Среда, 01 Август 2018   
Чекаме ноќ за да го заземеме Крушево

imagesЧекаме ноќ за да го заземеме Крушево

Веднаш по Конгресот во Смилево (2-7 мај 1903), во сите револуционерни околии се одржале собранија, на кои биле разработени мерките неопходни за подготвување на востанието. Особено внимание било посветено на воената подготовка на востаниците и на народот. Се изведувале воени вежби, се собирале прехранбени продукти, оружје, муниција, лекарства итн.

Според решенијата на Смилевскиот конгрес од мај 1903 година, на Главниот штаб на II македонски револуционен округ му било дадено правото да го определи датумот на востанието. Откако се заклучило дека во Округот ситуацијата е зрела за востание, Главниот штаб на 26 јули 1903 година се состанал на врвот Победоносец над Смилево, Битолско. Тој во селото Буф (Леринско) на 7 дена пред востанието решил востанието да се објави на Илинден, односно на 2 август 1903 година.

Со брзи курири преку Битолскиот округ бил известен ЦК во Солун и Задграничното претставништво на Организацијата во Софија. Во исто време до големите сили била упатена Декларација на Внатрешната организација за почетокот на востанието и соопштение од Главниот штаб до Дирекцијата на источните железници во Македонија, со седиште во Скопје.

Во циркуларот со кој на 15 (28 јули по нов стил) 1903 година се објави Илинденското востание и е испратен до центрaлните и селските началници и народот, се вели:

Браќа, Најсетне дојде веќе денот шчо толку многу го чекафне, за да се распрајме со вековниот наш душман! Крфта на загинатите от турската тиранија на правина наши браќа високо викаат да си платиме! Згазената чес на нашите мајки и сестри сакат да си дојт на место! Доста толку маки, доста толку страм! Хилјади пати поарно смрт, отколку страмен и скотски живот!

Определениот ден, кога народот от цела Македонија ќе требит да излезит јавно со оражие в раце спроти душманот, јет Илигден - 20 јули, 1903 г. (2 август по нов календар). Во тој ден тргнете, браќа, по вашите началници и зберете се пот бајракот на слободата! Дрште се здраво, браќа, во борбата! Само во опорита и долготрајна борба јет нашето спасение!

Долу Турција! Долу тиранијата! Смрт на душманите! Да јет жиф народот! Да јет жива слободата! Ура! Ве целиваме брацки.

Штабот

(Извор: „Документи за борбата на македонскиот народ за самостојност и за национала држава“, Том I, Скопје 1981, стр. 396 - циркуларот е објавен во целост и оригиналиа форма.)

Како што било и определено, востанието почнало на 20 јули, 1903 г. (2 август по нов календар). Тоа се проширило на најголемиот дел од Македонија, но со најсилен интензитет се изразило во Битолскиот округ. Целта на востаниците била насочена кон освојувањето на територии и населени места. Специфичен пример се освојувањето на местата Невеска, Клисура и особено на Крушево.

Крушевската револуционерна околија му била доверена од Битолскиот окружен револуционерен комитет на чело со Никола Карев, чија главна цел била освојувањето на градот Крушево.

Зошто Крушево?

Теренот е исклучително планински и ридест, што овозможува активна востаничка дејност. Крушевскиот востанички реон го населувале околу 9.000 жители главно Македонци, Власи, нешто Албанци христијани, со изразени слободарски традиции и национални чувства. Оттука, штаб на крушевскиот востанички реон, во состав: војводата Никола Карев, командант, потпоручникот Тодор Христов, офицер, родум од Велес, Тома Никлев од Крушево и Антиноген Хаџов, учител во Крушево, родум од Струга, уште на самиот почетокот на востанието располагал со 1.200 востаници.

Извршувајќи ги навреме сите подготовки за успешно заземање на градот, пред да започне нападот, штабот на Никола Карев издал специјален проглас со кој го објавил востанието. На 20 јули, 1903 г. (2 август по нов календар), штабот на крушевските востаници на чело со Никола Карев испратил проглас (Номер 1219) до раководителот на Крушевскиот околиски револуционерен комитет и до началниците на групите, како и до народот на крушевскиот револуционерен реон во кој се вели:

„Браќа,Брзаме да ви го честитаме востанието! Денеска цела Крушевска околија заедно со цела Македонија крена востание и вика: Долу тиранијата! Да живее слободата и равноправноста меѓу македонските народности! Камбаните насекаде бијат, народот со чудесна радост се прибра под знамето на слободата. Момите и невестите ги китат со цвеќиња главите и пушките на востаниците! До што Турчин се најде по патиштата и селата, се фати и е прибран како пленик и залог. Насекаде пеење, радост и веселба. Гориме од нестрпливост и чекаме ноќ, за да дојдеме и да го заземеме Крушево, та заедно со целиот народ да го извикаме победоносното македонско ура! Бог и правото се со нас!Да живее Македонија!

Прогласот го потпишуваат членовите на Штабот:

Никола Карев, Тома Никлев, Тодор Христов и Антиноген Хаџов, како и: Питу Гули, Иван Алабакот, Андреја Димов, Ѓурчин Наумов и Ташко Карев

(Извор:„Документи за борбата на македонскиот народ за самостојност и за национала држава“, Том I, Скопје 1981, стр. 397)

Според одлуката и планот, ноќта на 2 август започнал нападот врз градот. Концентрирајќи ги своите напори врз клучните објекти, општината, поштата и другите важни згради, востаниците сретнале посебно жесток отпор при нападите на касарната, во која се наоѓале 60 војници. На 3 август 1903 година градот бил ослободен. Веднаш по влегувањето на штабот во него, се пристапило кон формирање на револуционерната власт на востанатиот народ.

Од претставниците на сите народности што го населувале градот бил свикан собир, на кој се формирало претставничко тело или Совет на Републиката. Од својата средина ова тело избрало извршна власт наречена Привремена влада.

Под претседателството на Вангел Дину, Привремената влада му се обраќа на населението со манифест, познат како „Крушевски манифест“, кој всушност претставува декларација за целите на македонската револуција.

Во овој манифест доаѓаат до полн израз државотворните гледишта на македонскиот народ за конституирањето на македонската држава. Всушност, македонските револуционери на Првиот Илинден во Крушево, длабоко во Македонија и на Балканот, ги удирале темелите на македонската републиканска држава.

МН

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.