|
|
Писмо на грчкиот војник за убиството и храброста на Мирка Гинова |
(Ениџе-Вардар, 26 јули 1946) „Господине Коста… родител сте и ова што ќе ви го соопштам многу ќе ве ужали... Од денес наутро во 6 часот Ирина, за жал, престана да живее. Ви честитем што сте одгледале и воспитале таква ќерка. Смртта ја пречека храбро, со насмевка на усните и пеејќи, поради тоа што сите што бевме присутни и се восхитувавме. Во 5,30 часот се доближив до неа и ја прашав, дали би сакала да им напише нешто на своите. Таа ми одговори, ако имам благородно чувство на добрина да му го напишам на татко и следново: „Умирам чесно, а не не-чесно за нешто во што поверував - за подобар живот на другите, а не за мојот… ( тој дел е оштетен, н.б.). Вие таму ќе прашате и ќе ви го покажат нејзиниот гроб. (Јунакот Мирка). Ова имав да ви го напишам и барам извинување од вас за жалоста што ќе ја предизвикам кај вас… Јас ве поздравувам како војник што имав среќа да се најдам како набљудувач на овој многу жалосен настан на денот и имам пријатно задоволство што ќе ви ги пренесам последните зборови на незаборавната Ирина, која стана насекаде позната со името Мирка. За жал, грешката во која падна таа беше многу тешка, поради што и нејзината татковина и изрече таква казна. Сепак, таа отиде многу задоволна од овој мачен свет, велејќи дека еден ден мора да умре, умре сега. Мајка на Ирина, знам дека ќе плачеш, но не наоѓам утешни зборови да ви напишам, бидејќи утешни зборови не постојат за една мајка што го изгуби своето чедо.
Здраво”
ДАРМ, ф: Егејска Македонија во НОВ,кут. 19/174; Ристо Кирјазовски, НОФ и другите организации на Македонците од Егејска Македонија (1945-1949), Култура, Скопје 1985, стр. 88-89 |