Среда, 07 Март 2018   
Скопје меѓу двете Светски војни – „Без туристички прибор движењето по главната улица беше вистинска опасност“

manifest1881

Првата светска војна доведе до прекројување на картата на Европа и до нова вештачка поделба на Македонија меѓу балканските држави СХС (кралството на Србите, Хрватите и Словенците, односно Југославија), Грција, Бугарија и Албанија. Војните во и околу Македонија во првата половина на XX век и прикучувањето на нејзините делови кон соседните балкански држави и нанесоа на Македонија огромни материјални штети и човечки загуби. Македонските градови кои беа на линијата на Македонскиот (Солунски) фронт: Дојран, Гевгелија, Битола, Струмица и други градови и села беа наполно разурнати или многу оштетени. Оштетените железнички линии, мостови и влошените собраќјни врески уште повеќе влијае врз тешката стопанска положба. Пространите комплекси земја останаа необработени, а поради несреќно повлечената граница на македонската земјата многу градови останати без својата позадина и го изгубија приматот на водечки градови.

Вклучувањето на Варадарска Македонија, во рамките на Кралството СХС имаше за последица прилагодување и насочување на македонското стопанство во правец на капаталистичкиот развиток. Додека Вардарска Македонија се колонизираше со национално заслужни српски доселеници и влегуваше српскиот капитал, македонскиот народ залудно ја чекаше аграрната реформа и му беше забранета употребата на мајчиниот јазик и печатењето на книги со било каква содржина на македонски јазик. Уште по војната во Јужна Србија (Вардарска Македонија) почнаа да се подигаа модерни градови кои станаа центри на културна асимилација на македонскиот народ. Авторот Боро Антиќ, дописник на белградска Политика, во текстот со наслов „Градежен и културен напредок на Скопје“, објавен на 2 јули 1928 година пишува:

„На полето на градежното подигање на Јужна Србија даде многу видни резултати. Огромен напредок во материјалната култура, нови услови на економскиот и просветниот живот, му дадоа широк полет на државната и особено на приватната инцијатива. Тој напредок не е само во подигање на јавните и приватните објекти туку и во јавните комуникациски линии кои овозможуваат многу полесен сообраќај на поедини места во Јужна Србија и без густа железничка мрежа. Овде треба да се истакне изградбата на целосно нови патишта  Печ – Чакор – Андриевица во должина од 75 километри и Корбевац – Босилеград 70 километри како и безброј ситни траси или репарација од неколку километри. Во најкраток временски рок ќе биде готова и реконструкцијата на патот Скопје – Качаник – Урошевац кои до сега беше потполно непрооден. Оваа траса ќе биде од големо значење бидејќи по сувоземен пат   ќе ги поврзи Скопје и Скопска Црна Гора со Неродимље, Косово и Метохија. Странците и граѓаните на останатите наши покраини кога ќе дојдат во јужните краеви, изјавуваат дека Јужна Србија има најдобри патишта во Кралството С.Х.С.

Во архитектонското подигање на градовите на Јужна Србија се забележува особено издигање на местата кои не беа зафатени со изминатите војни. Додека одредени градови кои се лишени од својата позадина и природните трговски патишта со несреќно повлечената државна граница, го застанаа својот од во општиот развој и останаа да сонуваат за неодамнешното минато, губејќи го постепено престижот на водечки градови, други  потполно се издигнаа, давајќи себеси физиономија на модерни градови, со примена на современата аргитектура. Во низата на тие градови каде припаѓаат: Струмица, Куманово, Приштина, Урошевац, Скопје, главното место му припаѓа на првиот и последниот.

Струмица, мало срезско место во подножјето на снежната Беласица, сеште се сеќава на ужасот на еден огромен пожар во текот на војните кој нарочно го предизвикаа Грците. Од тогаш многу веруваа дека преку нејзините рушевини ќе помине духот на напуштеноста и заборавот. Меѓутоа, благодарејќи на природното богаство на струмичката околина, среќното поднебје со топлото сонце, две жетви годишно и со енергијата на своето население, на старите рушевини се издига нов модерен привлечен град со убави модерни градби. Во самиот град се развива интензивен културен живот, резултат на новата слобода.

Централно место во архитектонскиот развој на Јужна Србија и можеби на целото кралство му припаѓа несомнено на Скопје. Неговиот перифериски обем, внатрешен изглед и духот на населението толку се изменети така да Скопје од типично ориентален, валкан и тесен град со едвај 40.000 жители стана модерен град со огромна популација од околу 100.000 луѓе.

