|
|
ОД ДНЕВНИКОТ НА ДРАГАН БОГДАНОВСКИ – Предупредување! (1) |
ОД ДНЕВНИКОТ НА ДРАГАН БОГДАНОВСКИ – Предупредување! (1) „ ... Во почетокот на 2021 година Задграничните Комитети нa ВМРО ДПМНЕ од Перт и Аделаиде беа информирани дека е пронајден Дневникот на Драган Богдановски и едногласно се согласија да бидат издавачи и финансиски да го овозможат печатењето на овој досега криен и необјавен Дневник. Дневникот на македонскиот маченик Драган Богдановски е последниот напишан документ за неговите страданија и мачеништво од страна на македонските, југословенски удбаши. Илјадници македонски патриоти беа прогонувани, репресирани и осудени на многу години затвор. На многумина до ден денешен не им се знае ни гробот, таа голема голгота на прогонство и затвор ја доживува и најпознатиот македонски политички дисидент, идеологот на ВМРО-ДПМНЕ Драган Богдановски. Благодарение на ЗК на ВМРО-ДПМНЕ од Перт и Аделаиде дневникот ќе биде само уште еден дел од историската борба и страдања на духовниот водач и основоположникот на ВМРО-ДПМНЕ Драган Богдановски.“ - Скопје, Проф. д-р Виолета Ачкоска 9 јуни 2021. Драган Богдановски (18.IX.1929 – 31.V/1998) е еден од најпознатите македонски политички емигранти по Втората светска војна и еден од основачите на ВМРО ДПМНЕ. Како еден од челниците на македонската патриотска емиграција, Богдановски бил следен и киднапиран од тогашната југословенска Управа за државна безбедност, позната како УДБА. Голготата која ќе ја доживее, тој ќе ја опише во својот дневник, кој со помош на ЗК на ВМРО ДПМНЕ од Перт и Аделаиде ќе стане достапен до јавноста. „Македонска нација“ ќе објави делови од овој дневник, во кои читателите ќе можат да се запознаат со страдањата на овој наш маченик.
„Во 1975 година, при една моја посета на Движењето за Ослободување и Обединување на Македонија (ДООМ) во Брисел-Белгија, од бугарскиот емигрант Миле Сираков, инаку оженет за Македонка од Крива Паланка, разбрав дека Службата за Државна Безбедност (СДБ) на Југославија од Скопје подготвувала мое киднапирање и илегално префрлување од некоја западноевропска земја во Југославија. Сираков како македонски зет се движеше во Брисел во средината на македонските емигранти и она што работеше емиграцијата за него не беше никаква тајна. Поради тоа, при една негова посета на Крива Паланка, бил контактиран од агентите на службата за државна безбедност, бил одведен на разговор во Републичкиот Секретаријат за Внатрешни работи во Скопје, т.е. во републичката СДБ или УДБА како што се вика со своето старо име. Сираков бил стар познаник и соработник на УДБА, во времето на Информбирото, тој како бугарски емигрант бил врбуван од СДБ и бил испраќан вооружен и со пропаганди материјали илегално преку граница во Бугарија, каде собирал податоци за југословенската разузнувачка служба. За таа своја работа Сираков бил убаво плаќан, а на УДБА и бил познат како човек лаком за пари. Затоа, СДБ пак се обидела да го ангажира да работи за неа за пари... СДБ знаела дек јас често наминував во Брисел и дека спијам во станот или во куќата на Сираков. За таа задача Сираков бил врбуван лично од началникот на Втората секција на СДБ, чиј домен на работа е борба против таканаречената “непријателска емиграција“. Началникот се викал Тошо Шкатров. “Ние знаеме – рекол Тошо Шкатров – дека при секое Драганово доаѓање во Брисел, тој спие кај тебе или во станот во градот или пак во куќата на село. Кај тебе тој се чуствува безбеден, ти има голема доверба. Ќе и направиш на Југославија голема услуга ако нѝ помогнеш да го земеме од кај тебе. Ние ги имаме простудирано локалните околности, нема да биде мачно да го земеме од кај тебе, особено од твојата куќа на село. А ти знаеш дека ние добро плаќаме. На многу лесен начин ќе заработиш 20.000 американски долари или еден милион белгиски франка. Ќе бидеш голем идиот ако не ја прифатиш понудата!“ По извесно размислување, Сираков одговорил: “Барајте од мене секаква друга услуга, но не и таа! Драгана го имаме во семејството како најсакан пријател, како свој човек и јас тоа нешто не можам да го сторам. Не можам да паднам толку ниско па да извршам предавство на сакан пријател за пари. За таа работа барајте си некој друг човек.