Среда, 20 Октомври 2010   
Од мемоарите на Трифун Михаилов (17. дел)

Овие денови кај нас имаше дојдено еден новинар од Франција. Не знаеше ни Грчки, ни Македонски и не можевме да се разбереме, само викаше: Франсе?Франсе! Само не сликаше нас и авионите, еден ден дојде, а другиот ден си замина. На таа планина седевме три дена. Авионите доаѓаа секој ден, а ние само пукавме во нив. Еден ден се случи тоа што сите го посакувавме. Погодивме еден авион и тој зеде правец накај нив и таму негде се урна. Гледавме само чад. Сите многу се радувавме. Еден ден ни донесоа четири руски снајпери. Јас сите ги испробав, а само еден си бендисав, но не дојде ред да го употребам.

Третиот ден гледаме накај Вичо, целото небо гореше. Се јавивме долу во штабот и тие ни рекоа дека Вичо падна!!! Знаевме веднаш дека утре ќе стигнат тука, нас истото не чекаше. Вечерта ни се јавија од штабот да земеме се што можеме и да се спуштиме долу. Ние набрзина зедовме што зедовме и се спуштивме долу. Стигнавме кај штабот. Беа собрани сите партизани од околните ридови.

Василис Барџота ни држеше говор, тој лично ни кажа дека Вичо падна и дека сега ќе се повлечеме. Ама не кажа каде ќе се повлечеме. Се качи на коњот и си замина со своите курири.

Нас ни дадоа наредба да се качиме на планината Грамоста. А, да се качиме до горе ни требаше еден ден. Сабајлето рано тргнавме на долу кај куварите за да земеме нешто за јадење. Долу во трапот (клисура) куварите имаа наптавено казан манџа, макарони со месо. Секој како што поминуваше покрај казанот кој како можеше земаше од манџата, кој со раце кој имаше со вилушки, кој како знаеше. Зедовме набрзина и со трчање одевме нагоре за да ја фатиме Албанската граница.

Стигнавме до пола, а понатаму не можевме, зошто беше високо и далеку. Во меѓувреме стигнаа и авионите, а од другата страна бурандарите се појавија покрај границата.

Ние бевме малку и не можевме да ги спречиме, многу тешко ни беше, не можевме глава да кренеме. Не знаевме на кого попрво да пукаме. Авионите толку ниско летаа што дури ги гледавме како со раце ни фрлаат бомби! Тој ден беше пеколен, не можевме ни да бегаме, ни да пукаме. Местото беше голо и немаше каде да се криеме, камењата за авионите не претставуваа ништо. Тука многу борци загинаа. Вечерта на зајдисонце, дојде еден курир од главниот штаб и ни рече брго да идеме по него. Ранетите и мртвите да не ги носиме, бидејќи позади иде 18-та бригада и тие ќе ги земат ранетите. Трчајки нагоре по курирот, видов една девојка како стои покрај една патека. Кога се доближивме ја познав Ставрула, нашата извидувачка. Кога ме виде веднаш ме гушна и почна да плаче. Сакаше да дојде со нас, ама со нас беше забрането да водиме било кој освен ние што бевме. Јас и велам: Ставрула! Стој тука, позади иде нашата војска и со нив ќе си заминеш! Многу ми беше жал што ја оставив таму и до ден денес жалам што не ја зедов со нас. После тоа никогаш повеќе не се видовме, незнам дали остана жива или не. Така ние си заминавме, а таа остана да стои на тоа место каде што ја најдовме. Рано наутро стигнавме кај штабот. Тука почекавме да ни дадат малку храна и ни рекоа брзо да одиме на Албанската граница, да ја фатиме први ние границата, за да може нашата војска слободно да поминува. Ни дадоа по една конзерава со месо и ние тргнавме. Бевме четворица: Јас, Дони, Чапи и Иљо. Одевме низ една сува река, а авионите без престан само бомби пуштаа, борби се водеа на сите страни.

Одејќи така дојдоа два авиони, од големите. Ние ги викавме по грчки Вареладес, овие авиони фрлаа буриња по 200 литри со бензин. Завртеа еден круг, и едниот фрли дванаесет (12) бомби. Јас им велам на другарите: Овие не се за нас, не берете гајле! Ги пушти врз нас, додека паднат ќе отидат на друго место. И навистина така беше, паднаа далеку од нас. Арно ама другиот авион кога го видов каде ги испушта бомбите, јасно ми беше дека сите се наши! Тогаш им велам на другарите: Е сега скријте се добро! Овие сите се наши! А ги имаше петнаесет (15). Јас се сокрив под еден голем камен. Од тука се гледаше едно патче кое што водеше на кај Албанската граница. По патчето трчаа четири девојки и носеа носилка со ранет. Девојките сите носеа преку врат торбички со црвен крст. Како што трчаа јас ги гледав. Баш во тој момент падна една бомба дирекно на носилката врз ранетиот. Само партали се гледаа како летаат во воздух и парашина, ништо друго. Од што бев стаписан од глетката не ни приметив дека и до нас паѓаа бомби. Дојдов при себе кога слушнав како офкаат моите другари. Чапи се слушаше највише, на него му беше скршена ногата кај коленото. Дони беше ранет на задникот, Иљо на левата нога исто кај коленото, ама тие можеа да одат помалку. Чапи не можеше да се движи. Во тој момент почнав да викам дали има некоја медицинска сестра. Веднаш дојдоа две и им реков да го преврзат и да го префрлат на Албанската територија.

