|
|
Кој е Велимир Прелиќ, а која Мара Бунева? Дилема или одговор! |
Помина уште една “контроверзна” панахида за “контроверзната” Мара Бунева. За среќа овој пат немаше инциденти, а немаше и некоја голема посетеност. Се` помина некако тивко и незабележливо. Провокациите од страна на одредени кругови, тука и во соседна Бугарија веќе не се толку интересни за македонската јавност. Поентата на мојов текст, не е каков е публицитетот на луѓето кои тука се изјаснуваат како Бугари, туку сакам само да поставам едно прашање во врска со случувањата од пред 82 години. Не сакам да навлегувам во полемики за тоа каква била Мара Бунева и поради кои причини го убила Велимир Прелиќ. Тоа го оставам на историчарите. Мене како Македонец ме интересира кој е Велимир Прелиќ? Што правел Велимир Прелиќ во Македонија? Прашањата во себе го кријат и одговорот на прашањето зошто Мара Бунева е навредувана и оцрнета како една од личностите во македонската историја кои ја имаат етикетата „контроверзни“. Дали сета омраза кон таа млада Македонка не е само создадена од инерцијата на омразата со која толку години беше труена македонската јавност. Мене лично не ме интересираат тие политички калкулации и манипулации со името на Мара Бунева. Мара Бунева е родена 1902 година во Тетово од мајка Ана и татко Никола. Основно училиште завршила во Тетово, а средно образование во Скопје. Таткото на Мара Бунева, Никола С. Бунев бил пријател на видниот публицист родум од Тетово, Матеја Геров и на познатиот д-р Никола Герасимов. Во семејството на Мара Бунева имало шест деца: Борис, Лазар, Мара, Надежда, Вера и Елена. По аферата со затворањето и судењето на македонските студенти во Скопје од страна на српските власти, во 1927 година, Мара Бунева во знак на одмазда на 13 јануари 1928 година извршила атентат врз српскиот државен обвинител Велимир Прелиќ, на кејот на реката Вардар, кај камениот мост во Скопје. Веднаш по атентатот, Бунева самата се застрелала за да не падне во рацете на српските окупаторски власти. На повредите им подлегнала ден подоцна, на 14 јануари. На атентатот што го извршила Мара Бунева врз Прелиќ му претходел голем судски процес на 20 македонски студенти во Скопје, кој побудил големо интересирање кај европската јавност. Судените биле членови на Македонската младинска тајна револуционерна организација, основана во 1923 година во Виена. Таа имала своја мрежа во Берлин, Грац, Лајпциг, Прага и Париз каде што студирале Македонски студенти. Истовремено, свои јадра создала и во Македонија, во Скопје, Штип, Велес, Прилеп, Битола, Крушево, Ресен, Крива Паланка, Куманово, Кратово, Берово, Струмица, Тетово, Радовиш и Неготино. Организатор на ММТРО бил Иван Бојаџиев од Велес, кој студирал во Виена. Се обраќам кон сите кои имаат барем малку отворени очи. Треба да му изградиме споменик на Велимир Прелиќ на Камени мост? Кога зборуваме за Гоце, Даме Јане, треба да го спомнуваме и Велимир Војвода? Треба да го правиме сето тоа за да може омразата кон Мара Бунева да има некаков основ? Треба да се направи нешто или поточно да се измисли и Прелиќ да ја заземе позицијата според која ние треба да ја негираме македонската хероина Мара Бунева? Колку од Вас драги мои беа таму во виорот на настаните па знаат кој каков бил? Читате историја и знаете дека историјата ја пишуваат победниците, а пак секој си ја толкува различно. Дали омразата кон Бунева е заради фактот дека “црниот ѓавол” на Македонското револуционерно движење Иван Михајлов ја дал наредбата за убиството на Прелиќ? Керин |