|
|
Писмо на В.Драмонд до Лордот Хоксбери |
ПИСМО НА В. ДРАМОНД ДО ЛОРДОТ ХОКСБЕРИ: ПОЛИТИКАТА ШТО ЈА ВОДИ ПОРТАТА Е СЛАБА И БЕЗНАДЕЖНА. ПАШИТЕ СЕ ВО ПОСТОЈАНА МЕЃУСЕБНА ВОЈНА, А СЦЕНАТА ОД НИВНИТЕ БЕЗРЕДИЈА ЈА ОСТАВА ЗЕМЈАТА ВО ПУСТОШ (Бујукдере, 7 јуни 1803 година) “Мој Лорде, По едномесечниот престој во ова место се чувствувам многу неудобно... Вашето Лордство лесно ќе увиди дека ова пред се’ се должи на огромното нетрпение на Портата да добие одговор на декларацијата што му ја испратија турските министри на лордот Елѓин, а не заради сомненијата што јас лично ги измислив за намерите што ги има Неговото Величество спрема оваа влада. За да се оневозможи оваа империја да стане плен на амбициозните потфати на Франција, не може а да не остане и натаму главен предмет на британската политика. Сегашната ослабеност на отоманската сила, сосем природно, го тера султанот да воспостави пријателство со Велика Британија како најцврста безбедност против махинациите на неговите отворени и тајни непријатели.... Еден општ поглед може да ја открие состојбата во Турција. Нејзините паши или управители на провинциите се многу понезависни од Портата одошто беа од круната големите барони во времето на феудализмот во христијанските земји. Овие паши, всушност, го признаваат султанот за суверен, а покрај тоа на неговите министри им даваат големи суми пари, но во своите провинции тие владеат деспотски и од отворен бунт ги спречува само меѓусебната недоверба, а никако љубовта спрема својот владетел. Политиката што ја води Портата, слаба и безнадежна, има за цел да ги разедини пашите, кои се во постојана меѓусебна војна, а сцената на нивните безредија ја остава земјата во пустош. Скоро цела Европска Турција претставува ужасен призор на безредие, бунтови и варварство. Ниту еден од пашите од оваа страна на Босфорот не е толку дрзок спрема Портата како прочуените Пазван-Оглу и Али-паша... Али-паша кој е управувач на Јанина е еден од најмоќните, а водено и најнепокорните поданици на Портата, под своја команда има најмалу дваесет илјади луѓе. За среќа на оваа влада тој е застрашен од Пазван Оглу, како и од делвинскиот и солунскиот паша, кои се негови ривали и непријатели. Портата има обичај да поставува извесни првенци на градовите и околиите, кои ги викаат ајани. За последниве години, румелиските ајани сосема малку му се покоруваат на султанот. Нивниот непосреден претпоставен се вика беглер-бег и тој насилник не е никој друг, туку страшниот Али-паша. Меѓу беглер-бегот и ајаните искрснаа некои расправии. Ајаните поднесоа жалба до Портата и уште минатата недела беглер-бегот беше сметнат со наредба издадена од Портата. Останува да се види како Али-паша ќе ја прими оваа заповед. Во меѓувреме солунскиот паша го поставија за беглер-бег на Румелија, а бившиот каирски паша доаѓа во Солун. Изгледа дека Азиска Турција, исто така се наоѓа во полна непокорност. Анадолија, поголемиот дел на Ерменија и Курдистан ги управуваат првенци, кои само формално ја признаваат власта на Портата. Сегашниот багдадски паша го уби својот претходник и султанот ја потврди неговата положба... Во Арабија изби алармантен бунт предводен од Вахаби... Тој веќе има многу следбеници и мора да верува во својата значајна моќ поради што ги повикал градовите Мека и Медина да ја отфрлат доктрината на исмаилиите... Ако се прифатат неговите идеи ќе бидат кобни по отоманската сила... Престолот на султаните сега го крепи само Коранот. Од нивните раце паднал мечот на Омар. Муслиманите што се осмелуваат да не се покорат на наредбите на Портата, се’ уште го почитуваат вишниот на нивната религија отелотворен во личноста на отоманскиот император. Би сакал посебно на Вашето Лордство да му ја изнесам ситуацијата во Египет... Вашето Лордство е веќе информирано за бунтот што го кренаа Албанците, преку писмата на г-дин Мисети... Додека Поратата одлучуваше какви мерки да преземе, ефенди бегот побара од мојот толкувач г-дин Писани да ме праша за моето мислење... Јас не пропуштив да му препорачам како треба да постапи, што може да се покаже ефикасно и смирувачки и да му ги посочи кобните последици што станаа по посетата на Себастијан на Египет. Жалам што морам да додадам дека турските министри кон сето обва се однесуваат со својата вообичаена небрежност. Издадени се наредби да им се исплатат парите на албанските трупи што тие ги барале, назначен е нов паша во Каиро и Портата верува дека сета опасност минала. Можеби е така, но ова претставува лош пример за одметничката војска и немил доказ за целата империја како и за слабоста на владата. Навистина, морам да признам дека ми изгледа дека Египет е изгубен за Портата, ако не дојде некоја странска сила да им помогне на Турците. Доколку ова не е спротивно со мислењата на обете влади, тогаш по секоја цена би препорачал да се замеша Велика Британија. Под претпоставка дека Турците ќе ни ги дадат Александрија и Росета... Како бази за британската војска... Многу добро знам дека муслиманите се раководат од општиот принцип, да не се обрнуваат за помош од туѓинци, уште помалку од христијани. Но неволјата честопати луѓето ги поучува да се опаметат кога не можат ништо друго да прават... Во меѓувреме од Египет ни пристигнаа вести во кои се тврди дека Албанците се вратиле, му ја отсекле главата на својот големец Тахир-паша и го вратиле Хупер-паша... Портата многу се радува на овие вести, но јас не верувам дека може да се верува на верноста на Албанците, кои се храбри но во целина недисциплинирани. Постојат многу причини да се верува дека Французите смислуваат напад на Мореа и Египет, според тоа мојата желба е на Турците да им се даде помош навреме...”
В. Драмонд”
ПРО-ФО 78/40. Туркеѕ. Друммонд. Маѕ то Дец.1803; Британски документи за историјата на македонскиот народ (1797-1830), т.И, Архив на Македонија, Скопје 1968, док.17, стр.16-19; |