|
|
Македонското движење и српската пропаганда |
По обединувањето на Кнежеството Бугарија и Источна Румелија доаѓа до засилување на Бугарската пропаганда во Македонија. Српските владејачки кругови истакнале дека треба да се преземат енергични мерки за заштита на српските интереси во Македонија од налетите на Бугарите. Биле преземени активности на различни нивоа, а тоа вклучувало и придобивање на Македонците на страната на Србија, а македонските дејци биле подготвени пак за соработка со секој кој би можел да им помогне да се трасира македонската идеја. “ Српската националистичка пропаганда, со оглед на своите слаби позиции во Македонија, испратила свои најеминентни емисари со задача да ја проучат положбата во врска со натамошната дејност меѓу македонскиот народ. Во допир со македонскиот народ емисарите установиле дека националниот дух во Македонија стигнал до тој степен што и самиот Исус Христос да слезе од небото не може да го убеди Македонецот дека тој е Бугарин или Србин. Затоа српската пропаганда решила да ги придобие Македонците и преку нив да се загрозат интересите на Софија и да се подобрат позициите на Белград во Македонија. За да се постави бариера пред бугарските навлегувања во Македонија, Србите ја поддржале идејата дека: „најглавната работа е Македонија да се помакедончи“. Македонизмот како концепт бил дооформен од Стојан Новаковиќ. Тој сметал дека: српската пропаганда ќе постигне најголем успех ако на бугаризмот му го спротивстави македонизмот како етапа за сузбивање на бугарската пропаганда во Македонија. Тој оваа своја идеја и ја предложил во 1888 година на својата влада во Белград. Истакнувајќи: “ Бидејќи бугарската идеја, како што ни е познато, фати длабоки корени во Македонија, јас сметам дека речиси е невозможно сосем да се поколеба изнесувајќи ја спроти неа само српската идеја. Таа идеја, се плашам, нема да биде во состојба, како чиста и гола спротивност, да ја потисне бугарската идеја, па затоа на српската идеја ќе и биде помош некаков сојузник кој би бил остро против бугаризмот, а кој во себе би имал и елементи кои народот и народните чувства можат да ги повлечат со себе, отцепувајќи ги од бугаризмот. Тој сојузник го гледам во македонизмот или, во извесни мудро одбележани граници, во одгледување на македонскиот дијалект и македонската посебност. Нема ништо толку спротивно на бугарските тенденции како тоа. Со никого Бугарите не можат да дојдат во понепомирлива положба отколку со македонизмот. Со други зборови требало да се искористат патриотските чувства на Македонците против бугарската пропаганда и да се засилат позициите на Србите во Македонија. Уште во 1875 година во Белград на државна сметка бил објавен вториот речник на Ѓорѓија Пулевски, а со посредство на македонецот Димитар Алексиевич во 1879 година се започнало со издавањето на календарот Вардар. Овој календар бил пишуван на мешан српско-македонски јазик (галички говор), а преку него се настапувало против бугарската пропаганда во Македонија. Во 1886 година српска пропаганда во Белград стапила во контакт со Коста Групче, Наум Евро, Васил Карајовов и Темко Попов, преставници на Тајниот македонски комитет. Тие ја изнеле својата програма во која побарале: 1) Отстранување на Бугарската егзархија од Македонија, која е носител на бугаризмот 2) Истакнување на национален индивидуалитет на македонскиот народ на Балканот 3) Обновување на Охридската архиепископија како самостојна црква во Македонија 4) Воведување на македонскиот јазик во училишната настава и администрација во Македонија И покрај фактот дека програмата и противречела на српската националистичка програма, сепак српските пропагандисти таквата програма ја прифатиле сметајќи дека ќе ја легализираат својата дејност меѓу македонскиот народ и ќе го придобијат Тајниот македонски комитет. Под покровителство на српската пропаганда, дел од дејците на Тајниот македонски комитет во 1886 година го формирале Друштвото Србо-Македонци од Цариград. Во 1887 година во Цариград, Коста Групче и Наум Евро со посредство на српскиот дипломатски претставник Стојан Новаковиќ, од Великиот везир побарале издавање на Македонски лист. Весникот требало да се издава на чист македонски дијалект и би пропагирал дека: “ нашата татковина нема ништо општо со околните државички... и избегнување и строго предупредување од нивните интриги Меѓу другото на Великиот везир му било истакнато: “ ... откако се роди бугарското црковно прашање, со него се фрли семето на раздор меѓу христијаните - раја, кое и донесе големи несреќи на нашата татковина, а според интригите на туѓите пропаганди, бевме на најлоша среќа да ја примиме бугарската народност , којшто за нас Македонците е сосема туѓ ” Барањето не било прифатено од страна на Великата порта. Во учебната 1887/1888 година дошло до бунт во солунската гимназија. Поводот за бунтот биле политичките борби кој се воделе меѓу русофобите и русофилите во Бугарија, првите биле Стефан Стамболов, а вторите со Бугарската