|
|
Јана Наумова – Мајка на херој |
Jaна Наумова мајката на Стив и Ѓорѓи Наумови, иако не знаела долго време за судбината на своите деца, неизвесноста ја терала секој ден да мисли на нив. Во тие неизвесни моменти на исчекување, ја обземале најтешки мисли. Мајката секогаш предосеќа за своето чедо но останува цврста и силна да ја дочека и најтешката вест. “Иако ништо не знаев за Стевче и Ѓорѓи откако го видов оној сон јанза ме јадеше како што и ме изеде. На сон, сум се нашла кај еден вир во Дихово. На мостот горе беше Стевче. Одозгора онака висок и убав слечен гол се фрли од мостот во вирот. Гледам долу во дното на вирот потонат, пропаднат, бел, чист, но потонат. Многу ми беше чист. По него се фрли Ѓорѓи да го вади, но и тој остана на дното. Цела потресена се разбудив и се тешев дека е тоа само сон. Мина доста време оттогаш ама тој сон не можам да го заборавам. Ми отидоа двата соколи. Многу ми е тешко кога ќе дојдат празници и кога децата од училиште ме прашуваат за Стевче. Тогаш ми идат на ум сите мои копнежи за него па оној кобен сон и се што стана после тоа. “ Додека татковината не беше ослободена и додека се водеа тешки борби ширум целата земја единиците на НОВЈ, прераснуваа во поголеми поискусни. Тие единици го следеле примерот на храбрите борци што загинаа во текот на Револуцијата меѓу кои и Стив Наумов. Така на 11.11.1943 година бил формиран Баталјонот кој го носел името на Стеван Наумов- Стив. Името на Стив, неговите храбри и смели дела секогаш биле прераскажувани. Стив станувал легенда. Неговиот животен пат ги инспирирал борците и уметниците. Опеан во песните со голема тага и наречен легенда над легендите. Во една од песните испеана за Стив и Мите Богоевски се вели: “Тогаш Стив Наумов, жив не се даде, Жив не се даде, сам се отепа, Отворе бомба над неа легна Младост прежала за Македонија.“ За да не падне во рацете на бугарската полиција, Стив Наумов (роден во 1920 во Битола) се самоубива на 12 септември 1942 година кај селото Болно, ресенско. заедно со неговиот соборец и народен херој Мите Богоевски. Потоа бугарската војска ги изложила нивните тела во селото Болно за да ги распознаат роднините на Мите, при што двете тела биле фотографирани од страна на бугарската војска. Потоа двајцата биле закопани во близина на местото каде што загинале но бидејќи локалното население започнало да ги посетува гробиштата, бугарските војници ги откопале телата, ги оставиле покрај реката за да се распаднат а потоа ги однеле во непозната насока. По Втората светска војна, на партизанските гробишта во Битола бил подигнат гробот на Стив Наумов, но тој останал празен. Во алејата на партизаните се наоѓа и гробот на неговиот брат Ѓорѓи Наумов (1914-1942) кој бил обесен во скопскиот затвор. |