|
|
Убиството на македонскиот крал Филип II |
Филип II бил творецот на најсилната држава на Балканот, голем реформатор кој успеал да се наметне за хегемон на Хелените. Неговиот син Александар III Македонски ќе создаде нов свет на измешани култури, нова цивилизација -хелинистичката. Така тој ќе достигне достојно историско помнење на македонското име, наспроти цивилизираните Хелени, Египтјани, Персијци, Римјани. Македонската држава започнала брзо да се издигнува од средината на IV век п.н.е. Од мала земја на сточари и земјоделци Македонија станала силна балканска држава. Филип бил енергичен и многу способен владетел, голем војсководец и вешт дипломат. Спровел повеќе реформи за да ја зајакне македонската држава и водел многу војни за да ги прошири нејзините граници. Благодарение на одлично опремената и извежбана војска (познатата македонска фаланга), но благодарение и на способностите како војсководец, кралот Филип II водел успешни војни со своите соседи: Илирите, Хелените, Пајонците и Тракијците, а потоа, ги потчинил хеленските колонии на полуостровот Халкидик и северното крајбрежје на Егејското Море, како и богатата житница Тесалија. Големо значење имало освојувањето на Пангајската Гора во Источна Македонија, каде што се наоѓале богати рудници на злато. Експлоатацијата на Пангајските златни рудници му овозможила на кралот Филип II да започне да кова златни пари. Во подножјето на Пангајската Гора тој основал град и го нарекол по себе, Филипи. Со овие победи се прошириле границите на македонската држава. Кралот Филип II многу вешто ја искористил внатрешната криза на хеленските полиси и нивните меѓусебни борби и успеал да го прошири своето влијание и во Средна Хелада. Јакнењето на Македонија и ширењето на нејзиното влијание претставувале сериозна закана за Атина, бидејќи ги загрозувале нејзините интереси и нејзината хегемонија во хеленскиот свет. Филип успеал, со итрина и со пари, да придобие дел од населението во повеќе хеленски полиси и да создаде свои приврзаници. Во Атина се водела остра борба помеѓу приврзаниците и противниците на македонскиот крал. Првите го сметале Филип за спасител и обединител на Хелените, кој ќе ги поведе во војна против Персијците, а вторите во него гледале најголем непријател. Најголем противник на македонскиот крал во Атина бил Демостен, познат говорник и водач на демократската партија. Во своите познати говори против Филип II,наречени "филипики", Демостен го нарекува македонскиот крал туѓинец и варварин кој сака да ја потчини Хелада и да ја уништи слободата и демократијата на Хелените. Под водството на Атина, против Филип II била создадена силна коалиција на хеленските полиси. Во неа, покрај Атина влегле и Теба, Коринт, Мегара и некои други помали полиси. Решавачката битка помеѓу Македонците и Хелените се одиграла летото 338 година п.н.е. во рамнината близу до градот Хајронеја. Во битката дошла до израз генијалната тактика на Филип II и супериорноста на македонската фаланга. Со својата храброст во битката се истакнал и синот на Филип, Александар, кој командувал со левото крило на македонската војска. Битката завршила со катастрофален пораз на војската на хеленските полиси, предводена од Атина и Теба. По големата победа кај Хајронеја Филип II станал господар на Хелените и ги удрил темелите на македонската хегемонија во Хелада. За да ги уреди односите помеѓу македонската држава и хеленските полиси, Филип II свикал собир во Коринт во 338/337 г. со претставниците на хеленските полиси. На собирот учествувале сите хеленски полиси освен Спарта. Таму и` била објавена војна на Персија (најголемиот непријател на Хелените) и започнале подготовки за воен поход на исток, што требало да го предводи македонскиот крал. Меѓутоа, смртта го спречила да го оствари планираниот поход против Персија. Секако дека и претходно, но и потоа, во Античка Македонија имало убиства и атентати на кралеви и големи личности, но ниту едно по важност не може да се спореди со убиството на големиот и силен Филип II Македонски. Современиците и нивните прераскажувачи запишале дека во 336 година п.н.