|
|
По поделбата од 10.08.1913 година Вардарска Македонија |
По поделбата на Македонија од 10.08.1913 година Вардарска Македонија потпаднала под српска власт. Тогашните власти на Југославија со сите свои сили се ангажираа на сите полиња за целосно економско и политичко потчинување и асимилација на македонскиот народ. Една од испробаните и можеби најефикасни методи за асимилација на еден народ е неговото превоспитување во училиштата. Затоа постојните училишта беа прекрстувани, некаде беа отворани нови, со единствена цел младите Македончиња да научат дека се Срби, а не Македонци. Нивните имиња во училишните книги биле пишувани со додавката "ИЌ" на српски јазик. Школо Вук Караџиќ- Битола, слика на Милтон Манаки Содржината на работа во училиштата била според тогашните наставни планови и програми, но со посебен акцент врз асимилацијата на Македончињата и негување на културно-историските традиции на српскиот народ и Србија. За да ги асимилираат македонските деца не им ги менуваа само презимињата со додавката „иќ“ во училишните книги туку и во нивните црковни крштеници. Се менуваа презимињата, но и нивните имиња. За тоа најдобро говори писмото на архијерејското намесништво во Битола до парохиите за дозволените имиња при крштевањто. Во писмото заведено под бр. 199 од 20 јануар 1939 година на Архиерејското намесништво во Битола до парохиите за дозволените имиња (Историски архив Битола Ф. ЗИД/А-1/31), потпишано од архиерејскиот намесник, протојереј чиј потпис не е читлив, објавено во „Документи“, том втори од 1981 година, се вели: „Црковниот суд под С. бр. 8523 од 29. II 1938 год. го достави следново: Архијерејската власт под Е. бр. 2416 од 15/28. XII о.г. повела да му го достави на судот следново: Нашиот архијерејски заменик со јавна наредба нека ги предупреди и извести парохиските свештеници да водат сметка при давањето имиња на новородените деца во време на крштавањето. Се вкоренил лош обичај кумот да си го присвојува правото при крштавањето да дава име по своја волја. Тоа право на кумот има значење само додека е во границата на дозволеното и целесообразното. Штом свештеникот протестира, ќе се покори на неговото барање. Воопшто свештенството е должно да ја обучува својата паства, дека нашиот црковен збор, наредба и пропис се поважни од сите ќефови и неоправдани барања на поединци. Во сите случаи, и тоа без секаков изговор, ќе биде така како што ќе нареди свештеникот. Во никој случај да не се дозволи самоволието на мирјаните и малтретирањето на нашите свештеници. Во поглед на името парохијаните имаат широко поле за избор на име. Календарските имиња се безброј. Еве им го, значи, календарот (Јован, Петар, Тодор итн.). и за националните имиња исто така има именик и само такви имиња можат да им се даваат ла децата при крштавањето. Горната одлука им се доставува на архијерејските намесници заедно со наредбата со неа да го запознаат подрачното парохиско свештенство и да му наредат строго да се придржува кон „именикот" и кон календарот во поглед на давањето имиња. Архијерејски намесници да водат сметка за извршувањето на оваа наредба. Горното им се доставува и на паросите и им се наредува најточно да се придржуваат кон наредбата.“ Ваквиот чин на српската власт не преставувал само насилно менување на името и презимето на македонските деца, туку преставува и насилно менување на вековните традиции и култура на македонскиот народ. Слично како и српската и бугарската власт која доаѓа по нив во 1941 година, го продолжува истото сценарио, овојпат бришејќи ја додавката „иќ“ и заменувајќи ја со „ов“ . Но и покрај сите усилби за целосно економско и политичко потчинување и асимилација на македонскиот народ, Македонците постојат и ќе опстанат на оваа земја. Корените на македонскиот народ се премногу длабоки за да може било кој да ги сосече. |