|
|
Александар Македонски на мозаикот од Помпеја |
Откриените фрески и мозаици покажуваат дека жителите на Помпеја големо внимание му посветувале на украсувањето на ѕидовите и подовите на своите домови. Некои од нив се вистински ремек дела на уметноста кои и ден денес пленат со својата убавина. Ремек дело претставува мозаичкиот под во „Куќата на Фаун“, на кој е претставен Александар Македонски во битката кај Ис. На 24 август 79 година, по катастрофалната ерупција на Везув, беа уништени и затрупани со неколку метра висок пепел римскиот град Помпеја и рибарското место Херкуланум во покраината Кампања, во близина на денешен Неапол. Некогашниот град на Етрурците, Пелазгите и Самнитите, изграден на Осканската населба, а романизиран по првиот век пред нашата ера, по катастрофата во која загинаа повеќе од 10.000 жители, долго време беше заборавен. Истражувањата кои започнаа во 1748 година и кои со повеќе прекини се изведуваат до денешен ден даваат извонредна детална слика на животот на населението на Помпеја која во времето на ерупцијата го достигнала својот општествен врв. Зачуван и конзервиран под вулканската маса, тој е единствен антички град чија целосна топографска структура е позната точно каква што била. Во град кој е под заштита на УНЕСКО како дел од светското културно наследство, се наоѓа еден од највредните мозаици на кој е претставен Александар Македонски. Откриените фрески и мозаици покажуваат дека жителите на Помпеја големо внимание му посветувале на украсувањето на ѕидовите и подовите на своите домови. Голем дел се украсени со мозаици составени од илјадници ситни, разнобојни камчиња. Некои од нив се вистински ремек дела на уметноста кои и ден денес пленат со својата убавина. Врв на мајсторството во мозаичката уметност се сметаат фигуралните композиции кои сочинуваат цели сцени, чија основа ја чинат митолошка легенда или пак некој настан од античката историја. Слоевите пепел ги заштитиле од распаѓање уметничките дела, како и мозаиците во „Куќата на Фаун“. Недостижно ремек дело претставува мозаичкиот под во „Куќата на Фаун“, на кој е претставен Александар Македонски. Во куќата која археолозите ја именуваат по неоштетената фигура на косматиот бог на италијанските шуми пронајдена во атриумот, на четириаголна површина со димензии 5,12 м и 2,75 м, уметникот со околу 1,5 милион најразлични нијанси на бели, црни, жолти и црвени камчиња, составил широка сцена на која ја прикажува битката кај Ис од 333 година п.н.е. меѓу Александар Македонски и персискиот владетел Дариј III. Во развојот на својата композиција уметникот успева во метежот на битката реално да ги отслика карактеристичните црти на поедини ликови од кои се отчитува гнев и страв, како и да ја прикаже динамиката и жестината на борбата. Секако дека во композицијата на мозаикот доминира ликот на Александар Македонски, кој е претставен со разбушавена коса, испиено лице, но со очи од кои избиваат пламени искри. Додека Александер со копјето прободува персиски достоинственик, Дариј со изненадување ја гледа опасноста која му се заканува. Истовремено возачот на неговата бојна кола во паника ги камшикува коњите, а некој персиски кнез симнат од својот коњ ги држи уздите за да му овозможи бегство на својот господар. Во позадината на сликата исправено стојат шума од копја кои заканувачки делуваат и сведочат дека и покрај метежот на битката македонската фаланга ги сочувала своите редови и на Персијците им го претскажува страшниот пораз. Мозаикот на кој е претставен Александар Македонски се смета дека претставува верна копија на загубената слика на истакнатиот сликар Филоксен од Еритреја, кој живеел меѓу третиот и вториот век п.н.е. Куќата на Фаун или Casa del Fauno како што италијаните ја викаат, била изградена за време на II век п.н.е. и била една од најрепрезентативните приватни резиденции во Помпеја, во која биле сместени голем број уметнички дела. Името го добила по бронзената статуа на танцувачкиот римски бог Фаун кој го изедначуваат со богот Пан или со богот на виното и забавата Дионис. Според пронајдениот натпис куќата припаѓала на влијателно семејство. Појавата на ликот на Александар Македонски на мозаикот во „Куќата на Фаун“ претставува израз на длабоката почит кон македонскиот народ и неговиот син прогласен за бог, како и почит кон сето она што тие го направиле во минатото за античкиот свет. |