е., кралот Филип II паднал како жртва на атентатот на неговиот двор, токму на вториот ден од свадбата на неговата ќерка Клеопатра со братот на Олимпијада, Александар Епирски. Свадбата на Клеопатра била прославена во македонската престолнина Ајга (Еге), со особен сјај и помпезност. Кралот Филип II ги повикал од Хелада своите пријатели и познаници и пријателите на своите пријатели, сакајќи да ги прослави сите дотогашни победи. Очигледна била неговата желба пред што поголем број угледни гости да ја покаже својата благонаклоност спрема Хелените и со соодветни почести да добие докази за нивната преданост. Гозбата траела цел ден. Филип го овенчале со златен венец, не само поединци, туку и држави, меѓу кои и Атињаните. Биле организирани блескави игри и музички натпревари. За следниот ден биле предвидени гимнастички натпревари, а уштеод вечерта масите нагрнале кон театарот. Утрото тргнала свечената процесија во која, според Диодор, биле носени статуите на дванаесетте олимписки божества, изработени со големо умеење и богато украсени. Со нив, како тринаесетта, била носена и величествена статуа на Филип II на престол. Филип се појавил кога театарот бил полн. За да покаже пред Хелените дека е умерен во својата популарност, тој им наредил на своите телохранители да го следат од подалеку. Во моментот кога, заедно со сина си Александар, свечено влегувал во преполниот театар, додека сите се восхитувале на неговата моќ, одненадеж, со келтски меч во рацете, скокнал младиот Македонец Павсаниј (Паузаниј), и му задал смртоносен удар. Убиецот бил фатен и убиен од Филиповите телохранители Пердика и Леонат. Така овој весел настан бил претворен во трагичен чин. Бил убиен човекот кој во своето 24-годишно владеење ја создал најголемата сила што некогаш во антиката ја имало на Балканскиот Полуостров и отворил пат за уште пошироки дострели на неговиот наследник Александар III Македонски. Затоа, со право, Теопомп забележал дека Филип II бил "најголемиот маж што го имала Европа" до тоа време. Мотивите за ова убиство остануваат нерасчистени, и покрај некои толкувања и искази на старите историографи; дали Павсаниј го сторил од лични побуди, или организатор е некој друг, останува загатка, зашто причина за убиство имале повеќемина од домашните, но и од надвор. Доколку се определиме за тоа дека убиството на Филип II било дело на заговорници, остануваат сомнежите околу личностите кои го организирале заговорот, зашто нејасни и непрецезни се исказите на античките автори кои пишувале за Филиповата смрт - Диодор Сицилиски, Јустин, Аријан, Плутарх, Плиниј и Курциј Руф. Според официјалната традиција, запишана од Диодор Сицилиски, Павсаниј го извршил убиството на Филип за да се одмазди за личната навреда што пред извесно време му ја нанел Атал, а преку која Филип преминал молкум, несакајќи да му се замери на својот нов тешт. Имено, една година пред овој настан (во 337 г. п.н.е.) Филип се оженил со Клеопатра, младата ќерка на Атал. Но, во исто време се појавиле сомненија дека атентаторот бил само орудие на некоја заговорничка група, и тие сомненија никогаш не биле отфрлени. Посебно што Јустин и Плутарх се изјасниле дека Павсаниј бил наговорен да го убие Филип II преку посредници од Александар и неговата мајка Олимпијада. Покрај наведените верзии, античките автори оставиле изворни податоци и за други видувања за смртта на царот Филип II. Плутарх, на пример, соопштува дека убиството на македонскиот цар било одбележано во Атина со сеопшта веселба. Атинското собрание по наговор на Демостен дури донело одлука посмртно да се награди Филиповиот убиец. Курциј Руф и Аријан, пак,известуваат дека персискиот цар Дариј III со радост ја примил веста за смртта на Филип II. Затоа, некои обвинувања за вмешаноста на неговата жена Олимпија и на синот Александар за смртта на царот Филип II не се убедливи. Според искажувањето на Плутарх, таквите тврдења биле засновани врз сплетки и озборувања. Филип II никогаш не го лишил Александар од наследството на царскиот престол, поради што Олимпија и Александар немале мотиви за атентатот. Освен тоа, Филип II официјално не се развел од Олимпија и дури подоцна, преку женидбата на нивната Клеопатра со Александар Епирски дошло до извесно помирување меѓу неа и Филип II. Затоа, одредени автори, заговорот го бараат на друго место. Младиот атентатор Павсаниј, според известувањата на некои од античките автори, злочинот го извршил во соработка со други лица. Тоа, биле неговите тројца браќа - Арабеј, Херомен и Александар, кои потекнувале од аристократскиот род на Линкестидите во Горна Македонија. Фактот