Среда, 21 Февруари 2018   
Грчката вооружена пропаганда во Македонија – „Ние не разбравме дали јазикот е македонски или грчки“

Davelis-Underwood

Тихомир Каранфилов

"Сите заедно го посетивме училиштето. Учител зборува многу лошо грчки. Тој побара од децата тие да пеат. Ние не разбравме дали јазикот е македонски или грчки. Сите ученици знаат да читаат и пишуваат, но никој не знае да зборува, а еден или двајца само разбираат малку... Ниту една од жените не зборува грчки... Научив малку македонски зборови, и им го зборувам на жените, особено на мајките...“вели грчкиот андарт Мелас во писмото до својата жена, кое го пренесува македонскиот револуционер Христо Силјанов во своето дело за почетоците на грчката вооружена пропаганда во Македонија.

Во своето дело „Ослободителните борби на Македонија“, македонскиот револуционер Христо Силјанов за почетоците на грчката вооружена пропаганда, следејќи го патот, акциите и резултатите од оваа прва официјална андартска мисија од најавтентичните грчки извори, со кои изобилува грчката литература (мемоари, биографии, спомени, белешки, полемички статии) ќе напомене дека од нив се најважни писмата и официјални документи, во кои фактите, мислите и расположението на лицата кои дејствувале, заслужават целосна доверба. За него особено вредни се писмата на Павлос Мелас до жена му, до пријатели и соработници. Во овие писма каде Мелас се  самопортретирал како човек - идеен борец и патриот, тој го отсликал андартското движење, односно неговите скриени побуди, користени средства и нивните цели. Со други зборови, тој дал цел арсенал од оружје, преку кои може на најефикасен начин да се побие самото андартско дело, а како што вели Силјанов „да го победиш непријателот со неговите сопствени оружја, несомнено е благодарна работ“,

Опишувајќи ги почетоците на вооружената грчка пропаганда по Илинденското востоание, на почетокот на 1904 година, Силјанов врз основа на собраните податоци пишува:

„По задушувањето на востанието, реконструираниот Македонски комитет на Калапотакис во Атина ги зголеми своите усилби пред владата и успеа да издејствува согласност на премиерот Теотокис за испраќање на една разузнавачка мисија во Македонија. Со оваа мисија, која требаше да проучи, колку условите се добри за пропагандна активност преку вооружени чети, беа задолжени четири офицери: Кондулис, Колокотронис, Папулас и Мелас. Секој од нив имаше право да земе со себе по едно вооружено лице, додека Коте - три од неговите момчиња. Павле Киров од Желево и Н. Пирзас од Лерин беа ангажирани да ја одведат дружината во внатрешноста на Македонија. Военото министерство им даде редовен отпуст на офицерите, престолонаследникот, кнезот Константин, ги прими во проштална аудиенција и преку втората половина на февруари 1904 година тие, заедно со луѓето, се упатија кон турската граница...

... На 7 март, ноќта, еден подофицер со двајца Евзони од пограничната стража ја поведоа офицерска група - вкупно 17 лица, и ја префрлија преку границата. Патот до Костурско оди преку пошумените места на Гребенската околија, се поминува р. Бистрица (Алиакмон) и се влегува во западните предпланини на Снежник (Мурик), во длабнатината во која се набиени: Палеокастро, Сачишта, Конско, Селица, Богоцко, Костурач, Лешница, Грчка Блаца. По овој пат, со отстапувања во една или друга насока, се движат обично андартските чети, наменети за Битолскиот округ. Регионот е пошумен, со живописни гледтки. Таа е населена, и покрај изобилството на словенски имиња, со Грци, Турци и Власи. Грчкото население уште не е сериозно засегната од агитационата и организаторска дејност на "Одбраната" и не ја покажува кон (Македонците – н.з.) органската омраза на андартите и нивните инспиратори. Ги познава (Македонците – н.з.) по одгласот на нивната револуционерна борба и востанието. Оделни Грци се на услуга на организацијата, како водичи и јатаци, при пренесување на оружје илегални луѓе. Тие го вршат тоа и покрај заплашувањето, но и со сознанието дека подпомагаат едно дело, насочено против општиот угнетител - Турчинот. Мелас, огорчен од сето тоа, во едно писмо до својата жена, зборувајќи за еден курир, Георгис, од Палеокастро, пишува:

"Тој доверливо ни кажа дека пред неколку дена пренел низ Боготско значителен број пушки за (Македонците – н.з). Тој не мисли дека направил нешто лошо, бидејќи, вели тој, (Македонците – н.з) се борат за слобода и, како што самите велат, "ние се бориме, а Грците ќе и се радуваат". Како што можете да видите, дури и тука тие безобразници работеле. Тука исто така мора да се поработи од страна на луѓето, но исто така и од страна на Грција. Несомнено, тука (Македонците – н.з) не ги проследуваат завојувачките цели, но им се додворувале на селанството за превоз на своето оружје. Затоа секојдневно тукашните луѓе се во врска со (Македонците – н.з), тогаш кога со нас не сврзува ништо. Јас, се разбира, развив пред него (курирот) целото свое ораторско искуство и гледам дека тој за прв пат ја слушаше и грчката верзија за (македонските – н.з) ослободители ".