Ми рекоа да не берам гајле, тоа им било работа. Ние тројцата сватови (така си се викавме), тргнавме нагоре, а тие само офкаа. Јас им велев: А бре глупави ниедни! Нели ви реков да се скриете убаво, сите петнаесет бомби беа наши! Епа сега офкајте!

Одејки нагоре наидовме на еден магацин. Внатре имаше облека, јадење, оружје се. Влеговме внатре тројцата и си зедовме што си сакавме: леб, чоколади, мармалада, јас зедов два пара чевли, едни за мене едни за сестра ми. Цело време мислев на неа, дека ќе ја сретнам еден ден, па ќе и ги дадам чевлите.

Побрзавме да ги стигнеме нашите и да им помогнеме. Авионите цело време само пукаа со митралезите и фрлаа бомби. Кога се искачивме горе таму имаше многу ранети. Медицинските сестри само носеа ранети, ниеден не оставаа. Таму се боревме до зајдисонцето, тогаш авионите престануваа да пукаат и сите се повлекуваа, а ние се собиравме. Тогаш сите партизани што беа близу до границата се префрлија во Албанската територија.

А Грчката војска кога се здружија, од левата и од десната страна, почнаа да се радуваат, да слават  дека се ослободија од партизаните, не избркаа. Ние бевме околу триста четрсто метри оддалечени од нив и се ги гледавме. Имавме еден митралез германски и многу куршуми..

Му велам на Дони: Дони ајде стегни ги сите куршуми во нив, и така више нема да ни требаат! Тие почнаа да бегат, паника ги фати. После тоа и ние избегавме надолу по нашите, во Албанија.

Конечно на 24.08.1949 година, четири владини дивизии, четири пешадиски лесни полкови, пет полкови полска артилерија, една батерија против авионски топови, еден извиднички полк и речиси целата борбена авијација тргнаа против: пет бригади, неколку позициони единици, извесен број брдски топови, неколку против авионски и една батерија минофрлачи, како и делови од единаесеттата и десетата дивизија повлечени од Вичо.

По четири дена крвави борби, на 29 спроти 30 август 1949 година заврши епопејата на Грамос. Силите што се повлекоа во Албанија и Бугарија изнесуваа 18.000 борци. Најголемиот губитник е македонскиот народ даде безброј жртви, за потоа да биде раселен низ целиот свет.

Ние кога се спуштивме во албанската  територија бевме многу уморни и жедни. Идејќи така видовме една бразда течеше вода и веднаш со сватовите легнавме да се напиеме вода. Дојдоа едни двајца и почнаа да ни викаат да не пиеме вода. Погоре имало некој умрен во водата. Сиромашкиот бил тешко ранет, сакал да се напие вода и тука умрел. Малце погоре имаше едно изворче, па таму повторно се измивме и се напивме вода. Што подолу одевме имаше се повеќе партизани, се додека не стигнавме до едно место каде што се собраа сите партизани. Таму секој си ја бараше својата чета. Останавме цела ноќ, додека не се собраа останатите партизани. Другиот ден се собравме секој со својата чета. Нашиот командир почна да не бара и многу недостигаа. Околу десет часот почнаа да врват (се движат) сите бригади. Јас застанав на едно високо место на еден камен и ја викав сестра ми. На цел глас викав, а сите само погледнуваа горе. Само сестра ми ја немаше. Командирот почна да ми се кара зошто викам. Јас му реков: Ти повеќе не си ми командир, борбата ја загубивме и сега сме сите исти! Сите почнаа да се смејат.

Откога видов дека ја нема сестра ми, се вратив кај моите во нашата чета. Така одевме цел ден, а вода немаше ни капка. Па таа Албанија нема вода, ќе пукневме за вода! Барем кај нас имаше вода колку сакаш, а тука со километри пешачевме, а вода немаше ни капка. Така одејќи поминувавме покрај едно село. Во темнината на месечина мене ми светна малку како вода, како изворче... Како што бев жеден веднаш потрчав да се напијам вода. Само што легнав, се напив една голтка и веднаш разбрав дека нее вода! Погледнав од каде што доаѓаше водата и видов едно полско ве-це (нужник). Тоа беше... Се знае што истекува од нужникот. Другите што се напија повраќаа, плукаа им се згади и вода и се друго. Јас бидејќи сум тежок на повраќање, не повраќав само ми се згади. После тоа ставија еден чувар да стои таму и да не пушта никој да се напие од таа ,,вода,,.

Конечно стигнавме на одреденото место. Таму чекавме камиони да не земат. Таму ни беше најтешко, на сите! Затоа што добивме наредба да го предадеме оружјето. Ние бевме сите научени со оружје. И сега како без оружје? Тоа беше наредбата од главниот штаб на Д.А.Г. Кога почнавме да го фрламе оружјето, некои партизани плачеа, и мене ми беше многу жал за мојот автомат и за пиштолот. Имав и еден нож, руски, тој беше специјален за извидувачите. Кога го фрлав се забодуваше длабоко во дрво!

