Среда, 02 Ноември 2022   
Со единство за обединета и самостојна Македонија

makedonska-nacija-1971

од архивата на „Македонска Нација“ – Год. 1, Бр. 4, Јули-Август 1971 год.

Со единство за обединета и самостојна Македонија

ВО КОПЕНХАГЕН СЕ ОДРЖА ВОНРЕДЕН КОНГРЕС НА ОСЛОБОДИТЕЛНИОТ КОМИТЕТ НА МАКЕДОНИЈА

Ние Македонците од една страна сме мал народ, а од друга, имаме многу непријатели кои сакаат или наполно да не’ уништат како самобитен народ, или пак да не’ држат во положба на подјармени и нерамноправни. Заради овие две причини самиот национален опстанок на нашиот народ бара од него единство и сплотеност, бидејќи само така тој ќе може да се запази како нација и да издвојува за себе слобода и независност. Ова нешто важи и за Македонците кои живеат во туѓ свет како иселеници, политички емигранти или печалбари. Ние сме народ чија национална егзистенција се’ уште се негира и живееме распарчени во туѓи три држави. Тоа што нашата татковина е распарчена на три дела не е наша вина, жртва сме на балканските империјализми, но тоа што ние Македонците овде во туѓиот свет сме разделени и несложни, е голем наш грев спрема татковината и нацијата, голема наша срамота. Нашиот народ внатре во татковината го разделуваат волчји јами на внатрешните граници, но ние Македонците што живееме овде во туѓиот свет како слободен дел од нашата македонска нација, одамна требавме да се запрашаме: што е тоа што не разделува. Што е тоа што му пречи на нашето национално единство?

Причините за разединувањето и неслогата на Македонците во странство се повеќе, ние ќе спомнеме овде само некои од нив:

- ропските времиња, странските господарења со сите нивни методи на угнетување кои имаат за цел да ја убијат верата на Македонецот во правда и слобода и да ја ослободат моќта на македонскиот народ, се врежале и во нашиот менталитет и не’ пратат и овде во туѓиот свет. Странските угнетувања во Македонија се раководат по стариот лозунг: „Раздели на владај!“ и за постигањето на оваа цел тие се служат со севозможни подлости да кренат Македонец против Македонец. Затоа не е чудно што и Македонците кога се најдат во странство гледаат со недоверба еден во друг иако сите горат во пламенот на македонското родољубие;

- странските угнетувања во Македонија причина се и за тоа што многумина Македонци надвор во туѓина се плашат национално и политички да се активираат како Македонци, а минуваат за „Грци“, „Бугари“ или „Југословени“. Тие се плашат од репресалии врз своите фамилии кои останале внатре во татковината или пак се плашат дека кога ќе се вратат назад да не бидат затворени од грчкиот, бугарскиот или југословенскиот режим. Оваа психоза или страв постојано ја распламнуваат среде Македонците во странство конзуларните претставници и други агенти на Грција, Бугарија и Југославија.

- странските пропаганди во Македонија кои на македонскиот терен се распламнаа уште во втората половина на минатиот век и кои сеуште траат, неможеа а да не остават трага и среде македонското иселеништво, особено среде она постарото. Еден дел од македонското иселеништво, навистина мал, но не за потценување, е организиран во бугаромански и гркомански организации. Овие заблудени Македонци истапуваат во надворешниот свет како „Бугари“ или “Грци’ од Македонија и со тоа во надворешниот свет сеат заблуда и измама по односот на националната припадност на нашиот македонски народ;

- сепак, огромното мнозинство од македонското иселеништво не се подаваше на заслепувачките пропаганди на балканските националисти и си остана верно на својот македонски национален бит. Ова нерасклатено македонско национално сознание на нашето иселеништво доби силен поттик за расцут во годините по Втората светска војна од победата на македонскиот национален идеал во едниот дел од македонската татковина. Признавањето на националната самобитност на македонскиот народ и државноправното конституирање на Вардарска Македонија го закрепна националното сознание на македонското иселеништво во Австралија, Канада и Америка и му даде инспирација и тоа да се организира на национален план во свои национални цркви и културни домови кои влегуваат како составен дел на афтокефалната Македонска православна црква. Преку Австралиско-Канадско-Американската епархија на Македонската православна црква македонското иселеништво одржува врска со својата стара татковина и го живее духовниот живот ба својата македонска нација.