Вреди да се забележи дека маките и лишувањата на дружината се најголеми во оваа имено неорганизирана област - од грчката граница до Костурско. Минавме границата на 7 март, па едвај на 13 март пристигнаа во Боготско, последно чисто грчко село во оваа насока, а на 15 тој месец во Чурловскиот манастир. Но, дури и во оваа област најголеми услуги при барањето на месни курири, храна и др. ни даваат андартите на гркоманот Павле Киров (Павлос Киру), ученик на Коте, кој многу пати ја поминувал грчката граница како комита. Во Чуриловскиот манастир дружината гостуваше кај игуменот Григориј, гркоман од с. Чурилово, доверлив човек на Каравангелис.. Од Чуриловскиот монастир ги превзема еден водач од с. Черновишта, испратен од Каравангелис, и преку Шестеово и Черновишта ги префрла во Габреш. Од тука па натаму веќе распоредува Коте, кој има свои пријатели и јатаци во селата. Курири, храна, добредојде и испраќање - кога андартите се сместени внатре во селата - сè станува со примерена точност и ред, и предизвикува ентузијазам кај Павлос Мелас. И сето тоа Мелас го придава на организаторскиот талент и на авторитетот на Коте (Котос), без да се сомнева или како намерно да премолчува дека во посетените села луѓето се придржуваат на еден ред, на кој организацијата ги научила. Коте ги избира селата и луѓето на кои офицерите им ја објаснуваат целта на андартската акција. Тоа се повеќето одделни фанатични гркомани, лични пријатели на Коте и неговите момчиња, незадоволни од строгоста на Организацијата, или роднини и блиски на казнетите лица од комитетот. Говорниците се објаснуваат со преведувачи бидејќи месните „Елини“ не го разбираат нивниот јазик. Во с. Черновишта, пред дванаесет "првенци", повикани од Коте, Пирзас од Лерин ги преведува зборовите, изречени од Кондулис и Мелас... пред овој "македонски парламент":

Речиси во сите села офицерите ја посетуваат црквата и училиштето, ги распрашуваат учителите за наставата, ги прашуваат децата и им даваа шеќерчиња, локуми и мали парички. Мелас е крајно разочаран бидејќи децата не го разбираат читањето. "Сите заедно го посетивме училиштето. Учител зборува многу лошо грчки. Тој побара од децата тие да пеат. Ние не разбравме дали јазикот е македонски или грчки. Сите ученици знаат да читаат и пишуваат, но никој не знае да зборува, а еден или двајца само разбираат малку". Мелас е уште поогорчен од тоа дека "ниту една од жените не зборува грчки", па затоа треба "по секоја цена да се натера девојките да го посетуваат училиште". Тој прави пропаганда со плаќање на сè што се зема за храна, со некои ситни бенефиции и подароци. "Научив малку македонски зборови, и им го зборувам на жените, особено на мајките, и тие се задоволни од мене. Едно петтаче тука, едно шеќерче таму, еден добар збор, еден бакнеж на децата секогаш ги привлекуваат родителите ...". Во селото Оровник, тој му ветува на гркоманскиот поп Стефан, кој е учител во селото, пари за ново расо, ако успее да го зголеми бројот на учениците. Со еден збор, Мелас се издвојува како лукав демагог и митаџија.

Меѓу 16 и 25 март офицерите ги посетија селата Габреш, Черновишта, Рулја, Бирима, Желево и Оровник. За време на обиколката тие се постојано во врска ко Каравангелис (кој во Руља им испратил тутун, вино и една кадифена капа за Мелас) и со конзулатот во Битола. Во Оровник Јон Драгумис им соопштува со шифровано писмо од Битола дека турските власти дознале за обиколката на Кондулис и на Мелас во Костурско и направила преставки пред грчката Влада и дека, за да се отстранат сомнежите на Турците, потребно е двајцата офицери да се вратат што е можно поскоро во Грција. Прв замина Мелас, задолжен од другарите да поднесе извештај до министерството. На 25 март тој заминал преоблечен за Битола, каде се населил во грчкиот конзулат и се гледа со Јон Драгумис. Придружен од конзуларниот чиновник Агорастос, Мелас отпатувал со туѓ пасош за Солун. Од Солун, пак со помош на грчкиот конзулат, Мелас се качил на параброд за Пиреја.