По некое време стигнаа камионите Татра. По ред се качуваа и си заминуваа на одреденото место. Мене со мојата чета не однесоа во местото кое се викаше Бурели. Имаше две бараки и спиевме кој каде сака. Ние со сватовите си направивме една колиба и таму спиевме. Покрај  логорот имаше една река како Радика бистра, имаше и ливада. Таму ние игравме фудбал, трчавме, скокавме. Во реката се бањавме, се перевме. Ама таа река однесе два живота! Имаше големи вирови и некои што не знаеа добро да пливаат ги повлекла водата. Јас не влегував длабоко, бидејќи незнам да пливам.

Секоја вечер имаше игранки. Една вечер дојде еден курир од Елбасан и ме побара мене. Се зачудив, што е работава сега од кого писмо? Курирот не го познавав и незнаев од кого би можело да биде писмото. Кога го отворив видов дека е од сестра ми! Многу се израдував. Во писмото сестра ми ми бараше  дозвола да се омажи за некој што го сака. Се викал Апостоли и многу бил добар... Сестра ми ме прашувала како постар брат дали ќе и дозволам да се земат. Јас и напишав писмо во кое и дозволив да се земат, чим го сакаш можеш да го земеш! (и напишав). После тоа не се видовме и не се слушнавме.

Негде во средина на октомври ни рекоа да се собереме на една ливада за да ни кажат нешто. Кога се собравме, дојдоа едни двајца представници на Д.А.Г. и ни држеа говор.

-Другари и другарки! Ние борбата, како што знаете ја изгубивме! Сега ќе треба да одиме во други држави, привремено, па понатаму ќе видиме!

По неколку дена го донесоа Паскал Паскалевски. Јас него лично го знаев. Не викнаа да присуствуваме на неговото судење, во една барака, имаше и една жена мислам дека се викаше Вера. Грците држеа говор како Паскал е шпион на Д.А.Г. сите грци беа, па по некој македонец ќе се вмешаше. Сите викаа и ги плукаа. Всушност тој се бореше за македонските права, ама тогаш така беше, што ќе речат главните така е! И не знам што му пресудеа. Од тогаш јас не го видов, ниту слушнав за него.

По неколку дена ни рекоа да земеме што ние потребно и да застанеме во строј. Ни рекоа дека ќе дојдат камиони и ќе не однесат во Елбасан. По некое време слушнавме како бучат камионите. Татрите дојдоа да не однесат уште подалеку од нашите родни домови! Се качувавме по ред прва чета, втора чета и дојде ред и на нас со сватовите. Тешко ни беше, не носеа ваму таму, а сега сигурно и уште подалеку.

Патувавме со камионите цела ноќ и сабајлето рано стигнавме на море, на едно пристаниште. Почнаа да се качуваат сите, дојде ред и на нас. Се разденуваше и јас тогаш видов дека се качуваме во еден огромен руски брод. Кога се искачивме на бродот почнаа да не тераат да се спуштаме долу под палубата. Мене ми текна дека ќе не симнат скроз долу и таму не ќе можам да дишам. И како што слегуваа по скалите сите надолу, јас се качував нагоре. Им викав дека заборавив нешто, морам да се вратам. Со мене ги повлеков и сватовите. Дони и Иљо ме послушаа и дојдоа со мене. Кога не видоа командирите почнаа да викаат по нас да слеземе долу. Јас повторно им реков:

Ми беше командир, сега ништо не си ми! Разбра? Тој беше грк и многу се изнервира, почна да вика. Ама јас не го фермав ич, знаев дека ништо не ми може. Во тој момент, додека се каравме, дојдоа два руски офицери. Викаа -Кто понимает по руски? Јас веднаш се јавив дека разбирам руски. Навистина по нешто разбирав. Тие ми рекоа - Молодец!

После ми дадоа клучеви од една цистерна со пресна вода и ми рекоа да им давам вода на сите што им се пие. Јас му реков на руски: Хорошо! (Добро).

Командирот грк што се караше со мене, се чудеше: Од каде знаеш ти руски? - Епа знам! Му реков. Тој немаше што да каже и си слезе долу, а ние со сватовите останавме горе кај вратата од палубата. Тука повеќе имаше воздух, можевма да дишеме нормално. Вода имаше колку што сакавме, јадење имаше. Тие кутрите што беа долу немаа воздух, нужда вршеа во кофи и се тепаа кој да ги изнесе кофите на палубата, за да ги фати малку воздух.

Еднаш рековме ние да однсеме некоја кофа на палубата и таму имаше едно црево, течеше вода. Јас си велам да се напијам тазе вода, се наведнав да се напијам, а таа солена, морска. Ама не направив никаква гримаса и му велам на Дони: Дони! Оди напиј се малку вода! Тој кога се напи, почна да плука, да кашла: -Зошто не ми кажа дека е

солена? - Ако ти кажев, ти немаше да се напиеш, а јас се напив! Вака двајцата се напивме!

После долго пловење стигнавме во Турција, на Дарданели. Русите не затворија скроз долу и ни рекоа да не разговараме. Тие во документите не имаа заведено како пченица. Штом ги поминавме Дарданелите, излеговме на Црното Море и ни рекоа: Сега сте слободни! Ни отворија за да излеземе малку надвор, на палуба. Целата палуба се наполни со народ. Имаше двајца умрени, нив ги завиткаа во кебиња и ги фрлија во море.

