|
|
Впечатоците на Филип Дифрен-Кане од престојот во Македонија во 1573 година |
Во XVI век, Скопје се издига како значаен стопански и политички центар. Во него постојано наминувале трговци и патници: Венецијанци, Дубровчани, Евреи, Грци, Арапи и други. Венецијанскиот пратеник Јакобо Соренцо (1575), покрај другото запишал дека: „Скопје е голем град и зафаќа 28 квадратни километри. Жителите се христијани, Турци и Евреи. Куќите се мошне убави. Во градот се врши голема преработка на кожи, што се негов главен производ…. (Скопје, 1985, стр. 14). Саат кулата не оставала рамнодушен ниту еден од патеписците кои го посетиле Скопје. Турскиот историчар и географ, Хаџи Калфа, забележал дека Скопје има една Саат кула, најголема од сите кули кај христијаните и дека таа ги отчукувала часовите и дење и ноќе, а ѕвоното се слушало на „два часа далечина“. За Саат кулата пишува и Филип Дифрен-Кане, кој престојува во Скопје две години пред Венецијанскиот пратеник Соренцо. Како приврзаник на протестантизмот, Филип Дифрен-Кане бил принуден често да патува во странство. Во 1573 година, тој се придружил кон француското пратеништво кое заминало преку Дубровник за Цариград. Своите впечатоци од ова патување ги изнесол во своето дело „Патување на Левант“. Филип Дифрен-Кане, патеписот го напишал по враќањето во Венеција, но неговото дело било издадено дури во 1897 година. Пишувајќи за своите впечатоци за време на престојот во Македонија, покрај описот на Саат кулата во Скопје дава и интересни податоци за градот и Македонија (Документи, Том Први, Скопје, 1981 - Р. Самарѓиќ, Београд и Србија у списима француских савременика, 49-51). Филип Дифрен-Кане во својот патепис, меѓудругото ќе запише; „ ..Минувавме преку нерамни и кривулести врвици, преку темни долинки и густи шуми. Нашиот чауш не предупреди дека треба да се оди претпазливо, со оружје в рака, зашто овој премин обично е запоседнат од албакските убијци и разбојници, кои пред некој ден отепале пет кадии со целата нивна придружба. Со милоста божја, ние го најдовме патот слободен. Видовме една древна кула и некои урнатини од тврдини издлабени во планината. Слушнавме турски стражи кои со удирање во тапани го обезбедуваа патот на карваните. Оттаму излеговме на една голема рамнина, на чиј почеток, скоро скриен од неколку мали вишинки, се наоѓа Скопје, многу голем град, кој според некои е во Бугарија, но по моето мислење е во Македонија, ако се зачуваат старите граници, а се вика Стоби, во соседство на Мигдонија. Тука тече реката наречена Вардар. Кај Скопје видовме еден убав водовод, се уште зачуван, кој доведувал вода за градот, но сега тој не служи, зашто е пронајдена употреба на подземните канали, кои се многу попогодни, посигурни и поекономични. На влезот во градот се наоѓаат остатоците од една стара тврдина, а во неа грчка црква. Но најмногу не зачудија гробиштата, кои заземаа поголем простор отколку целиот град, покривајќи ги сите околни ридишта, бидејќи во изминатите години овде владеел голем помор, а Турците никогаш не погребуваат две тела на едно место. Овој град има еден јавен саат кој се слуша во целиот град и којшто ги отчукува часовите по француски. Донесен е од Сигет во Унгарија, заедно со неговиот мајстор, кој има добра плата. Иако Турците многу ги сакаат саатите и многу ги ценат, во цела Турција нема друг јавен саат..“ Писателот, иако погрешно го заменил Скопје со Стоби, разурнат град на утоката на Црна во Вардар, сепак тој има доволно познавање дека градот не се наоѓа во Бугарија, туку во Македонија. Исто така, пишувајќи за Скопје, Филип Дифрен-Кане ќе забележи дека градот „има еден јавен саат кој се слуша во целиот град и којшто ги отчукува часовите по француски.“ Според досегашните сознанија, таа била првата Саат кула подигната на територијата на тогашното Турско Царство. По воениот поход во Унгарија, саатниот механизам донесен од Сигет бил сместен во кула која не била специјално градена. За таа цел била искористена една од четирите кули во составот на бедемите што го штителе манастирот Свети Ѓорѓи Скоропостижник. Македонска нација |