“ По враќањето во Белгија, Сираков ми пушти писмо дека има нешто “многу важно“ да ми каже, нешто што се работело за мојата глава и ме покани што поскоро да дојдам кај него во Белгија. Бидејќи патот ме водеше низ Белгија свратив до него повеќе од лубопитство да слушнам што има да ми каже отколку за мојата глава. При средбата во неговиот стан во Брисел, Сираков во присуство на жена му и ќерка му нашироко и во детали ми раскажуваше за своите разговори со скопските удбаши особено за нивната намера намера да ме киднапираат и илегално префрлат во Југославија. Кога на ова место веќе го спомнав Сираков, нема да биде голема дигресија ако на читателите им кажам дополнително нешто за овој човек. Тој стана еден од најактивните шпиони на СДБ во Белгија, ги шпионираше Македонците и изведуваше провокации против нив на сметка на СДБ... За своето служење на СДБ Миле Сираков во пролета 1988 година доби југословенско државјанство иако е Бугарин а не Македонец. Сега има белгиска пензија и половината од годината живее во Крива Паланка, а другата половина во Белгија. Го мразам како југословенски шпион. По моето повторно доаѓање во емиграција Сираков е еден од ретките мои бивши пријатели на кој не сум му се јавил, Сепак тој спрема мене се покажа човек и вистински пријател со тоа што ме предупреди за намерата на СДБ да ме киднапира. Предупредувањето од Сираков само делумно го земав за сериозна опасност што ме дебне секој ден. Избегнував да спијам кај моите македонски пријатели и политички соборци, спиев најмногу по хотели, и ретко кај луѓе во кои бев сигурен дека нема да ме предадат. Не си ни замислував дека СДБ може да ме киднапира и по сред бел ден, како тоа што ќе ми се случи. Мојата политичка активност посветена на делото за Ослободување и Обединување на Македонија во Самостојна Македонска Држава со столица Солун беше причината за одлуката на УДБА де ме киднапира за да ја спречи мојата политичка дејност. 60-тите и 70-тите години на силен подем на Движењето за Ослободување и Обединување на Македонија (ДООМ) чиј претседател и главен идеолог бев јас. Во тие години ДООМ израсна во масовна Македонска политичка организација и стана политички фактор за кој мораа да водат сметка и трите балкански држави кои ја разделуваа и поробуваат Македонија: Југославија, Грција и Бугарија. Само во Австралија беа создадени осум поткомитети на ДООМ со неколку стотини организирани членови и со повеќе илјади симпатизери. Политиката на ДООМ беше прифатена од македонската национална емиграција, таа беше прифатена дури и од македонските црковни општини во Австралија, кои претставуваа најширока форма на македонското национално собирање организирање. Црковните управи на многу македонски црковни општини беа преминати во рацете на членовите на ДООМ, така да македонските црковни општини станале упоришта на ДООМ... Со парите од црковните општини ДООМ ја финансираше својата печатна и пропагандна дејност. За ова нешто знаеа удбашките централи во Белград и во Скопје и кроеа планови каков удар на ДООМ да му зададат за да го спречат неговото влијание среде македонската емиграција. Но влијанието на ДООМ не се ограничуваше само врз македонската емиграција, која само во Австралија, Америка и Канада брои повеќе од половина милион Македонци, туку тоа влијание се ширеше и среде македонските печалбари во западноевропските земји, кои на југословенскиот бирократски жаргон ги нарекуваат “работници на привремена работа во странство“. Придобивањето на македонските печалбари за идејата на ДООМ создаваше посебна грижа за југословенската политичка полиција СДБ, заради непрекинатите врски на печалбарите со татковината. Печалбарите патуваа на одмор во Македонија или дома кај своите семејства и со себе илегално го пренесуваа списанието “Македонска Нација“, органот на ДООМ, летки, книги, брошури и друг пропаганден материјал. Така идеологијата на ДООМ го пробиваше патот и во самата Република Македонија. Создадена во духот на татковинскиот идеал за слободна и обединета Македонија. Оваа идеологија со воодушевување беше прифатена од патриотите во нашата татковина Македонија. Неколкумина од пренесувачите на оваа револуционерна литература беа фатени во Република Македонија и беа осудени за ширење на „непријателска пропаганда“. Така македонските печалбари во Сојузна Република Германија Тодор Димитровски и Дончо Симјановски беа осудени на пет години затвор. И двајцата беа организирани членови на ДООМ. Но имаше и македонски печалбари кои не беа организирани во ДООМ, но на кои идеологијата на ДООМ им била мошне привлечна, па во бутките за странски весници во Германија каде што се продаваше и “Македонска Нација“, купиле десетици примероци од списанието и ги наполниле куферите. По враќањето во татковината тие го делеле списанието на своите пријатели, но биле откриени од УДБА и осудени на затвор од три до пет години... Кон крајот на 60-тите и почетокот на 70-тите години во македонската федерална република во Југославија или во Социјалистичка Република Македонија (СРМ), како што е викано официјално , се создаваа илегални групи, најчесто илегални тројки како внатрешни организации на ДООМ. Сите тие илегални групи се создаваа самоиницијативно, врз основа на идеологијата и политичката програма со која тие се запознале преку печатените изданија на ДООМ. Повеќето од овие групи немаа никаков контакт со надворешното раководство на ДООМ. Тие во духот на идеологијата и програмата