Делфини скоро секој ден имаше покрај бродот, скокаа покрај бродот, како да се радуваа дека сме слободни, дека нема повеќе да гинеме за ништо!

Не знам колку дена пловевме, кога стигнавме во едно пристаниште. Потоа со воз  во Азербајџан, во градот Баку. Од таму пак со брод стигнавме до некое место, не се секавам како се викаше. Таму сите слеговме и не однесоа во едни сали. Таму на сите ни направија систематски преглед (кливано). На сите ни рекоа да се соблечеме голи. Дојдоа едни млади девојки и ни ги зедоа алиштата за да ги исперат и да ги дезинфецираат од вошките. Не викаа по име сите по ред и ние влегувавме во една сала. Во салата беа само млади девојки, медицински сестри. Нас ни беше срам од младите девојки, а тие не прскаа со нешто против вошки. Од таму продолжувавме во друга сала. Таму не прегледуваа лекари не слушаа, после одевме во друг салон и таму не читаа по име и презиме и ни ги даваа алиштата топли, здиплени. Се облековме и излеговме надвор. Мене ме болеше стомакот, имав пролив, а ми беше срам да прашам каде има тоалет. Трчав во вагоните за да најдам клозет, а во тоа време нашиот воз тргна. Кога се симнав од вагонот на перон, видов уште неколку души партизани како стојат на перонот. Веројатно и тие имале мака како мене.

Арно ама, нас не прателе, гледале кој каде оди и што прави за случајно да не избега или не се изгуби некој. Се собравме околу осум души на перонот. Дојдоа два руски офицери, со нив имаше и еден шофер со еден голем џип. Ни рекоа да влеземе во џипот побрзо за да го стигнеме возот на другата станица. Кога го стигнавме возот на другата станица, слеговме и имаше што да видиме! Сите партизани (т.е. кој сакаше) си земаа каков сакаа музички инструмент! Јас си велам, зошто и јас да не си земам. Отидов и си зедов една италјанска хармоника црвена Травијата. Така цело време додека патувавме си свиревме во возот.

На една станица кога застана возот, сите излеговме  да се прошетаме малку. Во градот имаше знамиња, луѓето си празнуваа. Тоа беше седми ноември, ден над победата на револуцијата.

Како што се шетавме дојдовме до едно место каде што многу луѓе играа и пееа. Една жена почна да вика еве го син ми, и покажуваше на кај мене. Јас се завртев мислејќи дека позади мене има некој. Меѓутоа, жената викаше по мене, не се сеќавам какво име ми даде. Го викна и мажот и. Тој исто така викаше: Сине мој! Сине мој!

Јас им велев дека не сум им син, но тие почнаа да плачат, оттрчаа дома и ми донесоа полна торба со јадење и едно шише вотка. Ми ја дадоа торбата и во тој момент возот тргна и тие со плачење ме испратија. Ми беше жал за нив, кој знае што се случило со нивниот вистински син?

Патувавме долго време, со денови. Кога поминувавме низ пустина, ги гледавме камилите и се чудевме какви ли се овие животни??? Ние до тогаш немавме видено камили!

Стигнавме во Узбекистан, во главниот град Ташкент. Пола од партизаните се симнаа на таа станица, а другите продолживме понатаму. Стигнавме во едно помало гратче, се викаше Чирчик. Таму имаше направено бараки специално за нас. Се сместивме секој со својата чета, пак како во војска. По некое време ни дадоа цивилна облека и топли бунди. Тие мислеа дека ни студи, ама ние бевме научени на ладно.

Еден ден ние сватовите, јас, Иљо и Дони, решивме да одиме во град. Се спремивме излеговме и не виде еден мајор што беше задолжен за нас партизаните. Не праша каде ќе одиме вака без капи, мора да носиме капа, затоа што е ладно. Не не пушташе додека не си ставиме капи. Ние се вративме, а тој не чекаше пред врата за да види дали ќе ги ставиме капите. Ние излеговме со капи, тој задоволен си отиде. Ние само што завртевме позади еден ѕид си ги фрливме капите. На нас не ни студеше, имавме сите густи и виткани коси и ни беше топло, а и не бевме навикнати со капи. Ние одевме само до едно место и се враќавме, бидејќи на го знаевме местото. Гратчето беше мало, ама долго. Кога видоа дека сите партизани излегуваат во град, почнаа да ни забрануваат, ама никој не ги слушаше. После тоа направија состанок, да решат што да прават. Решиле да стават пред секоја барака чувар пред врата. До десет саат сите да се приберат во бараките и да се во кревет. И така им бегавме, преку прозори. Почнаа да не прозиваат во десет часот навечер за да видат кој е во кревет, а кој не е и наутро ги викаа на рапорт. Едно утро ги прозиваа партизаните на рапорт и им викаа зошто се враќаат толку касно. Но, партизаните почнаа да се бунат: Доста не командувате! Не сме во војска, доста беше!!!

