителен комитет на Македонија (ОКМ). Под ова име организацијата дејствува до крајот на 60-тите години. На редовниот Конгрес во Бремен, Германија (1972) името е сменето во Движење за обединување на Македонија (ДОМ), а името Движење за ослободување и обединување на Македонија (ДООМ) го добива на Општиот Конгрес во Минхен, Германија во 1974 година. Последната промена е направена десет години потоа. На 5 –от редовен конгрес во 1984, името е променето во Народноослободителен фронт на Македонија (НОФМ). Иако организацијара неколкупати го менувала своето име, нејзината крајна цел секогаш останала иста: создавање на независна и обединета македонска држава на македонскиот народ. Во текот на 70-тите години, организацијата, развила широка активност меѓу македонското иселеништво. Тоа е период кога ДООМ, под водство на Драган Богдановски се проширува во Европа, Австралија и Северна Америка и го доживува својот зенит во дејствувањето. Во овој период голема улога ќе одигра весникот „Македонска нација“. Имено, на вонредниот Конгрес на Комитетот во Копенхаген, Данска во 1971 година, била донесена одлука за издавање на официјален орган – весникот „Македонска нација“. Покрај печатењето на списанието, активноста на организацијата во овој период е насочена и кон издавање на брошури и книги со историска и политичка содржина, како и активности за меѓународно актуелизирање на македонското национално прашање. Во 1973 година е забележана првата активност на ДООМ за запознавање на светската јавност со состојбата на македонскиот народ во и надвор од границите на СФР Југославија, но и за промовирање на целите на организацијата. Централниот комитет на ДООМ, во кој се наоѓаат преставници од Европа, Северна Америка (Канада и САД) и Австралија, испраќаат меморандум до државите учеснички на Конференцијата во Виена по прашањето за мир и безбедност на Европа. Преставувајќи се како „легална политичка организација на македонските патриоти“ која дејствува во Западна Европа и како „илегално револуционерно национално ослободително движење“ кое дејствува во Грција, Бугарија и Југославија, во меморандумот испратен до претставниците на владите на државите учеснички на Конференцијата, меѓудругото се вели: „Траен мир во Европа најдобро ќе може да се обезбеди со една демилитаризирана обединета и неутрална Македонија под покровителство на Обединетите Нации... Влегувањето на грчката и бугарската окупациона зона во обединета Македонија ги засегнува истовремено двата светски блока па затоа меѓу нив нема да биде нарушена рамнотежа. Југословенската окупациона зона и онака припаѓа во несврстена Југославија па нејзиното одвојување од Југославија нема да има никакво значење за рамнотежата меѓу блоковите и меѓу балканските држави...“. Понатаму се вели: „Обединувањето на трите зони од распарчена Македонија во неутрална држава по протекторат на Обединетите Нации ќе му даде прилика на македонскиот народ да заживее слободен и самостоен национален живот, да се спаси од сегашното национално угнетување и понижување. Обединета и неутрална Македонија исто така ќе биде гаранција за слободен национален развиток и на другите националности во Македонија: Грци, Албанци, Турци и други зашто Македонија повеќе нема да станува арена на војни меѓу балканските држави, во кои покрај македонскиот народ, секогаш страдале и другите националности во Македонија.“ Исто така, во меморандумот се бара од државите учеснички на Конференцијата „да се завземат и изработат еден план за обединување на Македонија...“, во кој како основна гаранција за мирот, би требало да се изврши „демилитаризацијата на Македонија од страна на двата воени блока. Односно базите и другите вооружени сили на НАТО и на Варшавскиот пакт да се повлечат од територијата на Македонија, а на нивно место, како и во сегашната југословенска зона, да бидат испратени вооружени сили на ОН под чија закрила и контрола би се извршило обединувањето и осамостојување на Македонија. Според меморандумот, целта за обединета и неутрална македонска држава можела да се оствари низ следните етапи: 1.) бугарската и грчката окупациона зона да бидат издигнати во ранг на автономни републики во рамките на Бугарија и Грција, слично на автономната македонска република во Југославија; 2) „да се свика едно сеопшто македонско Уставотворно собрание со овластени претставници од трите македонски автономни републики и со претставниците на сите националности што живеат во Македонија, на кое што да биде изработена конструкција (Устав) на идната обединета и неутрална Македонија, чие што создавање треба да биде прокламирано од ова сеопшто македонско уставотворно собрание. О 3) по прокламирањето на обединетата македонска неутрална држава силите на НАТО и Варшавскиот пакт, како и вооружените сили на Југославија, Бугарија и Грција (војската и полицијата) да ја напуштат Македонија, а на нивно место за обезбедување на внатрешен ред и за одбрана на земјата новата македонска држава да си изгради свои воени и полициски снаги.“ Меморандумот бил потпишан од ЦК на ДООМ, на кој стојат имињата на претседателот Драган Богдановски, потпретседателот Благој Шамбевски и секретарот Јован Гарвански. Со овој меморандум, кој бил првата посериозна активност на организацијата на меѓународно поле, повеќе европски држави за првпат се запознале со постоењето на оваа организација и со нејзините цели. (Продолжува) Македонска нација (Извор: М. Ивановски „Меѓународни активности на Движење за ослободување и обединување на Македонија (1973 ‒ 1977)“; ГЛАСНИК год. 58 бр. 1-2 стр. 1-117986 Скопје 2014 стр. 143) |