дека по убиството на Филип II, Арабеј и Херомен успеале да се скријат, до некаде потврдува дека постоел организиран заговор од страна на незадоволната македонска племенска аристократија на Линкестида и Орестида, чија независност ја ликвидирал Филип II кога и овие горно македонски области ги вклучил во рамките на македонската централизирана држава. Набргу, Арабеј и Херомен биле фатени и ликвидирани, додека третиот брат Александар бил помилуван откако ја признал власта на кралот Александар III Македонски. Останува прашањето: дали во лицето на Павсаниј и неговите браќа старата македонска племенска аристократија гледала свои ослободители од господството наложено од Филип II. Дали се надевале дека по неговото убиство ќе ја повратат независноста на нивните племенски држави? Исто така не можеме сосема да го отфрлиме и сомнежот за вмешаноста на Персија во заговорот против Филип II. Таа веројатно се надевала дека ќе дојде до внатрешни немири во Македонското кралство и со тоа ќе биде сопрен планираниот поход на Исток. Како еден од доказите за евентуалната вмешаност на Персија во заговорот може да се земе острото писмо што му го испратил кралот Александар III на персискиот цар Дариј III. Писмото било испратено подоцна, кога Александар III презел поход кон Исток и кога царот Дариј III молел за мир. Во писмото Александар ги обвинил Персијците дека го организирале убиството на татко му Филип. Ако е тоа точно, се претпоставува дека Персија тоа го сторила преку дипломатски канали во Атина, кога прибегнале кон поткупување на членовите на антимакедонската партија. Самиот Демостен добил голема сума. Освен тоа, не може да се отфрли ни претпоставката дека, на сличен начин, персиската дипломатија дејствувала и во Македонија, поткупувајќи ги противниците на Филип II. Денес е навистина тешко некој да се определи за една од верзиите. Подробностите со кои е забележан случајот на Павсаниј како да зборуваат во прилог на неговата автентичност, зашто во историјата се случувале многу атентати врз политички личности од лични мотиви. Од друга страна пак,причини за незадоволство, од еден владетел каков што бил Филип можело да има, и тоа кај разни луѓе, како од неговата најблиска околина, така и од старото племенско благородништво, кое тој го претворил во дворјани. Затоа, атентатот против Филип II во Ајга не можеме да го земеме само како личен акт на Павсаниј и неговите браќа, туку во него активно учествувале незадоволните аристократи од Горна Македонија, антимакедонската партија на Атина, а исто така и Персија. Во тој правец се приклонуваме кон тврдењето на Аријан дека заговорот против Филип II не бил лична одмазда на Павсаниј, туку на одредени сили заинтересирани за убиството на македонскиот цар. Младиот Македонец Павсаниј, чие име можеби никогаш немало да го запомни историјата, влегол во долгата листа на атентатори кои ќе ги испишат страниците на македонската историја, од древните Македонци до современата македонска нација. Дали можеме да си претпоставиме што ќе беше ако Филип го немаше силниот, упорен и со стремеж кон несовладаното, син Александар? Можеби ќе згаснеше Филиповата силна држава, можеби таа ќе останеше како еден од многуте краткотрајни блесоци од антиката. Но, Александар, продолжувајќи по стапките на својот татко, обезбеди бесмртност на Македонија, толку силна, што и самите Хелени кои ги презирале Македонците како варвари, во текот на идните векови почнале да го сметаат Александар за Грк, а Македонците за Грци. Тие погрешни историски толкувања беа ставени во реализацијата на грчката мегало-идеја од XIX век до најновото време. Сепак, сметаме дека не постои историска дилема и сосема е јасно дека со стапувањето на историската сцена на двајцата големи македонски кралеви - Филип II и Александар III настапува периодот на истрошеност на полисна Грција и триумф на Македонија. Победничката Македонија го превзема светот, но и светот ја превзема неа во мешањето на различностите и културите. Токму тоа мешање на културите преку распрснувањето на хеленската и македонската, им обезбеди бесмртност и вечна слава на двајцата велики Македонци. По смртта на Филип и Александар стариот свет не бил повеќе истиот, а двете цивилизации заедно со "освоениот" свет ја создале новата светска цивилизација хеленистичката. Од реформите на кралот Филип II посебно значење имале