Еден ден беше истепан еден чувар и така се откажаа од стражарење пред нашите врати. Една вечер јас со еден мој другар Вангел, решивме да одиме во град, светлата гореа беше веќе касно. Одејќи по улиците, јас како извидувач, само гледав околу за да забележувам нешто за да можам да се ориентирам, за после да се вратиме. Едно време приметив дека двајца војници не следат. Влеговме во една продавница, а тие по нас. Сите нас не гледаа дека се разликувавме од другите, носевме понекогаш и наши униформи, капи не носевме и веднаш паѓавме во очи. Му реков на Вангел дека не следат и дека треба да се вратиме. По истиот пат се вративме во бараките.

Така помина скоро цела година. После тоа почнаа да не ставаат да работиме. Мене ме ставија да работам во железара. Во почетокот сите бевме како ученици се учевме. Јас работев на едни калапи што се правеа со земја. Работата беше лесна и веднаш ја научив. Имаше и поголеми калапи за локомотиви за возови. По некое време ме ставија на тие големи калапи. И тоа го научив многу брзо, работев брзо без грешки, станав мајстор. Ми даваа најсложени работи јас да ги правам. Еден ден донесоа калапи за бомби и ме ставија прво јас да ги правам. Ги направив супер без грешка.

Со сестра ми Вангелија незнаев што се случи, после писмото што и го испратив, дали остана жива или не незнам. Но, таа слушнала дека сум во Чирчик, разбрала некако. Заедно со мажот и тргнале сабајлето, им кажале само по патот и ќе стигнете. Стигнале навечер во нашите  бараки. Автобуси имало, но пари немале, ама и посигурни биле кога оделе пешки. Се распрашале во која барака сум и ме нашле. Таа вечер јас бев пијан. Прво дојде сестра ми и почнала да ми зборува. Јас пијан и реков дека јас немам сестра, таа е убиена во Грција и ја избркав. Таа кутрата со плачење излегла кај Апостоли и му се пожалела. Тој рекол: Чекај! Сега јас ќе влезам! Влегол во собата и почнал да ми зборува: Шура!Стани, јас сум ти зет! Апостоли! Сестра ти те чека надвор! Јас веднаш се отрезнив, станав и гледам непознат човек. После влезе и сестра ми. Се гушнавме, плачевме, се радувавме што повторно се гледаме, дека сме живи и здрави. Се запознав со зетот поседевме, поразговаравме и сабајлето ги испратив со автобус. Тогаш јас имав пари, нас не плаќаа кај што работевме.

Скоро цела плата одеше за во менза, само малку ни остануваше за цигари или за некои ситници. Еден ден отидовме во градот и поминавме покрај еден стадион. Таму се одржуваше некој натпревар, меѓу другото фрлаа и бомба. Јас кога ги видов како фрлаат, си викам јас овие сите ќе ги победам. Бомбата падна блиску до нас, јас им велам да се тргнат настрана за да не ги удрам. Тие почнаа да се смејат, мислеа дека не можам да дофрлам до таму. Ја зедов бомбата и ја фрлив преку нив! Јас многу далеку фрлав, во партизани им бев како минофрлач, толку далеку што фрлав. Кога ме видоа како фрлам, веднаш дојдоа да ме викнат да дојдам во нивната екипа.

Еден ден видов како влегуваат на едно место многу момци (млади). Им реков на сватовите да влеземе и ние. Кога влеговме внатре тоа беше спортска сала, на средина имаше поставено ринг. Имаше многу спортисти кои вежбаа, тренираа бокс. Имаше обесено вреќи со пилевина, отидов до една вреќа и почнав да удирам. Прашав еден спортист кој е тренерот? Го викнаа човекот и се запознавме. Тој се викаше Сергеј, а јас му велам се викам Трифун. Така се запознавме, му реков дека сакам да тренирам. Од другиот ден почнав да тренирам бокс. После петнаесет дена почнав да боксувам со ракавици. Имав борби со боксери од секакви категории. Бев добар ученик и тренерот многу ме сакаше,  беше задоволен од мене. Тренирав две години. Кога почнав да тренирам бокс, во тоа време пушев. Еднаш ме виде тренерот како палам цигара и ми рече: Ако сакаш да бидеш добар, нетреба да пушиш! Јас му ветив дека од утре нема да пушам.

Другиот ден кога отидов на работа им реков на другарите да ми ги земат цигарите, бидејќи повеќе нема да пушам. Тие ми се смееа и не ми веруваа.

Ручавме добро, имаше добра храна. Излеговме надвор, а јас само се вртев натаму наваму, незнаев што сакам. Отидов да се напијам вода, не ми се пие. Незнаев што ми фали. Сватовите само ми викаа: Абре запали една! И ми се смееа, но јас бев упорен. Кога пушеа ми дуваа во устата и јас го голтав димот. Но, на крај се откажав. Зошто една цигара мене да ме заповела? Кога можам јас неа! Од тогаш па се до денес јас не пушам и се чувствувам многу подобро!

