|
|
Ферман на Султанот Селим III против корупцијата и злосторствата на битолскиот Aјан |
(Април 1803 година) „До уважениот везир, превисокиот мој советник, уредувач на светот... румелискиот валија, кога ќе стигне високиов царски знак нека се знае: Лицето под име Шатир заде Сеид Селим, жител на Битолската каза, кој полага право на ајанлак, по својата лакомост и корупција уште од 1210 година зема од сиромаштијата на Битолската каза, лично за себе, какви сака суми пари. Покрај тоа, тој стана претприемач на една третина од селата на казата, ги презеде врз себе правата на еснафите и други лица поради долговите на власта за разни набавки од спомнатите еснафи; даноците за издржување на поштенската станица кои паѓаат на селата, чиј е тој претприемач, веднаш ги распеределува и ги собира, па ги троши за свои лични потреби и недавајќи им ниедна аспра на еснафите ниту на поштенската станица, тој ги јаде и ги троши, со што го предизвикува испустувањето на еснафите и на поштенските станици. Тој за спроведување на неговата вродена страст прибира кај себе разни злосторници и под разни изговори врши насилства и го глоби населението, со што се нарушува редот и спокојството на сите. Иако со мојов висок ферман беше забрането ниеден Арнаутин да не премине во Румелија, во времето кога тој беше назначен од бившиот румелиски валија за кајмакам во Битола и кога се установи дека силни и многубројни арнаутски штетници тргнале од своите места со намера да ја нападнат Прилепската каза, колку и да вложи напори за одбивање на злосторниците, споме-натиов губеше време и го лажеше и го заплашуваше населението, упатувајќи го на спротивни страни, како последица на што разбојниците влегоа во спомнатава каза и се закрепија во неколку села. Исто така, кога требаше да се стапи во борба со разбојниците тој по никаков начин не го дозволуваше тоа, а им ги ограбуваше имотите и покуќнината на населението од селата што беа негови противници, дури едно село го изгоре, со што направи штета. И сега, во договор со штипскиот разбојник, насилникот Јусуф, кого со писма го излага и го натера да нападне, на чело на многубројни разбојници, на штипскиот ајан Алија, и се осмели да влезе во борба како бунтовник, но откако и направи голема штета на сиромаштијата, побегна не можејќи да даде отпор. Именуваниот нема друга грижа освен правење нереди во спомнатата каза и околните краишта и, правејќи по навика недостојни дела, се ќе упропасти. Со оглед на тоа ти заповедувам, тебе спомнатиот везир, бидејќи дрскоста на спомнатиот ајан за вакви глобења и испустување на населението е противно на царската ми волја, и бидејќи е нужен услов на правда и правичност да се додели пра-вото, враќајќи им ги на сиромаштијата сумите што по судски пат ќе се установат на товар од споменатиот, да се потрудите да се утврдат земените суми од сиромаштијата, било од годишниот данок, било од разни глоби, да се прегледаат и да се пресметаат и на судско рочиште во негово присуство и на тие што полагаат право да се установи и потоа тие суми да им се предадат на сопствениците, и потоа вистинската положба заедно со преписите од судските записници. Според тоа, вие, споменатите везир, мубашир и кадија, кога ќе разберете дека е спротивна на мојата царска волја дрскоста на спомнатиот ајан на ваков начин да го глоби и да го оштетува населението и дека е мое царско барање установените по судски пат долгови на сиромаштијата, побарувани од спомнатиот ајан, токму да се наплатат и да им се предадат на сопствениците, да побрзате...со ваша помош и по судски пат установените суми како од годишните даноци по распоред, така и оние од други глоби побарувани од сиромаштијата, да се прегледаат и да се пресметаат и во присуство на тужителите и на истиот, откако ќе се установат судски, да им се предадат на сопствениците и потоа вистинската положба заедно со преписот на судскиот за-писник да се достави на царската ми Порта. Да не дозволувате спротивно на мојата заповед и волја и не согласно со светиот закон, да се поништуваат правата на луѓето...”
Во Константинов град Напишано на крајот од месец Зилхиџе 1216 (средина на април 1803 год. од н.е.) Турски документи за македонската историја...,т.И , стр. 119-121; |