|
|
МАКЕДОНСКОТО НАЦИОНАЛНО САМОСОЗНАНИЕ ВО ИЛИНДЕНСКИОТ ПЕРИОД (3) |
Александар ДОНСКИ (Посветено на академик Блаже Ристовски) ФЕЉТОН: МАКЕДОНСКОТО НАЦИОНАЛНО САМОСОЗНАНИЕ ВО ИЛИНДЕНСКИОТ ПЕРИОД (3) ВОДАЧОТ НА ИЛИНДЕНСКОТО ВОСТАНИЕ БОРИС САРАФОВ ВО СТРАНСКИТЕ МЕДИУМИ ЈАВНО ТВРДЕЛ ДЕКА МАКЕДОНЦИТЕ НЕ СЕ НИ БУГАРИ НИ СРБИ, ТУКУ ПОСЕБЕН НАРОД Да го спомнеме и еден од водачите на Илинденското востание, големиот македонски револуционер Борис Сарафов (кој само поради тоа што бил десничар, неправедно беше сатанизиран од некои македонски историчари комунисти). Борис Сарафов во 1902 година изјавил: „Ние Македонците не сме ни Срби ни Бугари, ами просто Македонци. Македонскиот народ постои независно од бугарскиот и српскиот. Ние им сочувствуваме и на едните и на другите, и на Бугарите и на Србите, и којшто ќе го помогне нашето ослободување - нему ќе му речеме благодарам, но Бугарите и Србите нека не забораваат дека Македонија е само за Македонците!“ Оваа изјава на Борис Сарафов била дадена за весникот „Балкански Гласник“ во бројот од 07.07.1902 година. Веќе во 1903 година, т.е. во годината на самото Илинденско востание, Сарафов повторно е дециден: „Во Србија и во Бугарија се уште не ја сфаќаат огромната важност за автономијата на Македонија и затоа се борат за да докажат дека во Македонија живеат Бугари и Срби. Ние Македонците не сме ни Бугари ни Срби, ние сме само Македонци и ние сакаме слобода за нас и за нашата Македонија“. Оваа изјава Сарафов ја дал за весникот “Штампа” (30.11.1903), а слична ваква изјава била објавена и во софискиот дневник “Мир” (02.12.1903). Борис Сарафов давал изјави дека Македонците се посебен народ и за други европски весници (Подетално кај: Блаже Ристовски: Крсте Мисирков..., стр. 808). За Борис Сарафов како за македонски (а не бугарски) национален деец пишувале и странските весници. Така, на пример, австрискиот весник „Die Zeit“ за Борис Сарафов и за неговото залагање за самостојна Македонија со одделна македонска нација, како и за неговото спротиставување против бугарските и српските интереси во Македонија, во 1902 година пишува: „Сарафов работи на тоа Македонија да добие политичка самостојност. Факт е дека постои извесна разлика помеѓу македонскиот дијалект и јазикот што се зборува во Србија или во Бугарија, поради што постои желба дијалеткот на оваа провинција самостојно да се развива. Во таа смисла Сарафов ја даде девизата: Македонија на Македонците!... Ако Сарафов сериозно мисли за самостојноста на Македонија, ние можеме само да му посакаме среќа во неговите потфати во иднината...Ако тој се залага неговата татковина да добие автономија и ако притоа ги одбива големобугарските и големосрпските барања, тогаш тој ја заслужува моралната поддршка од Австро-Унгарија...“ Францускиот весник „Le Temps“ (30.07.1903) пишува дека Борис Сарафов изјавил дека македонските востаници одлучиле или да умрат или да извојуваат слобода. Весникот пишува и дека Борис Сарафов изјавил дека македонските востаници ќе ја остварат програмата “Македонија на Македонците”, независно од Бугарија. Дека Сарафов бил далеку најпознатиот тогашен македонски револуционер во Европа, сведочи и написот од истиот француски весник, објавен на 08.08.1903, во кој пишува за почетокот на Илинденското востание. Овде читаме: „Востанието избувнало во Битолскиот вилает, на повик од Борис Сарафов, главниот македонски воен командант и неговите пријатели, од кои ќе наведеме некои досега непознати имиња на некогашни учители: некој си Дамјан Груев или кратко Дамјан, потоа Пере Тошев и Лозанчев“. Дури и јапонскиот весник „Осака Мајничи Шимбун“ во бројот од 14 август 1903 година, пишувајќи за Илинденското востание, Борис Сарафов го опишал како водач на Македонците: „Повикувајќи се на вестите што доаѓаат од Лондон, востанието се уште се шири, а згора на тоа извршен е и атентат врз рускиот конзул.Востаниците се составени од: Македонци, Бугари и Албанци, додека за најважна личност се смета Борис Сарафов, кој ги води Македонците. Борис Сарафов е голем револуционер и сега иднината на Македонија зависи од него“. Во овој напис мошне значајно е јасното издвојување на Македонците од Бугарите и од Албанците (кои во тоа време имале свој бунт во Косово), а за Сарафов децидно се вели дека ги води токму Македонците. За Борис Сарафов низ европските весници почнала да се создава слика на фанатичен македонски револуционер, кој е подготвен на се за да ја добие слободата на Македонија. Понекогаш се одело и со претерувања. Како пример за ова ќе го спомнеме написот од францускиот весник „L Avenir de la Vienne“ (“Иднината на Вијен”) објавен во бројот од 29.08.1903 година. Овде читаме: „Водачите на македонското востание изјавија дека имаат намера да ги рашират во Константинопол бакцилите на азиска колера, на чумата и на малите сипаници, да ја затрујат реката Дарлас, која го снабдува градот, со клици на не помалку страшни болести, особено доводот на водата во палатата на султанот. Се вели дека Сарафов и неговите партизани имаат намера од Константинопол да направат град на ужас, каков што никогаш не е виден. Султанот е избезумен.“ Да кажеме и дека Сарафов во 1903 година дал изјава за посебноста на македонскиот јазик во однос на српскиот и на бугарскиот. Претходно, во 1900 година, Сарафов го финансира излегувањето на драмата „Прилепски светци“ од бугарскиот писател А. Страшимиров, која, со помош на Ѓорче Петров, била напишана на еден македонизиран јазик. Целиот тираж од 3.000 примероци на оваа драма бил распродаден за само еден месец. Борис Сарафов во истата година финансиски го помогнал и излегувањето на познатата „Македонска крвава свадба“ од Војдан Чернодрински, а го организирал и нејзиното изведување во Софија. Сарафовиот весник „Деб’р“ во 1905 година бил единствениот весник во Бугарија што смело го најавил излегувањето на списанието „Вардар“ на Крсте Мисирков, поради кое Мисирков бил осуден на смрт од бугароманите. Како се чувствувале најголемиот број обични востаници и локални војводи штом нивниот водач Борис Сарафов јавно изјавувал дека е Македонец, а не Бугарин, нека размислат бугарските пропагандисти. Надвор од умот е да се тврди дека сите илинденци се чувствувале „Бугари“, а истовремено нивниот водач и идол Борис Сарафов, јавно насекаде да изјавува дека Македонците не се ни Бугари ни Срби, туку посебен народ - Македонци. Исто така ќе треба да одговорат и на прашањето: зошто денешната бугарска историографија не пишува ништо за македонските национални пројави на Борис Сарафов (како и на другите илинденски револуционери)? Изјавата од Борис Сарафов за посебноста на Македонците ја објавил и Димитрија Чуповски на руски јазик. Продолжува |