Во 1951 година се одржуваше Спартакијада во главниот град Ташкент, само за партизаните. Јас учествував во сите дисциплини: скок во далечина, трчање на 200 метри, трчање на 400 метри, фрлање бомба и штафета 400 метри. Кога завршија сите дисциплини, остана уште фрлање на бомба. Ги гледав кој колку фрла и им велам на другарите: Досега сите што фрлија, јас ќе ги победам! Дојде ред да ме прозиваат мене. Отидов на борилиштето и ги слушав моите другари како навиваа за мене. Јас само ја подигнав раката за да ги поздравам и си одбрав една бомба. Зедов малце ,,мегдан,, (залет) и кога ја фрлив.... Леташе, леташе, ми беше страв да не падне во реката! Имавме по три обида, три пати фрлавме. Ми измерија 56 метри и неколку сантиметри не се сеќавам точно. Околу 57 метри! Ги победив сите. Бев прв! Кога дојде ред за наградување, ме прозваа мене и јас отидов кај трибината каде што седеа најголемите. Функционерите, од тогашната управа на Узбекистан. Застанав пред скалите и почна цел оркестар да свири туш! Јас со трчање се искачив на скалите, многу бев возбуден и радосен дека сум прв. Ми дадоа две книги за другарот Сталин. Едната беше ,,Сите нардби на Сталин,, содржината беше за борбата со наредби за војната, другата се викаше ,,Цел живот на другарот Сталин,,.

Во Чирчик останав да живеам четири години, после тоа самоволно го напуштив градчето и отидов во Ташкент да живеам со мојата сестра Вангелија и зетот Апостоли. Живеевме во 1 градче, така се викаа тие населби со бараки кај што беа сместени партизаните.

Во почетокот бев без работа после тоа се вработив во една фабрика каде што везевме на машини. Везевме секакви кошули завеси и др. По некое време фабриката се затвори, директорката многу крадеше и фабриката ја затворија. После оваа работа отидов да работам со гипс. Правевме секакви украси за згради. Таму работев околу четири години. По таа работа отидов да работам како молер. И таа работа се заврши, бидејќи била скапа, Хрушчов ја забрани не ни даваа да работиме. Не ми беше баш јасно зошто, ама тоа е!

На дочек на Новата 1955 година се запознав со мојата сегашна сопруга Људмила. Во 1956 стапивме во брак. Сопругата имаше тогаш завршено техничко школо за шнајдери отсек машка конфекција. Но, бидејќи по фабриките се работеше во три смени, таа се одлучи да работи со мене на градежно. Во бракот ни се родија четири деца. Најстарата ќерка Елена, син Роберт, средна ќерка Марина и најмалата Тома.

Во 1965 година многу од партизаните се решија да се вратат назат во Грција или кој каде има некои роднини. Јас сакав да се вратам дома во моето село Гугово. Таму ми беа сестра ми и мајка ми. За постариот брат Петре се распрашав преку црвен крст и разбрав дека е жив, дека е оженет со македонка и дека е во Романија. Поднесов документи, се што требаше и ги испратив за Грција. Долго чекав одговор. Одговорот беше негативен, не ме примаа назат. Мајка ми во едно писмо ми напиша дека била во Атина да праша дали ќе може синот да се врати? Кога отишла кај главниот за тие прашања, тој и извадил една голема книга,  ја отворил, и и рекол: Мажот ти се викаше Томе?- Да! Рекла мајка ми. - Синот ти се вика Трифун?-Да! Му рекла мајка ми. Епа тие тука во книгава се запишани со црвено пенкало, назат во Грција нема да дојде син ти!!! Мајка ми излегла од канцеларијата и седнала веднаш до вратата и почнала да плаче. Еден човек, роден од мајка и од господ, подзастанал покрај неа и погледнал лево, десно да не го види некој и и рекол: Бабо! Стани одиси од нив нечекај ништо добро!

Отишла мајка ми дома и со постарата сестра размислувале како да оди мајка ми во Ташкент да ме види. Пари намале, но сепак решиле да собираат за да дојде мајка ми да ме види. Со брод дошла до Одеса, па со авион во Ташкент. Заедно со мајка ми имаше уште една жена која што идеше да си го види синот! А, со синот и нејзин ние бевме пријатели и тој ми кажа дека ќе дојдат со авион. И така заедно сите се собравме да ги чекаме на аеродром. Јас бев со мојата фамилија и сестра ми Вангелија беше со нејзината фамилија. Авионот стигна касно навечер, во десет часот. Почнаа да излегуват патниците и мене срцето  од возбуда ми лупаше толку силно што мислев дека ќе ми излезе. Излезе и мајка ми и веднаш уште горе на скалите почна да вика: Трифун! Трифун! Ги креваше рацете горе и викаше. Кога дојде до нас само викаше: Невесто! Вангелија! Трифун!, сирота незнаеше што да прави, сите плачевме се радувавме и само се гушкавме.

Мајка ми остана кај нас десет месеци. За тоа време ни раскажуваше како живееле во селото после војната.

 

 

Кажуваше како ја малтретирале фашистите. Еднаш дошле ноќе и ја одвеле во шумата, таа паднала во една дупка со капини и не можела да излезе, а тие само и се смееле. Еден од нив и подал рака и ја извадил. Ја пуштиле сама да си оди дома ноќе, стара жена. И било страв, ама немало што да прави. Скоро секоја вечер доаѓале и им тропале на вратите и прозорците. Кучињата им ги тепале за да можат да се доближат до куќата. На пазар во Воден не им дозволувале да одат. Па така им давале пари на комшиите за да им купат сол, сапун или јајца. За шеќер пари немале. Биле како затвореници во сопствениот дом! Сето тоа мајка ми ми го кажуваше кога беше кај нас во Ташкент. Кога си одеше, јас ја испратив до Одеса. Се качи на бродот и ја испратив. Тоа беше 1966 година за последен пат кога се видовме. Во 1969 година почина извикувајќи го моето име, само мене ме барала да ме види! Тоа ми го кажуваше сестра ми Марија кога дојде во Дебар.

