|
|
АВТЕНТИЧНО БУГАРСКО СВЕДОШТВО ЗА НАСТАНИТЕ ВО ПРИЛЕП ОД 11 ОКТОМВРИ 1941 ГОДИНА |
Александар ДОНСКИ
Познато е дека во 1941 година Хитлер го доделил вардарскиот дел на Македонија на своите фашистички сојузници: Бугарија и Италија. Во поголем дел од овој дел на Македонија упаднала бугарската војска, која набргу почнала со обиди за присилна денационализација и терор врз Македонците. Поради тоа Македонците кренале масовно востание против бугарската окупаторска власт. На 11 октомври 1941 година македонските востаници во Прилеп ја нападнале бугарската полициска станица. Истиот ден бугарската полиција и војска жестоко се нафрлила врз мирното население. Граѓаните на Прилеп масовно биле претепувани и затворани, а бугарските полицајци и војници им ги краделе вредните предмети што ги наоѓале кај нив. Од ваквата постапка на полицијата и војската биле огорчени дури и некои службеници на бугарскиот фашистички режим. Еден од нив бил Коста Црнушанов, кој во тоа време работел како службеник во просветата во Прилеп. Практично Црнушанов бил жив сведок на она што се одиграло во Прилеп на 11 Октомври 1941 година. Иако бил во служба на бугарската власт, тој не останал рамнодушен од она што го видел и слушнал од очевидците, па недолго потоа испратил протесно писмо до бугарскиот Министер за просвета во врска со овие настани. Во писмото јасно се гледа неговата огорченост од постапките на бугарските окупатори. Еве што, меѓу другото, напишал бугарскиот службеник Црнушанов до својот министер: ,,Очевидците и настраданите ми раскажуваа низ плач: Ако некој има видено глутница од волци како напаѓа стадо, тогаш може да си претстави како изгледаше апсењето и претепувањето на прилепските граѓани. Луѓето беа апсени каде и да се наоѓаа: дома, на кино, во кафеана и на други места. Беа водени во участокот, а оттаму во затвор. По патот кон участокот тие беа тепани до бесвест и им беше пцуена „мајката македонска”! Кои беа тепачите? Тоа беа полицајците, војниците и некои од началството, вклучувајќи го и бившиот полициски началник на областа. Тепаа со стапови, маваа со цевките од пушките, удираа со греди и клоцаа со нозете. Удираа каде што ќе стигнат: по главата, по грбот, насекаде... Од околу 300 претепани граѓани, во затворот беа задржани 70... Претепаните се од најразлична возраст: од млади, па се до 70-годишни старци, каков што е случајот со Митре Мазарот... Притоа не било вршено само малтретирање и тепање на лицата, туку истите биле и ограбувани. Им биле крадени парите и другите вредности, пенкала, часовници и друго. Ограбувањето го вршеле полицајците и војниците.” (Извор: Коста Црнушанов: “Принос к’м историјата на ММТРО“, Софија, 1996 год.). Ова сведоштво е од исклучителна важност затоа што претставува автентичен бугарски документ (официјално писмо од официјален бугарски службеник) за теророт на бугарската окупаторска власт против македонското население во Прилеп. Бугарскиот терор против Македонците, но и против припадниците на сите други народи во Македонија, продолжил така како што се засилувала вооружената борба за ослободување на Македонија. По војната добар дел од бугарските воени и полициски функционери биле уапсени од новата македонска власт, по што биле судени и осудени на заслужените казни. Добар дел од нивните сведоштва се собрани во книгата “Судењата како последен пораз” од авторот Јован Павловски (Скопје, 1984 г.) каде се објавени повеќе десетици автентични признанија на уапсените бугарски агенти и полициски и воени функционери, кои во детали ги опишуваат убиствата, мачењата и другите тортури што ги правеле врз Македонците за време на бугарската окупација. Би било добро потресните сведоштва од оваа книга да се прочитаат јавно пред членовите на Бугарската историска комисија, а воедно и да се испратат до бугарскиот политички врв. |