Не многу време после извештајот подпишан и од четирите офицери, припадници на разузнавачката мисија, премиерот добил друг одделен извештај од Папулас и Калакотронис, и тоа со спротивни заклучоци. Додека во општиот извештај се тврдеше дека вооружената пропаганда во Македонија е под определени услови, можна, во извештајот на двајцата се тврдеше дека почвата за четничка дејност е исто така неповолна и дека е невозможно да бидат (Македонците – н.з.) изместени од позициите кои ги извојуваа. Неразјаснети останаа причините кои ги натерале Папулас и Калакотронис да го променат радикално првичното мислење. Како и да е, контрадикција помеѓу анкетарите му наложи на Теотокис да ги отповика и останалите членови на мисијата. Огорчен од дволичното однесување на двајцата другари, Мелас го навредил при првата средба Калакотронис кој пак му го испратил веднаш својот секундант. Дуелот меѓу двајцата офицери кои припаѓаа на две од најпознатите атински семејства беше изнесен во печатот и предизвика сензација во грчкото општество.

Владата и штабот на армијата конечно го прифатија извештајот на Кондулис и Мелас. По официјалното упатство (насоко за дејствување), во комитетот со кој претседаваше Калапотакис, се воспостави "врховен совет", во состав во кој покрај трите членови на комитетот (Д. Калапотакис, Т. Балтаџис и И. Ралис) влегоа уште П. Т. Политис и Сораглус. Во тоа време во грчкиот главен град биле основани и други друштва за поддршка на андартската акција во Македонија.

Внатре во Турција врховното раководството на акцијата се повери на самите конзули во тесно разбирање со месните владици. Се наложи во конзулските испостави да се назначат лица активни и посветени на андартски дело, дури и да не се од кариера. Назначувањата зафатија и некои поважни градови во Бугарија, како Пловдив и Бургас за да бидат достапните сили на елинизмот во Кнежевството исто користени за терористичката пропаганда во Македонија. Како такви за конзули беа испратени: во Битола - Калергис (зет на стариот Драгумис), во Сер - Сахтурис, во Пловдив - Коромилас, во Бургас - Матлис и др. Во Бургаскиот конзулат беше преместен како чиновник и Јон Драгумис. На Коромилас му беше доверено целокупното управување со акцијата. Во тоа својство тој пред да заземе местото во конзулатот, ги посети највидните политички личности во Атина, за да постигне целосно единство на грчкото општество по овој проблем. Само постариот Т. Делијанис, премиер за време на несреќната грчко-турска војна, се спротивстави во прво време, посочувајќи ги ризиците на престоечката акција.

Освен тоа, Коромилас избра еден Штаб од офицери, меѓу најспособните во грчката армија, на кои им наложи однапред да ја проучат, по региони, Македонија, за да можат потоа да го преземат непосредното раководството... Првите ангажирани од него офицери беа: капетаните – Мораитис, Куревелис и Влахојанис, поручик К. Мазаракис, подпоручиците - Ексадактилос и Какавос, поморскиот офицер Какулидис и жандармерискиот подпоручник Спиромилиос. Пред да заминат за Македонија и да се сместат под други имиња, како чиновници по грчките конзули, тие се појавија пред командата на армијата, престолонаследникот кнезот Константин, кој ги охрабри со зборовите: "Татковината очекува многу од вас и, ве уверувам дека нема да го заборавам тоа што ќе го направите ", - како што пишува еден од овие офицери - поручник К. Мазаракис (подоцна капетан - Акритас) во една своја статија. Изборот на офицери за Македонија продолжи и во наредните години. Многумина од нив, пред заминувањето, ја проучуваа топографијата и народносна статистика на Македонија, а некои земаа лекции по (славјанскиот – н.з.) јазик. Во внатрешноста офицерите се сместуваа не само по конзулатите, но уште и како директори и наставници по училиштата, трговци, комесари – ​​од разни центри, па дури и како игумени на манастири.

По одреден престој во Пловдив, Коромилас беше назначен за генерален конзул во Солун и во 1904 година го зазеде новото работно место. Овде, опкружен од својот офицерски штаб, тој застана на чело на андартското движење и го водеше со многу енергија и упорност, но дури и повеќе од потребниот патриотизам. Разоткривање по разоткривање потврди дека целата терористичка активност на грчките комитети и чети во Солунскиот санџак била инспирирана и предводена од грчкиот конзулат. Конзулското тело во Солун беше огорчено. Големата порта беше принудена да направи повеќе преставки во Атина. Но, Коромилас не беше сменет и ја задржа својата позиција до крајот на 1907 година.“ – пишува Христо Силјанов.

(продолжува)

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.