 

 

Се решив да пратам повторно документи за во Бугарија, барем поблиску да бидам до моето родно место. Во исто време пратив документи и за во Македонија. Од Бугарија за еден месец ни стигна одговор. Во документите се убаво пишуваше, го опишуваа Пловдив како убав град, но на крај го напишаа најважното. Услов да се напишам БУГАРИН!  Јас не се согласив да станам бугарин.

Остана уште да чекам одговор од Македонија. Дојде и од таму одговор, да се живее во Дебар. Јас пак не бев задоволен. Да ја чувам границата со Албанија? Несакав! Арно ама на нас ни се здосади да чекаме, бевме решени со жената да си одиме од Русија. Направивме документи за во Југославија, да одиме на одмор. Да видиме како се живее во Македонија.

Првиот пат бев во 1967 година, со сетра ми Вангелија и со малата ќерка Марина. За неа не требаше да се плаќа карта и ја зедовме неа со нас. Ми се виде животот добар, поевтин него ли во Русија.

Вториот пат отидовме другата година 1968, со сопругата заедно и пак со нас беше Марина. Таа тогаш имаше пет и пол години. Сакав да види и жена ми како се живее во Македонија за да се одлучи дали ќе сака да живее во друга држава. Сепак таа е русинка! На неа и се допадна, ама јас не сакав во Дебар. Но жена ми се согласи.

Дојдовме во Македонија во 1972 година, за да бидам поблиску до Грција, со надеж дека некогаш ќе ме пуштат да одам дома, да се видам со моите роднини.

По неколку години се решив да одам во грчката амбасада, да подадам документи да ме пуштат во Грција.

Чекав осум месеци за да добијам одговор. Кога отидов во амбасадата, прво ме прашаа како се викам, јас им кажав: Михаилов Трифун! А тие веднаш ми одговорија: А татко ти како се вика, Томе ??? - Да! Им реков јас.

Епа илјада молби да правиш, нема да одиш во Грција!!! Рече тој што работеше таму. Во тој момент мислев дека крвта ми се следи во вените. Стоев како вкопан на местото, незнаев што да речам и што да правам. Слушав само печатите како се ставаат на мојот пасош. Побарав да одам кај главниот, што е одговорен за визите. Не ме пуштија, ми рекоа да си одам инаку ќе ми викнеа полиција. Си заминав разочаран за Дебар.

Во Дебар ни дадоа трособен стан, ме вработеа во Х.Ц. Шпиље како чувар. Работев неколку години и отидов во пензија. Една година дојде во Дебар мојата најстара сестра Марија, беше кај нас на гости. А јас не можев да отидам кај нив. Инаку во Дебар одам на лов и риболов, се снајдовме добро живееме скромно. Помагам во црквите во Дебар, ја чукам камбаната наутро и други работи во црквата. Пензија имам добра, жена ми работеше по струката како шнајдерка, пари имавме доволно. Тешко ни беше во почетокот додека ги школувавме децата.

Инаку сите деца ни завршија школо, сите се мажени и женети. Мислам дека добро ги воспитавме, ги изведовме на прав пат сами со жената. Таа кутрата никој нема тука, сите останаа во Русија, јас барем имам сестра, беше тука и брат ми Петре. После почина беше болен, па имам внук од него Ристо. Сепак имам некој роднина, ама таа апсолутно никој нема освен мене и сега фамилиите на децата. Јазик не знаеше, никого не познаваше.

Во 1998 година, кога имаше средба на децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија и јас бев таму. Се видов со доста пријатели. Таа година се решив повторно да подадам документи да одам во Грција. Бидејќи тогаш слушавме по телевизија дека многу од егејците веќе биле во Грција. Ги подадов документите и по некое време ми се јавија дека визата е готова. Јас не можев да поверувам. Другиот ден веднаш отидов за Скопје, ама тој ден немало прием за егејците. Јас стоев надвор кај грчката амбасада, а тој ден врнеше. Видов еден човек како влегува во една врата. Влегов и јас. Еден таму што работеше ми рече на грчки дека не смеам да влегувам, оти нема прием Јас исто така му се обратив на грчки. Кога виде дека знам грчки ме праша зошто сум дојден. Му реков дека дојдов по визата, визата ми е готова треба да ја земам ако може да ми ја најде и да ми ја донесе. Му реков дека сум од Дебар и ќе треба да се вратам денес. Тој веднаш отиде и ми ја донесе! Јас ја држев во раце и не можев да поверувам дека тоа е тоа, со ова парче хартија ќе можам да одам ДОМА!

Го прашувам: Со ова можам да одам во Грција? Нема да ме вратат на граница? Тој само се насмеа и ми рече дека слободно можам да одам.

