|
|
ПРВИОТ ПОШТЕНСКИ ПЕЧАТ ВО МАКЕДОНИЈА БИЛ УДРЕН ПРЕД 175 ГОДИНИ ВО ПОШТАТА ВО БИТОЛА |
ПРВИОТ ПОШТЕНСКИ ПЕЧАТ ВО МАКЕДОНИЈА БИЛ УДРЕН ПРЕД 175 ГОДИНИ ВО ПОШТАТА ВО БИТОЛА Бранислав Светозаревиќ-Покорни 27 години го собирал материјалот за последната книга и во неа се обработени сите пошти и поштенски печати кои се користеле на просторот на денешна Македонија во периодот од 1843 до 2010 година (Фото: СДК.МК) Собирањето и проучувањето на поштенските печати е помалку познат дел од филателистиката, но тој исто така содржи многу интересни детали, но и важни документи за историјата на секоја држава. Историчарот и истражувач д-р Бранислав Светозаревиќ-Покорни е еден од ретките филателисти кај нас кој повеќе од четири децении активно работи на збогатувањето и откривањето на тајни на филателијата. Неговото последно научно дело „Поштенската историја на територијата од Република Македонија 1843-2010 година“ претставува досега најобемно и најцелосно преставување на поштенската историја на тлото на денешна Македонија. Овој обемен труд покрај веќе познатите детални донесува и нови сознанија кои ја збогатува историјата на Македонија. Првиот официјален поштенски печат бил ставен пред 175 години, во поштата во Битола кој тогаш била седиште на Битолскиот вилајет. Печатот е елипсовиден, напишан на старо турски јазик на кој пишува „Анџаби постал Монастир“, што значи „Пошта Битола“ (Фото: СДК.МК) „Секоја пошта во светот си има или си имала свој поштенски печат на кој, најчесто стоело името на местото, датумот и годината кога е користен печатот. Така е и кај нас. Од она што успеав да го добијам како материјал и по обемните истражувања и што е особено важно за нашата историографија е податокот дека првиот официјален поштенски печат бил ставен пред 175 години, односно во далечната 1843 година, во поштата во Битола кој тогаш била седиште на Битолскиот вилајет. Печатот е елипсовиден, напишан на старо турски јазик на кој пишува ‘Анџаби постал Монастир’, што значи ‘Пошта Битола’ а од левата и десната страна има гранчиња. Од овој период, до 1892 година, имам пронајдено уште три печати од поштата во Битола. Интересно е што Скопје својот прв поштенски печат го добил дури 6 години подоцна во 1849 година. Поштенските печати во Македонија во османлискиот период се од различен тип и по форма и по големина. Најпрвин печатите се само на старотурски јазик и писмо, во негатив, со или без датум или само со фиксна година“, вели Светозаревиќ. Според истражувањата на Џон Колс и Хјуард Волкер, на територијата на Македонија до крајот на 19 век, пошти имало во: Битола, Скопје, Блаце, Зелениково, Меџитлија, Магарево, Бограднци, Валандово, Велес, Ѓомел, Извор, Гостивар, Гевгелија, Миравци, Градско, Дебар, Делчево, Демир капија, Дојран, Кавадарци, Кичево, Кочани, Кратово, Злетово, Лесноово, Талашманџа, Крушево, Куманово, Крива Паланка, Неготини, Охрид, Пехчево, Прилеп, Радовиш, Ресен, Гопеш, Свети Николе, Струга, Струмица, Тетово и Штип. „Тоа е фасцинантно дури и за денешни услови“, вели историчарот. Историјата на поштите а со тоа и на поштенските печати е мошне слабо обработена материја, не само кај нас туку и во соседните земји. Таму најмногу пишани материјали на оваа тема можат да за периодите од војните како Балканските војни и Првата светска војна. Превземено од : САКАМ ДА КАЖАМ |