|
|
Искажувања на македонските учители во Пиринска Македонија (5) |
НАСЕЛЕНИЕ СО ВИСОКА МАКЕДОНСКА НАИОНАЛНА СВЕСТ
- За Пиринска Македонија заминав со првата група која броеше 50-мина учители од НР Македонија. Во Горна Џумаја ни беше приреден величенствен пречек кој се приредува на луѓе кои долго, многу долго биле очекувани во таа средина, -вели Љубинка Граматикова, сега Петкова. По импресивните свечености што ни беа приредени во Горна Џумаја, јас заминав за Светиврачко, во селото Горна Белица. Ова село се наоѓа на едно возвиешение, а во тоа време броеше околу 300 куќи. Во седмолетката во којашто предавав македонски литературен јазик и македонска национална историја имаше близу 300 ученици. Директорот на училиштето беше од Горна Белица, мошне добар македонски патриот. Поголемиот број на учителите, исто така, беа Македонци, но имаше некои учители од Северна Бугарија. Во оваа седмолетка беше навистина прекрасно да се работи. Имав работа со ученици коишто беа толку многу внимателни на предавањата, ученици кои со невиден ентузијазам беа посветени на се што беше поврзано со изучувањето на македонски литературен јазик и македонска национална историја. Како да сакаа што побрзо да ги “истресат” од себе влијанијата на големобугарската пропаганда. Тие многу се радуваа на можноста да се наобразуваат на својот мајчин јазик зашто никогаш не помислуваа дека некој, некогаш врз нив ќе врши насилство да се декларираат она што, всушност, не беа и не можат да бидат. Присоединувањето на Пиринска Македонија кон НР Македонија за нив и за нивните родители, како и за пиринските Македонци беше, речиси, остварена мечта... Јас, како и моите колешки и колеги, бевме многу млади, можам да речам и недоволно искусни. Но, нашата готовност и желбата успешно да ја извршиме мисијата, вродуваа плодови. Ако населението и учениците не ја имаа онаа високо изразена македонска национална свест и гордост, можеби немаше толку успешно да ги извршуваме доверените задачи. Но, тие со нивната желба да го присвојат своето и да не дозволуваат во тоа никој да им попречи, го распламтуваа нашиот ентузијазам. Насекаде каде што ќе се најдевме, ние бевме удостојувани, помагани и најискрено сакани и ценети учители. Тоа ги лутеше учителите – Бугари, но, тие остануваа немоќни пред љубовта и волјата на населението и учениците. И мојата активност, како и активноста на другите мои колешки и колеги, не завршуваше во училиштето. Јас, заедно со моите колеги од Пиринска Македонија, често организиравме приредби, таканаречени “македонски вечери”. На тие приредби ечеа македонски песни, ора и стихотворби. Тоа беа прекрасни настани, незаборавни доживувања и за мене, а уште повеќе за месното население. Нашите пирински браќа и сестри беа задоволни со она што го направи Георги Димитров за нив, а и за нас. Тие често велеа: “Ние сме Македонци, исто како и вие, па тогаш зошто да не сме заедно, во иста држава?” Никој од нив, како и од нас што бевме појдени во Пиринска Македонија за да ја шириме просветата и културата на македонски литературен јазик, не можеше ниту да помисли дека еден ден ќе дојде до она што дојде! Но, за жал, дојде до она најнесаканото, најлошото... Јас и некои мои колеги како да претчувствуваме дека нешто ќе се случи: пред да биде објавена Резолуцијата на Информбирото, бевме веќе заминале дома. По завршувањето на летниот одмор, јас се надевав дека одново ќе заминам за Белица. Но, уследи онаа сурова стварност и тоа не беше можно, зашто во Пиринска Македонија одново почна големобугарската пропаганда да врши пресија врз Македонците да се откажат од својот идентитет. Но, сметам дека тоа е невозможно, иако се случува сето она што не требаше ниту да се помисли. Силата и колку да е голема не може да го откорни од серцата македонското чувство. Продолжува |