Надвор од црквата, но во теска соработка со неа, македонското иселеништво во Америка, Канада и Австралија ја создаде својата културно-просветна национална организација United Macedonian. Ова македонска национална организација според својот Статут е културно-просветна организација, но во својата суштина таа е длабоко политичка, бидејќи како македонска национална организација таа му пружа на македонското иселеништво национален културен живот, а едновремено таа ги демаскира заслепувачките пропаганди на балканските националисти и ја репрезентира македонската национална самобитност во надворешниот свет. По тој начин United Macedonian како национална појава во животот на македонското иселеништво е голем прилог во напорите вистината за нашиот народ да си пробие пат во светот. Меѓутоа, ова културно-просветна организација на македонското иселеништво по односот на судбината на старата татковина е аполитичка, таа не развива политичка работа за ослободување и обединување на распарчена и поробена Македонија. Како типично иселеничка организација United Macedonian одржува добри врски со оној дел од македонската татковина што е денес конституиран во македонска национална република Вардарска Македонија. Овие врски на United Macedonian со старата татковина се причина што на многумина Македонци оваа национална организација на македонското иселеништво им изгледа како организација на денешниот режим во Скопје и ја сметаа за „пројугословенска’ и „протитовистичка“. Ние сметаме дека овие обвинувања се депласирани. United Macedonian како културно-просветна организација му е потребна на македонското иселеништво бидејќи таа го организира и збогатува националниот живот на Македонците во прекуокеанските земји. А оној македонски патриот кој сака политички да се бори за ослободување и обединување на Македонија, нека тоа го прави во редовите на некоја македонска политичка или револуционерна организација.

Таква македонска национална политичка и револуционерна организација, наполно независна од денешниот режим во Вардарска Македонија, и било од кој друг, е Ослободителниот Комитет на Македонија, создаден во 1962 година, со седиште во Скандинавија. Оваа македонска национална организација беше создадена со цел да го прибере и обедини под заедничко знаме борбениот дел од македонската емиграција и иселеништво, да ги организира и предводи сите оние синови и ќерки на македонскиот народ кои се спремни да се борат за остварување на илинденскиот идеал на нашиот народ. Нешто повеќе: Ослободителниот Комитет на Македонија не беше создаден само како организација на македонската емиграција и иселеништво, туку главната причина за неговото создавање беше тој да се развие и внатре во Македонија како илегална револуционерна организација, како една врста нова Внатрешна Македонска Револуционерна Организација (ВМРО). Со еден збор Организацијата беше создадена со намерата таа да стане едно широко национално движење кое во своите борбени редови ќе ги сплоти сите борбени снаги на македонскиот народ во работата и во борбата за остварување на неговите илинденски идеали. Со својата национална и илинденска идеологија, со својата Политичка платформа која е исградена врз денешната македонска политичка реалност, Ослободителниот Комитет на Македонија за едно релативно кратко време најде поддршка кај многу македонски патриоти од редовите на македонската политичка емиграција и иселеништво, како и среде Македонците кои се напѓаат на привремена работа во странство. Преку последниве, а и по други илегални канали, Ослободителниот Комитет на Македонија својата идеологија успешно почна да ја пренесува и внатре во поробена и распарчена Македонија. Националната дејност на Ослободителниот Комитет на Македонијабеше особено топло поздравена од македонската интелигенција внатре во Македонија. Многумина македонски интелектуалци внатре од Македонија почнаа да ја насрчуваат националната дејност на Ослободителниот Комитет на Македонија и со дела почнаа да ја покажуваат својата спремност да работат за идеалите на Организацијата и покрај сите рискови што ги повлекува со себе учеството во една илегална политичка дејност. Со здобивањето на соборци среде македонските печалбари и својот продир внатрешно во Македонија, Ослободителниот Комитет на Македонија почна да израснува во семакедонско национално движење за обединување на распарчена Македонија во самостојна македонска држава, а не само како емигрантска или иселеничка организација.