воената и финансиската реформа. Со воената реформа тој ја преуредил војската така што во неа најважна улога добила тешко вооружената пешадија, познатата македонска фаланга која претставувала најмоќна воена сила во тогашниот свет. Освен пешадија, војската се состоела и од коњаница која била распоредувана на левото и десното крило на фалангата. Била формирана и посебна кралска гарда. Филип II вовел во борбата катапулти, кои се применувале при опсадата на градовите. Со финанасиската реформа на кралот Филип II во македонската држава била воведена златна монета - статер. Филип е првиот македонски владетел што ковал златни пари. Пуштањето во оптек на златни монети имало големо значење за развитокот на македонската трговија и придонело за економското стабилизирање и издигнување на македонската држава. Македонскиге златни статери биле насекаде барани. Со тоа, биле создадени услови за јакнење и проширување на економското и политичкото влијание на македонската држава и надвор од нејзините граници. Така, на пример за да му се додвори на басилевсот Филип, а веројатно и поради своето искрено мислење (и надеж за обединување на хеленските полиси), Исократ ги напаѓа демагошките ретори од антимакедонската страна (пред се` мисли на Демостен), нарекувајќи ги "клеветници" кои озборуваат дека Филократовиот мир, на дело е војна, дека силите на Филип растат, но не во интерес на Хелада, туку токму против Хелада (за ова отворено говори Демостен во Филипиките) (Ана Шукарова, Филип II Македонски и атинските ретори,...,35). Демостен (384 година п.н.е. - 322 година п.н.е.) бил атински политичар и најславен говорник меѓу Хелените. Во политиката бил огорчен противник на ширењето на македонското влијание. Негови најпознати говори му биле "Филипики", напишани против Филип II и против политичарите во Атина кои ја прифаќале соработката со освојувачот. Така, во втората Филипика се наведува дека Филип го крши мирот и им носи гибел на сите Хелени, дека се заканува со голема воена сила на која Атина не може да се спротивстави, дека веќе нема граѓанин кој не чувствува страв од напредувањето и господството на Филип (не се плашат, алудира Демостен, само приврзаниците на Филип кои очекуваат да дојдат на власт) (Ана Шукарова, Филип II Македонски и атинските ретори, Три, ИНИ, Скопје 2003, 120). Бидејќи единствено Спартанците се спротивставиле на сојузот со Македонија, македонските војници, заедно со војниците на Аркадија, Месенија и Екида тргнале во поход против Спарта. Војските ја опустошиле Лаконија, но, мудриот Филип сакајќи да ја придобие наклоноста на Хелада и на историјата, непристапил кон уништување на градот Спарта кој заедно со Атина имал извонредно историско значење. Така, во случајот со Спарта, Филип применил вешта дипломатска игра. Тој свикал т.н. "тритејски суд" во којшто учествувале членови од цела Хелада со наводна цел да се реши спорот околу областите меѓу Спарта и нејзините соседи. Судот решил Спарта да ја задржи единствено областа на Лаконија, а териториите кои ги добила со војување биле вратени на Аргос, Месенија, Мегалопол и Тегеја. (Ана Шукарова, Филип II Македонски...,310). Ф. Папазоглу, Историја на хеленистичкиот период,..., 54; А. Шукарова,Филип II Македонски...„ 312-313. Види: Историја на македонскиот народ, том први, ред. Бранко Панов, Скопје 2000, 90-93. Историја на македонскиот народ, том први,..., 92. Александар III Македонски е роден во летото 356 година п.н.е. во македонската престолнина Пела, од мајка Олимпија, првата жена на Филип II. Бил ученик на Аристотел, генијален војсководец и вешт дипломат. Римјаните му го дале прекарот Велики. Рано бил вклучен во државните и воените работи на татко му. Бил македонски цар од 336 до неговата смрт на 13 јуни 323 гodina п.н.е. Учествувал во многу битки и походи на чело на македонската војска и создал царство кое се протегало од западното крајбрежје на Балканскиот Полуостров до Индија на исток, од Дунав и Црно Море на север, до Египет, Либија и Киренаика на југ. Тој не бил само освојувач, туку и творец на нов поредок. Неговите освојувања го смениле ликот на античкиот свет. Останал опишан од современиците поради неговата вонредна личност, молскавичен подем, блескаво владеење и сјајни победи. ПРЕДАВСТВАТА И АТЕНТАТИТЕ ВО МАКЕДОНСКАТА ИСТОРИЈА Автори: Виолета Ачковска и Никола Жежов, Скопје, 2004 год. |