|
|
Научно патување на етнографот А. Стоилов во Источна Македонија |
По влегувањето на Бугарија на страната на Централниот сојуз во војна во есента 1915 година, Бугарската армија брзо зафтила делови од Македонија кои биле под српска и грчка управа по Букурешкиот мир од 1913 година. Со бугарската армија патувале научници од разни профили кои требаа да извршат научни истражувања за да го докажат бугарскиот карактер на новоосвоените земји. Со Втората бугарска армија патувал Антон Поп Стоилов Ников (15.II 1869 – 9. VIII 1928) кој е историчар, фолклорист, етнограф и академик на Бугарската академија на науките од 1906 година. Во служба на Бугарската армија, овој етнограф со потекло од Пиринска Македонија, помеѓу 1915 и 1918 година, патувал низ Охрид, Скопје, Велес, Крива Паланка, Серско и Драмско во потрага по историски и етнографски споменици. Во својот вовед за научното патување во Источна Македонија етнографот Стоилов во кратки црти ја опишува затекнатата состојба по навлегувањето на бугарските војски во делот североисточно од реката Струма, Егејскиот дел на Македонија. За својот краток престој во овој дел на Македонија, пред да ги изложи своите резултати од ова научно патување, сметајќи дека е потребно да го скицира општиот впечаток по промената на населението, населбите и слично, по Балканските војни,тој во воведот меѓудругото ќе напише: „ .. Мојата обиколка започна на 13 септември и заврши на 2-ри октомври (1916). Во овој период ги обиколив со научна цел градот Демир Хисар (Валовишта) со неговите села Елешница, Црвишта, Крушово, Градиште (стара населба), и Савек, градот Сер, манастирот "Св. Јован Крстител" ..., село Лаки и Кула, градот Драма и село Доксат, стариот град Филипи, градот Правишта, рускиот метох крај Бело Море, посед на рускиот светогорскиот манастир "Сарај", и селата Мешани, Понор и Гојран (Горјан)... ... До Балканската војна во 1912 година речиси сите градови и села, што ги споменав погоре, како и други многу села во оваа област сум го посетувал и проучувал како директор на (егзархиското – н.з) педагошко машко училиште од 1904-1907 година, потоа како главен егзархиски инспектор на (егзархиските – н.з) училиштата во Турција од 1911 до 1913 година, па сега е интересно да се знае какви промени се случиле во последните три години под грчка доминација. Прво и прво паѓа во очи дека градовите, како и поголемиот дел од селата ја измениле својата физиономија. До 1912 година градовите и селата имаа воглавно турско, бугарско (се мисли на македонско – н.з) и грчко население со доста завидна положба, од кои некои градови како Сер, Драма и Кавала имаа аристократија со сите културни потреби. Што наоѓаме сега? Го нема веќе она издигнато граѓанство, ниту богати селани: заменети се со сиромашни бегалци од Мала Азија, Русија, Одринско, Ѓумурџинско, Струмица, Мелник и др., кои даваат сосем грозна и груба физиономија на претходно расцутените населби. Чуден впечаток оставаат овие доселеници со својата крајна сиромаштија и мрзеливост, со испиени и огрубени лица, облечени во партали и боси! Отсуството на поголемиот дел од (македонско – н.з.) население кое со својот труд даваше и интензивна живот на градовите, се одразило премногу чувствително на последните. Многу од претходните грчки и турски трговски куќи пропаднаа. Не од едно и од исто место слушнав жалби од бегалците дека ништо не работеле и очекувале само помош од државата за да живеат. Самите бегалци пак ги колнат виновниците кои ги излажаа да ги напуштат своите родни места за да сега бидат запоставени во странска за нив земја. На многу места на избеганите или истераните .. (Македонци – н.