Политичките успеси што ги постигна Ослободителниот Комитет на Македонија, како и неговото израснување во современо македонско политичко движење, не можеше а да не го пробуди вниманието и злобата на јавните и маскираните непријатели на македонското национално обединување и ослободување. Организацијата уште своите први чекори се судри со неколку организирани клеветнички кампањи што ги поведоа против неа во прв ред „македонствујуштите“ на Софија и Белград. Бугароманите на стариот бугарски слуга Ванчо Михајлов се запрегнаа да шират клевети како Ослободителниот Комитет на Македонија бил рожба на југословенската политичка полиција УДБ-а, како луѓето во него биле „комунисти“ и „титовисти“. Во исто време „македонствујуштите“ од Скопје кои на Југославија и’ служат како послушни орудија, развија среде македонското иселеништво и среде новото македонско печалбарство силна клеветничка кампања во која Ослободителниот Комитет на Македонија беше прикажуван како „фашистичка“ организација, а луѓето во него како тајни и платени агенти на бугароманот Ванчо Михајлов, кои со маскирана работа работеле на цепење на националното единство на Македонците во надворешниот свет. Така, Ослободителниот Комитет на Македонија се најде под ударите на две силни, материјално богати пропаганди, кои со своите вешто оркестрирани пропаганди не можеа а да не пежнеат извесни успеси. Под ударите на овие клеветнички кампањи кои често се служеа со заплашувања со убиства, а кои и направија и неколку физички напади на некои од истакнатите дејци на Организацијата, некои од раководителите на Ослободителниот Комитет на Македонија паднаа во деморализација и решија да се повлечат во „мирен живот“. Со своето пасивизирање овие луѓе во извесна мера ја пасивизираа и работата на Организацијата на теренот каде што работеа.

Не помала штета Ослободителниот Комитет на Македонија претпе и од болните „водачки“ амбиции на некои од неговите дејци кои со тоа направија фракционерство во Организацијата. Непријателите на македонското национално единство знаеа вешто да ја искористат оваа суета за своите цели и ги распалуваа болните амбиции на овие суетни луѓе. Така дојде до жалосниот факт што Организацијата еден ден се најде со две „легитимни“ раководства и две одделни печатени изданија кои поскрупулозно си ги трошеа снагите во меѓусебни расправии и караници. За среќа, членството на теренот и сите оние македонски патриоти кои искрено со чисто срци му беа пришле на националното дело, останаа верни на програмата и на целите на Ослободителниот Комитет на македонија и упорно бараат сите лични амбиции и суети да се остават на страна и во врвот на Организацијата да се постигне монолитност и единство. Благодарение на овие искрени патриотски снаги Организацијата за целото време на фракционерската срамота не изумре на теренот, откаде постојано се дигаа гласови за измирување и за создавање на ново единствено раководство на Ослободителниот Комитет на Македонија. Од друга страна, многумина од луѓето што на еден или друг начин, волно или неволно, беа вовлечени во фракционерството, согледаа колку е тоа штетно за Организацијата и за македонската национална кауза во целина, па братски пружија рака за измирување и за постигање на единство. Водени од тоа чувство и сознание, овие дејци им се придружија на политичките работници од теренот во нивната акција за издавање на списанието „Македонска Нација“, кое си постави задача да работи на обединување на сите македонски патриотски снаги. Топлиот и широк прием на „Македонска Нација“ меѓу Македонците во странство и внатре во Македонија уште повеќе ги насрчи активните борци на Организацијата во нивните настојувања и барања за избирање на едно единствено и монолитно раководство на Организацијата. За таа цел, на 30 мај 1971 година беше свикан во Копенхаген, Данска, вонреден Конгрес на Ослободителниот Комитет на Македонија. Конгресот се одржа на закажаната дата со присаство на делегати од Шведска, Данска, Германија. Белгија, Франција и од други европски земји каде што има Македонци. Во работата на Конгресот дадоа свој епилог и Македонците од прекуокеанските земји, кои поради материјални и други причини, не можеа да дојдат во Копенхаген, но на свои собранија избраа свои претставници во Централниот Комитет на Ослободителниот Комитет на Македонија.

На вонредниот конгрес во Копенхаген покрај делегатите што се политички емигранти, присаствуваа и претставници на новото македонско печалбарство, но по оправдани причини, во новоизбраниоет Централен Комитет на Организацијата беа избрани само дејци кои имаат статус на политички емигранти.

Вонредниот конгрес направи извесни дополнувања и прецизирања во Политичката платформа и во Уставот на Организацијата. Вонредниот конгрес реши идниот редовен конгрес на Организацијата да се одржи летото 1973 година, до кога важи и мандатот на новоизбраниот Централен Комитет.

Вонредниот конгрес реши списанието „Македонска Нација“ да стане негов официјален орган. Списанието во иднина ќе се редактира од Редакциски колегиум чии членови ќе бидат назначени од Централниот Комитет на Организацијата и ќе бидат одговорни за својата работа пред него.

Централниот Комитет на Организацијата своето седиште го има во Данска каде што живее неговиот претседател, заслужниот македонски деец г. Димко Нечевски. Адресата на Централниот Комитет е:

Osloboditelen Komitet na Makedonija
Box 31
2750 Ballerup
DANMARK





Со единство за обединета и самостојна Македонија -

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.