егзархија. Овие борби се пренеле во солунската црковно-училишна општина и во Солунската машка гимназија. Учениците овие борби ги искористиле да го постават прашањето за воведување на македонскиот јазик во наставата. Тие истакнале: дека не можат да работат на бугарски јазик, туку сакале да работат и да им се предава на нивниот домашен, македонски дијалект Поради овој бунт од гимназијата биле исклучени 38 ученика, од кои 14 седмокласници. Во овој бунт предводници биле Даме Груев и Петар Поп Арсов. До крајот на 1888 година во Белград се нашле 33 ученици од Македонија. Меѓу нив биле Даме Груев, Петар Поп Арсов, Христо Поп Коцев, Никола Наумов, Крсте Петков Мисирков и други. Во однос на школувањето во Белград, Даме Груев кој се нашол таму како ученик истакнува дека: “ Ние сами го бевме пробале дејството на таа пропаганда... Ни се вети стипендија и ни се даде. И тогаш јас со уште неколку македончиња отидовме во Белград. Тука можевме да ги согледаме српските намери бидејќи силно се грижеа да ни ја внушат српската идеја и да ни го наложат српскиот јазик, кое уште повеќе не раздразнуваше ” Затоа Петар Поп Арсов и Димитар Попов меѓу младите македонци почнале да агитираат против српската пропаганда. Поради тоа Димитар Попов бил исклучен. Меѓутоа во декември 1888 година дошло до нов бунт на чело со Петар Поп Арсов, Христо Поп Коцев и Никола Наумов. Поради таквата агитација тие биле исклучени, а во меѓувреме меѓу македонските ученици во Белград почнал да делува бугарскиот агент Минчович. Тој им ветил дека ако заминат за Бугарија ќе можат да дејствуваат врз македонска основа. Затоа набргу 34 ученика се нашле во Софија каде ја продолжиле својата агитација против пропагандите. И покрај сите обиди на српските пропагандисти да ги искористат Македонците сепак таквото делување на српската пропаганда имала позитивно влијание во развојот на македонското национално движење, а тоа го констатирал и самиот Стојан Новаковиќ во српскиот весник Отаџбина: “ Најпосле има уште една појава која не може да се испушти од предвид. Тоа е стремежот на Македонците да бидат самостојни, што бара пат по средина на сите погоре спомнати стремежи ( станува збор за пропагандите б.н). И овој стремеж почна да се буди, особено поради спротивностите меѓу бугарскиот и македонскиот говор, меѓу бугарскиот и македонскиот карактер од времето кога бугарската пропаганда почна претерано остро да удира по македонските особености во името на панбугаризмот ” Српската пропаганда не успеала да ја реализира својата намера, односно кога Македонците ја насетиле таквата позадина, тргнале по свој сопствен пат дистанцирајќи се од сите надворешни влијанија. Крсте Петков Мисирков во својата книга За македонцките работи истакнува: “ Мислата за национално обединување на Македонците, иако под маската бугарска, се зафати во 1890 г. Во крајот на 1889 год. се префрлија во Бугарија 30-40 души ученици и студенти Македонци од Белград во Софија. Тие ученици се душата на сите настани во Македонија оттогаш досега. Тие беа запознаени со Србија и Бугарија, со нивните култури и цели во Македонија. Тие и ја сознаа опасноста за дележ на Македонија помеѓу тие две држави - ако Македонците самите не се вооружат за да си извојуваат сами, со сви сопствени сили и средства слобода и со тоа да го предупредат дележот на Македонија. По нивна иницијатива во почетокот на деведесетите години се образува едно национално сепаратистичко движење со цел да се одделат интересите на Македонците од бугарските со издигнување на едно од македонските наречја на степен на литературен јазик за сите Македонци. Орган на тоа сепаратистичко движење на Македонците во Бугарија беше списанието „Лоза”. Но тоа духовно движење на Македонците не и’ се бендиса на бугарската стамболовска влада, којашто забрани да се издава „Лоза” и фати да ги гони Македонците сепаратисти. Од тоа уште време побегна Дамјан Груев, којшто беше во бројот на Македонците ученици што поминаа од Белград во Софија и во бројот на сепаратистите. Немајќи во Бугарија почва за национален сепаратизам, Македонците што пребегаа од Белград во Софија, се зафатија со образување на револуционерни организации во Бугарија и во Македонија. Видните Македонци револуционери сепаратисти, како Делчев, беа само ученици на првото поколение Македонци ученици српски и бугарски. Исто така и Сарафов и другите подоцнешни револуционери се јавија само како нивни продолжувачи и следбеници, но не иницијатори на револуционерната организација. Од самиот зафаток на револуционерната организација Македонците во Бугарија, или со бугарско образование, работеа под маската Бугари, едно затоа што така се викаше голем дел од населението, а друго, што по тој пат можеше да се добие поддршката на бугарската влада, на бугарскиот народ и на Бугарската егзархија. ” Извори Ванчо Ѓорѓиев, Слобода или Смрт, Македонското националноослободително дело во Солунскиот вилает 1893 - 1903 година, Скопје, Институт за историја - Филозофски Факултет |