на ДООМ работеа среде народот во Македонија, го популаризираа ДООМ. Една таква група, составена од скопски интелектуалци, во 1972 беше откриена и осудена. Групата дејствувала како централна или како Централен комитет на ДООМ за Вардарскиот дел на Македонија. Процесот на групата во Скопје беше јавен и судењето траеше со недели. Судската сала била преполна со заинтересирани наблудувачи, а режимските весници, особено “Вечер“ секојдневно пишуваше цели страници за процесот, поради кое, новинарот што известуваше од судската палата беше изгонет од работа. Бившиот капетан на Титовата авијација и директор на трговско претпријатие Костадин Диневски беше осуден на 6 години робија, новинарот и уредник на весникот “Просвета“ Панде Ефтимов на четири години робија, писателот и уредникот во издавачкото претпријатие “Култура“ Ѓорѓи Ордев на четири години робија. Процесот на овие врвни интелектуалци одекна снажно низ цела Македонија но и надвор од неа, тој покажа дека СРМ не е слободна и дека таа не се помирува со својата ропска положба. Тука заслужува да се спомне и процесот на прилепските младинци кој се одржа во 1981 година во Битола. Четворица младинци, на возраст од 17 до 21 година, преку весници кои им ги испраќал еден нивен пријател печалбар од Австралија, се запознале со идеологијата на ДООМ и ја усвоиле како своја. Тие создале илегална група на ДООМ и тајно дејствувале преку пишување на летки и пароли. Ноќта спротив Илинден тие во Прилеп на зградата на внатрешни работи, на комитетот на партијата, на општинското собрание и на други државни институции испишале пароли со големи букви: “Да живее ДООМ, да живее слободна и обединета Македонија“, “Долу Југославија, да живее Македонија“ и други слични пароли. Некој ги видел кога ги пишувале паролите и ги пријавил на власта. Иако само еден од нив бил полнолетен, сите поднеле тешки тортури во УДБА во Битола а на судењето малолетниците добиле по две години затвор, полнолетниот три години. На издржувањето на казните во Индризово имаа машко и јуначко држење, а такви си останаа и по излегувањето од затворот... Ги наведов овие податоци за внатрешното влијание за да може читателот да разбере зошто југословенската Служба за Државна Безбедност (СДБ) се одлучила на таков мафијашки чекор мене идеологот и претседателот на ДООМ да ме киднапира во една европска земја и илегално да ме префрли во Југославија. Второто предупредување дека СДБ на Југославија има намера да ме киднапира дојде во 1975 година и тоа од еден многу подоверлив извор, од една француска контраразузнувачка служба, чие име од оправдани причини, нема да го кажам. Оваа контраразузнувачка служба во својата работа меѓу другото го следела дејствувањето на југословенската тајна полиција среде емиграцијата од Југославија. По патишта, која таа не ги откри и за мене, разбрале дека СДБ потготвувала мое киднапирање од Париз. Бев предупреден да не одам, и пред се да не спијам кај двајца емигранти од Македонија во Париз. Поправо едниот беше политички емигрант и се викаше Кузман Мицевски, а другиот беше гастарбајтер и се викаше Сотир Патенаров. И двајцата истапуваа како македонски патриоти и работеа во рамките на ДООМ. И двајцата од подолго време на мене ми беа сомнителни дека се инфилтрирани удбашки агенти во нашето Движење. Во таа истата 1975 година, во станот на Сотир Патенаров затегнав еден мистериозен човек, кој по разговорот што го имав со него заклучив дека е некој удбаш дојден од Скопје. Тој ми беше преставен како татко на жената на Сотир иако за да и биде татко тој изгледаше премногу млад. Ми се престави како бивш борец на Демократската Армија на Грција (ДАГ) и дека поминал 8 години на грчкиот пустински остров Макронисус како осуденик на монархофашистичкиот грчки режим. Но кога јас намерно се обидов да разменам со него неколку грчки думи се покажа дека тој не знае ниту една грчка дума. За да се извлече од незгодната положба во која го ставив, ми рече на македонски дека тој толку страдал од Грците што се заколнал додека е жив нема да изусти ниту еден грчки збор. Подоцна кога јас издржував казна во Идризово се сретнав пак со овој човек, тогаш бев сослушуван и тортуриран од него повеќе пати. Тогаш разбрав дека се вика Наум Крстевски, дека е некој висок началник на УДБА. Заради мојата лична безбедност, Француската контраобевештајна служба ми советуваше при секое мое доаѓање во Париз веднаш да ѝ се јавувам на неа, за да добијам обезбедување. Јас тоа го правев двапати, но постојаното следење од “деверите“ во цивилна облека од Службата ми одеше на нерви, па престанав понатаму да ѝ се јавувам на Службата при моите нови навраќања во Париз. За оваа моја голема грешка платив со 11 години робија во Титовите казамати.“ Подготвил Тихомир Каранфилов: ОД ДНЕВНИКОТ НА ДРАГАН БОГДАНОВСКИ (продолжува наредна среда) |