Чудна и огромна е таа промена? Каде што денес почнуваат комплекси на плански пресечени, широки модерни улици чие вкрстување дава многу убави геометриски форми, во 1922/1923 година тука беа пусти и необработени ледини полни со гранати и трње. Економската вредност на таа земја била минимална во тоа време кога не се размислувало дека полјаните: Буњаковец, Тахта – Илиџе (Тафталиџе), Дебар Макала, Треска и Водно ќе бидат за така кратко време анонимни огромни, потполно модерни предградија кои се повеќе и повеќе превземаат на себе централна улога во административниот и културниот живот на Скопје. Дури и ние сведоци на овие гигантски чекори, ни изгледаше многу храбро да се вратиме во блиското минато и да се присетиме дека денешното ново модерно европско Скопје, со палати и вили ѕидани по последниот збор на модерната техника, била една шаренолика рудина со ретка трева која после секој и најмал дожд претставувала права опасност за невнимателниот шетач.

Ни самата денешна главна улица Крал Петар, која би направила чест и на самата престолнина, пред шест години не била многу подобра. Неколку накривени куќарки, типично турски по конструкција, излегуваа надвор во низот на останатите едноспратни, старомодни згради, преминуваа преку “тротоарот“ и допираа речиси до  средината на “главната улица“. А главната улица? Таа била права ровина ишарана со безброј јами секогаш полни со вода. Без туристички прибор движењето по главната улица беше вистинска опасност. А пак возењето со пајтон?

На влезот во “главната улица“ на десниот агол имаше еден типичен кафански ќепенок  кој го носеше името кафеана „код Три шешира“. И таа со многу достоинство го носела ова значајно име бидејќи тука се собираа гурманите од старо Скопје.  Една ноќ, 1925 година кафеаната настрада во еден многу оргинален пожар.

На овој агол денес се издига еден блок на огромни, модерни палати на г.г Владе Ристиќ, др. Икономовиќ и Стефан Настиќ. Главната улица е регилирана, а многубројните првокласни модерни магацини, ресторани и хотели, со многу жив промет, се издигаат во редот на модерните големоградски улици.

Причината за ваквиот брз развој на Скопје треба да се бара колку во неговата географска положба толку и во условите за економско-културниот живот од ослободувањето до денес. Скопје станал неоспорен центар и трговски и финансиски и културно-просветен. Трговијата, во поголем дел примитивна и ограничена во време на турското и бугарското владеење со овие краеви, поврзана веднаш по ослободувањето со потребата од обнова на многу економски добра уништени или напуштени за време на војните, добила брз и неодолив полет во време на својата експанзија од 1919 до 1924 година. По поместувањето на трговските центри бизнисмените од провинцијата, немајќи во своето родно место довлно замав за сите поголеми бизниси, се населиле во Скопје.

За последните шест години, само од 1923 до 1926 година, подигнато е ново Скопје кое го сочинуваат предградијата: Буњаковец, Тахта – Илиџе, Дебар Макала, Треска и Водно. Вкупно тоа брои 1.000 нови куќи со еден, два и повеќе спратови и повеќе од 25.000  жители. По години, изградбата се одвивала вака: Во 1923 година изградени се 124 згради, 1924 година 155, 1925 година 134, 1926 година 163, 1927 година 229 и 1928 година до 22 јуни 100  што чини 905 згради вкупно. На овој број треба да се додаде и 350 куќи на железничката колонија, Дебар мало, Водно и Стара пивара колку што е подигнато додека овие краеви не му припаѓаа на атарот на општината Скопје, како и 345 куќи подигнати без дозвола во годините од 1919 до 1923 година.

