Ставот дека по ликвидирањето на Македонската држава по 168 година п.н.е. Македонците продолжиле да егзистираат како народ задржувајќи ги своите етнички белези и традиции, долго остана игнориран. Прашањето за судбината на античките Македонци по пропаста на Македонското Царство во 168 г. пред нашата ера долго време беше обвиено со мистичност, што во голема мера беше резултат на занемарувањето на овој период од историјата на Македонија. Ваквата состојба имаше и политичка димензија, поради присутната тенденција во историографијата на поранешна СФРЈ заснована, меѓу другото, на односите Белград - Атина. Тоа доведе до акцентирање на словенството наспроти антиката во историографските трудови во СФРЈ. Обидот на Ф. Папазоглу („Македонски градови у римско доба“, 1959 г.) пред половина век да го иницира ова прашање, со констатацијата дека по ликвидирањето на Македонската држава по 168 година п.н.е. Македонците продолжиле да егзистираат како народ, задржувајќи ги своите етнички белези и традиции, остана игнориран. Воедно Папазоглу самата подоцна во извесна смисла упати на можна корекција на ваквиот став. Сепак, освен попатната констатација за континуитетот на Македонците по римското освојување на Македонија, во македонската и генерално во светската историографија отсуствува поспецијален научен третман и елаборација на прашањето за континуитет на античките Македонци во периодот од 4 до 6 век, рефлектиран преку нивната посведочена егзистенција во изворните сведоштва. Станува збор за историски период, во кој се редефинираа политичко-идеолошките односи меѓу Истокот и Западот, а кој претходи на реконфигурацијата на констелацијата на регионот на Балканот со населувањето на Словените. Сето тоа ја наметнува потребата од сеопфатна историска анализа на изворните сведоштва за периодот 4-6 век, во кои неоспорно се евидентирани античките Македонци како доминантен етнички елемент во Македонија. „Гледам како ја прошируваш твојата власт до Илирик и земјата на Македонците“, пишува Сидониј Аполинариј, во панегирикот посветен на западниот император Антхемиј во Рим во 467 година. Портретирањето на политичко-територијалниот опсег на Византиската империја на Балканот во средината на 5 век од страна на Аполинариј, сосема јасно е проследено со перцепцијата за посведоченото егзистирање на Македонците и нивната идентификација како жители на Македонија. Ваквото поимање за Македонија го споделуваат и повеќето автори од грчка и латинска провениенција во периодот од 4 - 6 век, кои при политичко - географското и религиското дефинирање на територијата на Македонија го употребуваат и терминот Македонци во етничка конотација. Анализата на изворните сведоштва на авторите од посочениот период упатува на тенденцијата за прецизно територијално разграничување на Македонија во етничка смисла, компарирано со соседните територии. Ваквата состојба е одразена во црковната историја на Созомен, кој констатирајќи ја договорната поделба на територијата на Империјата помеѓу со-императорите Константин 1 и Лициниј во 317 година, меѓу другите народи на Балканот ги наведува и Македонците. Тоа Созомен евидентно го прави во контекст на идентификувањето на територијата на Македонија која била инкорпорирана во политичката сфера на западниот император Константин 1. Дека кај авторите од периодот 4 - 6 век постои јасна перцепција за етничката констелација во Македонија, сведочи и тенденцијата за конкретно дефинирање на природните географски премини, како граници на етничко раздвојување на Македонците од Тракија и од Тесалија. Етничката идентификација на Македонците и нивната директна поврзаност со територијата на Македонија, е содржана и во поемите на Клавдиј Клавдијан. Конкретизирајќи го правецот на движењето на источната војска до Тесалија кон Константинопол по смртта на императорот Теодосиј 1 во 395 година, Клавдијан посочува дека откако „војниците ги напуштија земјите на Хемонија, ги достигнаа границите на Македонците и се приближија до твоите ѕидини, о Солун“! Ваквиот опис на Клавдијан го одразува неговото јасно поимање за јужните географски и етнички граници на Македонија со Хемонија, која генерално претставува термин за идентификација на територијата на северна Грција, односно Тесалија. Во податокот мошне илустративно е прикажано дека по напуштањето на Тесалија се преминувале „границите на Македонците“, односно се навлегувало на територијата на Македонија. Етничката идентификација на Македонците со територијата на Македонија е присутна и при описот на походот на Готите во Македонија. Имено Клавдијан наведува дека готските војници лесно ги поминале реките Стримон и Халиакмон и дека „Македонецот е зачуден што недостижниот дури за облаци Олимп, е преминат како поле“. Покрај политичко - географското разграничување на Македонија во етничка смисла, кај авторите од рановизантискиот период може да се забележи и тенденцијата за идентификација и издвојување на Македонците во религиска конотација. Генералниот контекст кој преовладува кај црковните историчари во однос на религиските случувања на Балканот, ја одразува цврстата приврзаност и определба на Македонците кон Никејската догма. Созомен, на пример, ги посочува Македонците меѓу народите кои благодарение на императорот Константин 1 уште во втората половина од 4 век, слободно можеле да ја почитуваат христијанската вероисповед. Созомен, заедно со останатите црковни историчари, како Сократ, Теодорит Кирски, Евсевиј врз чијашто перцепција во голема мера се заснова денешното поимање на тогашните религиски односи, ги наведуваат Македонците како доследни приврзеници на вероисповедта утврдена на Никејскиот Вселенски собор во 325 година. Примерот со протерувањето на епископот Павле од Константинопол во 340 година, по наредба на императорот Констанциј 2 и неговото присилно заминување во Солун - метрополата на Македонија, со „забрана за преминување на било кој одел од источната Империја“, имплицира дека во овој период, покрај политичко-територијалното, постоело и строго религиско разграничување помеѓу Истокот и Западот, во согласност со различната определба кон Аријанството и Никејската вероисповед. Религиската граница формално била утврдена по црковниот собор во Сердика во 343 и истата се протегала по должината на линијата на раздвојување помеѓу Македонија и Тракија, а се задржала до крајот на 4 век. Оваа политичко- идеолошка граница кореспондирала со идентификуваната етничка граница помеѓу Македонија и Тракија.
Превземено од ТВ Сонце |