Овој пат се вратив во Дебар радосен, среќен! И кажувам на жена ми, а сам не можам да поверувам дека после 52 години можам да одам во Грција. Дојде денот кога решивме да одиме во Грција. Со најстарата ќерка Елена и со зетот Миле со нивната кола тргнавме во Грција, се разбира и  мојата жена беше со мене. Кога стигнавме на граница, зетот ги зеде сите документи со визите и му ги даде на еден полицаец. Мене срцето почна да ми чука побрзо! Му рече на зетот јас да излезам од колата и да одам со него. Мене ми се пресекоа нозете, мислев дека ќе ме врати назат. Влегуваше од една во друга канцеларија, а јас го чекав нестрпливо. Почна да ме прашува по грчки од каде сум, од каде знам грчки? Јас му велам дека сум роден во грција и знам грчки. Каде одиш? Ме праша. Му реков дека имам таму роднини, па одам да се видам со нив, а со умот си велам -Удри го веќе еднаш печатот што ме гледаш така, па дај да си одиме!

Неизвесноста беше за мене мачна и како да ме слушна, го удри печатот! Кога го зедов пасошот во свои раце, почнав да играм оро од радост, сеуште не ми се веруваше дека ќе стапнам на грчката територија, а камоли да одам во моето село. Кога влеговме на грчката територија јас ништо не можев да препознам. Се беше сменето, поинаку. Полека стигнувавме кај моето село, јас пак не можев ништо да препознам, а толку пати сум поминал по овие места, толку пати сум се борел тука...

Стигнавме близу моето село и само гледавме некој знак или табла каде што пишува нешто за Гугово (сега по грчки Врита). Жена ми забележа некоја табла што ја поминавме, се вративме малку и навистина беше патоказ за моето село. Тргнавме по тој пат и кога ја поминавме пругата мене ми текна колку пати таму сум поминал и колку пати сме воделе борба на таа пруга. Значи одиме по патот што води до моето село. Но, јас пак не можам ништо да препознам! Под селото имаше поле, ниви, а сега има езеро. Застанавме на едно место да се одмориме, а мене сите планини и ридчиња ми изгледаа пониски, помали.

Тргнавме повторно. Зетот возеше полека за да се сетам на нешто, да ми биде познато. Од десната страна видов манастир, тоа беше нашиот манастир Свети Ѓорѓи и тогаш поверував дека одиме во моето село.

Стигнавме близо селото, на ова место не фати полицијата со брат ми Петре. Имаше еден пат над селото, а другиот водеше надолу во селото. Му реков на зетот да вози по долниот пат. Таму имаше една голема куќа и стоеше еден човек, си работеше нешто. Застанавме. Излегов да го прашам човекот дали го познава и како да го најдам Ристо Дану. Отидов кај човекот и му реков на грчки -Добро утро! Ми одговори исто така на грчки. Го прашав дали знае македонски? Тој одговори- Па јас сум македонец! Го прашувам дали го познава човекот што го бараме. Тој вели Јас сум Ристо! Јас го гушнав и почнав да плачам. Тој ми вели: Кажи ми кој си ти и јас да плачам?! Кога му реков кој сум и тој почна да плаче. Долго се гушкавме и плачевме.

После тргнавме по него, тој возеше трактор, а ние со колата по него. Ристо ми беше зет за братучетка и така всушност си го запознав зетот. Кога стигнавме кај куќата, Ристо викна: Ангилики! Дојди ваму, дојдоа едни цигани да ти продадат некои евтини теписони. И го слушнав гласот како вика од дома: Имам, не ми требаат! Ристо повторно викна: Дојди, дојди! Ме гледа, ама не може да ме препознае. Јас и викнав - Ангилики, јас сум Трифун! Пак се изнаплакавме, сите се запознавме, со мојата жена со ќерката и со зетот. По некој сат се расчу низ селото дека дојде Трифун, почнаа да доаѓаат да се видиме.

На другиот ден со жена ми почнавме да се шетаме низ селото и околу селото. Но, јас ништо не можев да препознам, да се сетам. Сите куќи беа нови, големи, а јас се сеќавам како било пред 52 години!

Отидов на местото каде што беше мојата куќа. Мојата куќа веќе не постоеше, на нејзино место стоеше нова голема куќа! Во тој момент ми падна многу тешко што ја нема мојата куќа каде што сум се родил и каде сум пораснал. Срцето почна да ми лупа силно. Јас плачев, земав камења од земјата ги бакнував и плачев. Плачев за мајка ми, за татко ми, за постарата сестра што ги оставив тука... Се беше поинаку и скоро ништо не ме потсетуваше на тоа што мене ми остана во секавањето. Мислам дека само камењата останаа исти.

Кога поминував низ селото, никој не ме познаваше. Така останавме цел месец кај мојата братучетка. Во селото сите не викаа или на ручек или на вечера, сите сакаа да ме видат. Имаше и плачење и смеење. Имам многу роднини подалечни, ама сите скоро се помлади и никој скоро не ме знае, само од зборење, дедото или бабата им кажувала за ТРИФУН.

Еден ден бевме во Солун, неколку пати бевме во Воден и така помина моето прво одење во Грција. Се вративме во Дебар и си продолживме по старо, но сега некако ми беше полесно на душата. Сепак бев на гробот на моите родители и на гробот на сестра ми и одлучив другиот пат кога ќе одам ке им направам споменик. И така беше. Им направив споменик каков што заслужија да имаат еден борец за македонија и една малтретирана сопруга и  мајка!

Крај

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.