з) и Турци се населени бегалци Грци, и оттаму онаа шарени слика на населението, која претставува сега. На пример, во Демир Хисар се населени сите Грци и гркомани од Мелник, а во полските села на Демирхисарско - иселеници Грци од Одринско. Во Сер има многу преселнци од Ксанти, Комотини и др., сместени во турските куќи, откако сопствениците избегале или биле истерани, а во некои Серско села, како на пример во ... селото Дутли се населени Грци од Русија, кои не го знаат грчкиот јазик. Нивниот говорен и писмен јазик им е рускиот. Во селата Дрјаново, Лески, Баница, Моклен има доселеници од Мала Азија и од други места. Во Драмско и Кавалско има од разни места бегалци и преселници, претежно од Неврокоп, Комотини, Одринско, Бургаско, Лозенградско и лр. Во Правишта и околијата преселенците се најмногу од Бургаско, Лозенградско, Димотика, Мала Азија и др. Во селото Гојран, на пример. бегалците од 120 куќи се од Мала Азија. Ретко се наоѓа турско или ... (македонско – н.з) село каде грчките бегалци не се населени. И сето ова дава, како што реков, сосема ново лице во населбите. Кога ќе се направи споредба на она што беше до 1912 година, одеднаш човек чувствува како да се наоѓа во друга средина, во изменети населби не само по простотата на населението и неговата мизерија, но и по испаѓање на градовите и селата со сите нивни нечистотии . На пример во изгорените градови и села во Втората балканска војна (1913) ништо не е направено да се изгради, напротив, тука-таму се гледаат повеќе подоцнежни разурнувања. Додека многу утврдувања се направени против нашата граница со ангарија од населението, сè друго, како јавни работи во градовите и селата, на патиштата, за живот на населението, пошумување и слично, нема ни помен. Кога го набљудува човек сето тоа, доаѓа до заклучок како грчката влада низ прсти им гледа на оние кои разбојнички земаа...! Сепак грчкиот шовинизам и фанатизам, потхрануван главно од владиците во Демир Хисар, Сер, Драма и Кавала, се покажал на секој чекор. ... Црквите кои го преживееја уништувањето сега насекаде се насликани со сина и бела боја. Избришани се (славјанските – н.з) натписи. Многу (славјански – н.з) икони на нашите светии се уништени, други поправени, а неколку од ... црквите се претворени во коњушници. Локалното грчко население не беше сосема задоволно од грчката власт во последните три години. Не од еден, слушав дека властите од сите гранки на управувањето, насекаде го губеле својот престиж пред населението со безбројните и неразбирливи подкупи и морален разврат. Власти биле всушност андартите: тие го ограбуваа и обесчестуваа населението, а над (Македонците – н.з) такви злосторства вршеле, особено во Демирхисарско и Серско, што предизвика да се подигнат влакната на човекот, кога слушаш што раскажуваат. Насекаде ми расправаа дека многу малку (македонски – н.з) и грчки девојки останале необезчестени од андартите и офицерите. Во Сер, Драма и Кавала околу 500 грчки девојки биле обесчестени од грчките офицери, под изговор дека ќе се оженат за нив. Во с. Крушево (Демирхисарско) се обесчестени 30 (македонски – н.з) девици, од кои 18 од срам умреле. Не биле поштедени ни младите жени. Така една (Македонск – н.з) во Сер, чиј маж избегал во Петрич, насила била приведена од еден офицер кој три години со неа живеел како со своја жена, но која често ја лишувал и од кора леб. Општо земено, тежината на (Македонците – н.з) под грчкиот режим е неопислива, но ситуацијата на самиот грчки народ не е розова, кое е огорчено дека не му е дозволено да учествува во власта. Со огорченост ми кажаа во Сер дека во текот на три години во нивната "втора Атина" градоначалник бил Турчин, како и за време на турското владеење.“ По описот за оптата состојба во овој дел на Егејска Македонија, Стоилов пишува за потрагата и пронајдените историски и етнографски споменици во Серско и Драмско, за што можеме да проследиме во следните продолженија. (Продолжува) |