Во овие работи инвестирано е 100.000.000 динари и тоа 43.000.000 кредити која ги поделила државната Хипотекарна Банка и 63.000.000 приватен капитал. За да Скопје дефинитивно се модернизира општината изработи генерални планови за канализација, водовод (водата би се носела од село Рашче), кланица и електроцентрала. Сите овие работи очекуваат еден поголем инвестициски кредит.“

На територијата на Вардарска Македонија по војната имало 16 индустриски претпријатија. Поради недостаток на капитал и поради дискриминација на македонската буржоазија домашните стопанственици не можеа да вложуваат повеќе средства во подигање на нови индустриски капацитети. Од вкупно 27 претпријатија кои се создадоа во 1925 година, 11 беа државни, а од другите 16 претпријатија 7 биле во сопственост на српски и чехословачки капиталисти. Во наредните пет години проработија 5 нови, од кои повеќето беа мали електроцентрали и објекти од прехранбената индустрија. За оживување и финансирање на производството, трговијата и сообраќајот почнаа да се отвараат банки и штедилници. Покрај затечените српски банки во Скопје и Битола во 1920 година почнаа да работат Трговско индустриската банка „Вардар“ во Скопје и Брегалничката банка во Штип. По 1922 година српските трговци и индустријалци основаат повеќе банки во Македонија но со скромен капитал.

Македонија до Балканските војни имаше прилично разгранета мрежа на училишта и голем учителски кадар. Веднаш по Првата светска војна бројот на училишта опадна, а голем дел беа затворени. Така на пример во Штип гимназијата беше затворена, а не работеше ниту едно основно училиште. Свесни дека училиштата преставуваат добро средство за превоспитување на Македонците, набрзо се отворија училишта со српски кадар за денационализација на македонскиот народ. Исто така по војната беа отворени бројни српски друштва, а во 1920 година беше отворен и Филозовскиот факултет во Скопје како рагранок на Белградскиот филозовски факултет.  На овој факултет за време на стара Југославија се предаваа само т.н. национални предмети. Српскиот дописник на белградска Политика Б. Антиќ во продолжение на текстот, за новоотворените училишта, друштва и Филозовскиот факултет ќе напише:

„Со материјалното издигање напоредно оди и културно-просветниот живот. Во тој правец Скопје успеал да се афирмира и како интелектуален и просветен центар од Ниш до Гевгелија.

Покрај четиринаесет основни училишта, машка и женска гимназија, учителско училиште, трговска академија, поголем број на занаетски училишта, тој има и свој Филозовски факултет. Факултетот е средиште на продуктивен интелектуален живот. Неговите професори, свесни за огромната задача, поради издигање на Скопје и Јужна Србија на интелектуално ниво со останатите покраини на нашата земја, работат со голема љубов кон таа цел било во практичната настава или во продлабочување во научните проблеми на својот правец. Тие исто така многу често патуваат по Јужна Србија, полна со историски и етнографски материјали и вршат научни географски, историски и етнографско-етнолошки истражувања. За да нивната работа биде што поцелосен, тие при факултетот основаа: Скопско научно друштво, чиј месечен „Гласник“, печатен на повеќе јазици, оди во речиси сите европски научни средини и предизвикува интересирање за нашата наука. Со својата научна објективност и длабочина, разноврсност на научните проблеми кои ги третира, овој орган на скопското научно друштво се стекнал со  одличен углед во странство.

На Филозовскиот факултет кој располага со богата и бројна библиотека се спремаат секоја година нови генерации на младината на Јужна Србија која наоружана со солидно стручно знаење  инспирирана со љубов према државната и општествената заедница има да го прифати знамето на напредокот кои го дале генерациите во залез.

Во низата на културно-социјални и хумани институции кои допринесуваат на движењето на огромната мелница на општиот прогрес треба да се истакне и француско-српското  училиште на г. Шарл Дара која веќе неколку години ја развива љубовта меѓу францускиот и нашиот народ. Потоа доаѓа народниот театар  Крал Александар I чија улога во културниот живот е огромна меѓутоа на жалост до сега не почуствувана.

Покрај тоа организациите: Народна одбрана, Коло на српските сестри, Јужни жени, Соколска жупа, Аеро-клуб, Јадранска стража, Коло на јавачи, пејачките друштва Мокрањац и „Вардар“, друштвото на француските пријатели, го трасираат патот кон подобар живот пласирајќи ја пожртвовано својата дејност на полето на културниот, просветниот и социјалниот живот.

Исто така значајни се културно-просветните институции и етнографскиот музеј, дружтвото за хрватски јазик и книжевност. Народната библиотека при Филозовскиот факултет во Скопје брои околу 50.000 томови, во најголем дел од југословенската книжевност, југословенската и општата историја, уметноста, правото и филозофијата.“

(извор: Историја на македонскиот народ, Скопје, 1988, стр 217 -234; Б. А., Политика, 2.07.1928, стр. 8)

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.