|
|
Историска позадина на Манифестот на привремената Влада на Македонија |
Во 1880 година, од 21 мај до 2 јуни, на планината Грамос (Гремен теке), Островско, приморскиот дел од Македонија, се одржало Национално собрание на Македонија со учество на 32 претставници од сите краеви на земјата. Собранието било свикано да ја разгледа политичката положба на земјата по Берлинскиот Конгрес и покажаната незаинтересираност на големите сили (вклучувајќи ја тука и словенска Русија) да ја присилат Османлиската држава да ја спроведе обврзувачката одредба од чл. 23 на Берлинскиот договор за давање посебен, автономен статус на Македонија, а како непосредна цел било поставено да се утврдат мерките и акциите за постигнување така поставената «националната цел». Собранието констатирало дека и по последните големи промени на Балканот, кога сите останати христијански народи се здобиле со национална слобода и државност; «Романија, Србија и Црна Гора, по силата на Берлинскиот договор од 1878 година, се здобиле потполна независност, а Бугарија, Источна Румелија и Крит, добиле граѓански права, единствено Македонија, која уште во древно време имала своја цивилизација, била лишена од секаква помош. По што Националното собрание «еднодушно решило» од владата на Османлиската држава и големите сили да бара «праведните барања на македонскиот народ да се исполнат со брзо применување на чл. 23 од Берлинскиот договор» за Македонија. Националното собрание избрало привремена Влада на Македонија «Единство», како извршно оперативно тело што ќе ги превземе потребните акции за реализирање на «националната цел»: создавање македонска државност. За постигнувањето на тоа било решено најнапред да се бара, по легален пат, право на автономија признато од големите сили и санкционирано со меѓународниот Берлински договор од 1878 година. Во случај владата на Османлиската држава да откажела да ја исполни превземената обврска, а големите сили не ќе превземеле мерки да ја присилат на тоа, «привремената Влада на Македонија» си зела за задача да го повика македонскиот народ на оружје, под паролата: „Македонија за Македонците“, за воспоставување на древна Македонија». Во март 1881 година привремената Влада на Македонија објавила Манифест испратен (со Протоколарното решение на Македонското национално собрание) до дипломатските претставници на големите сили. Во Манифестот се барало признавање правото и на македонскиот народ, како историски народ со богато и славно минато кој оставил траен белег во цивилизацијата на човештвото, да ја возобнови својата државност. Привремената влада апелирала и до прогресивното јавно мислење, до сите «слободољубиви луѓе, со благородни срца», да му притекнат на помошт на македонскиот народ во неговата борба за слобода. Со Манифестот привремената Влада на Македонија повикувала, пред опасноста татковината да биде распарчена од агресивните «околни народи», «гробари на големата и славна татковина», сите народни сили да се обединат под знамето на «единствена и обединета Македонија како единствен национален симбол». Бидејќи, само со единство можело да се смета да се извојува сопствената слобода, «тоа скапо наследство на народите». И со тоа да се обезбеди спасот на татковината. Владата предупредувала на опасноста од делба на Македонија и ново ропство што трајно ќе го спречело возобновувањето на македонската држава. Манифестот бил прогласен на 23 март 1881 во Ќустендил (денешна Бугарија). Бил испратен до сите дипломатски претставници во Битола, Солун и Цариград. Ова е еден од најважните акти донесени од Привремената Влада на Македонија. Еден од учесниците во Привремената влада на Македонија е и Леонидас Вулгаракис. Овој манифест се спомнува од Бугарскиот патријарх Кирил во книгата: Б’лгарската екзархија в Одринско и Македонија след Освободителната војна (1877-1878), vol. 1/1, Софиа: Синодално издателство, 1969, p. 461-466, 485. |