|
|
Рајхштатска спогодба - 1876 г. |
Источното прашање е европскиот дипломатски термин со кој се означува проблемот на Отоманското политичко наследство. Во периодот кога е доведено во прашање опстанокот на Османската империја кон крајот на XIX век се отвара прашање на поделба, заграбување и контрола на територијата под администрација на Османлиите. Со други зборови, станува збор за териториите во југоисточна Европа, Блискиот Исток и Северна Африка. Во тој контекст интересни се размислувањата на Големите сили кога е во прашање Румелија, односно Македонија. Всушност под Румелија, Османлиите отпрвин ги подразбираат заземените територии. Потоа под овој назив се подразбирал поголемиот дел од европска Турција, во кој влегувала и Македонија. Со воведување на новото административно уредување во државата, од 1864 година овој назив официјално се губи, но сепак останува во употреба. Со цел да ги заштита своите интереси при решавањето на Источиата криза, некои сили презеле дипломатски иницијативи. Меѓу нив, „најзаинтересирани“ биле Русија и Австро-Унгарија. За таа цел за време на средбата на суверените на двете земји во Рајхштат, Чешка, на 8 јули 1876 година била донесена спогодба, со која се предвидува создавање независни држави, односно кнежевства Бугарија, Румелија (односно Македонија) и Албанија. Така во руска варијанта на Рајхштатска спогодба се вели дека „ ...Ако најпосле поради успехот на христијаните настапи полн разгром на Османската империја во Европа, Бугарија и Румелија, би можеле да формираат независни книжевства во своите природни граници...
За разлика од руската, во австриската варијанта стои дека „ ... Босна, Румелија и Албанија ќе можат да станат автономни држави...“ За да го добие „неутралитетот“ на Австро-Унгарија во случај на војна со Османската империја царска Русија заклучила дополнителна тајна конвенција во Будимпешта на 15 јануари 1877 година. Во ова дополнителен дел на руско-австро-унгарска тајна конвенција во членот 3 се вели дека „ ...во случај на територијални промени или на распаѓање на Османската империја се исклучува создавањето на голема сплотена словенска или друга држава; напротив, Бугарија, Албанија и останатата Румелија (во чиј состав влегувала и Македонија) би можеле да станат независни држави... Нивните величества констатираат дека не сакаат никакви промени во овие предлози и одново ја изјавуваат својата желба да ги зачуваат како основа за својата натамошна политика. Со членот 4 тие како „Високи страни потписнички се задолжуваат да ги чуваат како тајна условите на оваа конвенција...“ Во источната криза одредени интереси покажуваат ослободените Србија и Грција, како и бугарските стопанственици, чија територија се` ушта се наоѓа под Отоманска администрација. Грција која на почетокот има аспирации спрема Епир и Тесалија, во овој период се повеќе ги искажува своите интереси кон Македонија. Србија која на почетокот била заинтересирана за Стара Србија, исто така почнува да ги покажува своите претензии према Македонија. Во целата ситуација не остануваат подалеку ни бугарските стопанственици, кои иако се` уште се борат за ослободување на својата земја јасно ги покажуваат своите намери кон Македонија. Во 1873 година тие ќе изјават дека имаат потреба од излез на „Бело Море“. По извршениот колеж на конзулите во Солун, повторно доаѓа до заострување на источната криза. Во отоманското царство биле извршени уставни реформи, а големите сили преку своите амбасадори во Цариград кон крајот на 1876 и почетокот на 1877 година се обидоа да воведат некои реформи со надеж дека ќе ги смират немирните балкански провинции. За таа цел се одржа Цариградската конференција која на Портата и предложила да донесе одлука за формирање на две автономни провинции на Балканот, кои би ги опфатиле Македонија и Бугарија, а кои би биле под контрола на Големите сили. Меѓутоа, Портата ги отврлила овие предлози. Во овој период бугарските претставници доставиле предлог до конференцијата во кој се бара да не се формираат две автономни држави, туку една, во која би била вклучена и Македонија. Тие сметале дека формирањето на две држави не е решение, бидејќи во македонскиот дел подоцна би се проширила „сепаратистичката идеја“, па во иднина тешко би се остварила идејата за единствена бугарска држава. Отфрлањето на одуките на Цариградската конференција од страна Портата, предизвикала заострување на кризата. Сето тоа ќе доведе до усогласување на дипломатската иницијатаива на Русија и Австро-Унгарија со склучување на тајната конвенција, со која меѓу другото Австро-Унгарија го добива правото да ја окупира Босна и Херцеговина. И во оваа, како и во Рајхштатската спогодба јасно се гледа дека се тежнеело за терторијални промени во случај на распад на Отоманската империја. Секоја од Големите сили имале свои интереси и план за завладување на „ослободените“ територии. Меѓутоа, инсистирањето на тајна клаузула, само покажува дека тие ги штителе сопствените интереси и повеќе сакале да се одржи статус – кво на Балканот. Подоцна кон овие одлуки воопшто не се придржувале. Сепак инрересно е да се напомене дека во Рајхштатската спогодба било предвидено создавање на независни држави, односно кнежевствата Бугарија, Румелија (Македонија) и Албанија. А во тајната конвенција, пак било предвидено да не се создава голема славјанска држава, туку само формирање на независни држави. (извор: Од минатото на македонскиот народ, Скопје, 1969, стр. 95 – 97; Документи, Том I, Скопје, 1981) |